Фото: Радован Вујовиќ

Фоторепортерката на „Нова Македонија“, Маја Јаневска-Илиева, е една од 30-те жени претставени на изложбата „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ во улога на прва жена уредник на фотографија во печатен медиум во Македонија, која ја извршуваше во „Нова Македонија“.
Изложбата, која е посветена на жените што оставиле силен печат во македонската медиумска историја, ја сочинуваат 30 фотографии кои сведочат за нивната улога во зачувувањето и развојот на професионалните медиуми во земјава. Настанот го организираа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и женската медиумска мрежа „Еднаква“.

Фото: Андреј Јаневски

-Голема чест и одговорност е да бидам дел од изборот на 30 жени кои оставиле трага во медиумите во изминатите 80 години. Благодарна сум на организаторите на изложбата што го препознаа мојот придонес. Ова признание докажува две работи. Првата е важноста на професијата фоторепортер како рамноправен создавач на медиумскиот производ. Но, и потврдува дека во медиумите полот на работникот нема улога во успешното завршување на работните обврски. Веројатно сум најмладата меѓу избраните, што ми носи дополнителна обврска да го оправдам моето име тука. Продолжувам да работам и понатаму по етички и достоинствен пат, со надеж дека сум и инспирација за идните генерации фоторепортерки – изјави Јаневска-Илиева.

Маја Јаневска Илиева, родена во 1976 година, повеќе од 25 години го документира политичкиот, социјалниот, спортскиот и културниот живот во земјава и регионот. Таа е првата жена вработена како фоторепортер во Македонија, а во 2011 година стана и првата жена уредник на фотографија во печатен медиум, координирајќи го планирањето на весникот „Нова Македонија“ и работата на колегите фоторепортери. Иако е дипломиран инженер архитект, таа ги разви своите фотографски вештини преку долгогодишно практично искуство и учество на меѓународни работилници посветени на етика, безбедност и визуелно раскажување. Денес работи како фоторепортер за порталот на „Нова Македонија“.

Жените зад насловите: 80 години медиумска историја

Веселинка Малинска (1917-1987) – уредник на „Македонка“ и прва жена главен и одговорен уредик на весникот „Нова Македонија“. Прва жена директор на Радио Скопје и прва жена претседател на ЗНМ.

Ружа Бак (1923-1994) – Уредник на весниците „Единство“ и „Нова Македонија“, списанијата „Македонка“ и „Просветна жена“,  како и во Радио Скопје. Еден од основачите на Здружението на новинарите на Македонија.

Мелпомени Корнети (1952) – новинар во „Нова Македонија“ и МРТВ. Прва жена генерален директор на МРТВ.

Невенка Митревска (1942-2023) – прва жена аналитичар на надворешно-политички случувања и дописник за „Нова Македонија“ од Атина. Главен уредник на агенцијата „Макпрес“.

Лилјана Мазова (1946) – новинарка во културната рубрика на весникот „Нова Македонија“, театарска критичарка и публицистка.

Олга Поповска (1948) – новинар во „Нова Македонија“. Долгогодишен уредник на дописна редакција.

Жанета Скерлев (1959) – уредничка на надворешна рубрика во „Нова Македонија“ и главна уредничка на редакцијата на македонски јазик во Би-би-си.

Верка Аџигогова (1951-2005) – еден од оснивачите на „Вест“ и заменик главен и одговрен уредник, уредник во „Вечер“.

Јагода Михајловска-Георгиева (1959) – новинар и комунист на „Пулс“, „Екран“, „Студентски збор“, „Комунист“ и Телма. Добитник на повеќе награди на меѓународни фестивали.

Мира Костиќ (1952) – новинар на Македонското радио. Уредник на Пладневниот радио весник и репортер од повеќе воени жаришта.

Мира Јанковска (1940) – новинарка во Македонското радио. Надворешно-политички коментатор и уредник на Дневникот на Радио Скопје.

Лилјана Јаковлевска (1946) – коментатор и дописник на Радио Скопје и на „Нова Македонија“. Дописник на МТВ од Белград.

Оливера Попанкова (1925-2015) – спикерка и водителка во Македонското радио. Учител на голем број генерации на спикери во МРТ.

Милка Герасимова (1938-2021) – тон мајстор, инжинер на звук во Радио Скопје. Снимателка на тон на албумите на Леб и сол, Бјело дугме, Александар Сариевски.

Гордана Стошиќ (1958-2022) – уредник и новинар, главен директор на МРТВ и А1.

Јадранка Костова (1960) – наградуван новинар и уредник, автор на емисијата Без наслов, но со повод во МРТВ, дел од редакциите на Сител, Канал 5, Фокус.

Горица Попова (1952) – новинар на Македонското радио и МРТ.  Уредник и репортер на вести.

Тања Битољану-Плавшиќ (1948) – уредник на документарна редакција во МРТВ. Добитник на повеќе награди на меѓународни фестивали.

Бранка Станковска (1931-2021) – радио и ТВ спикерка (МРТВ). Го најавила првиот телевизиски пренос во Македонија во 1964 година.

Љупка Апостолова (1932-2018) – спикерка на Македонското радио. Основач на школата за млади спикери и култура на говор во МРТ.

Ема Николовска (1950-2007) – монтажерка (МРТВ). Работела на документарецот за првиот освојувач на Монт Еверест.

Сузана Каба (1948-2019) – спикерка во албанската програма на МРТ.

Назмије Пацоли (1961) – новинарка во втората програма на МРТВ. Уредник на образовна програма и автор на документарни програми.

Мерита Дулатаху (1964) – новинарка и уредник во втората програма на МРТВ. Главен и одговорен уредник на сателитската програма.

Лилјана Чаловска (1920-1997) – новинарка и писателка, уредник на првите броеви на „Млад Борец“ и дел од редакцијата „Илинденски пат“.

Дрита Карахасан (1943) – главна и одговорна уредничка на весникот на турски јазик „Бирлик“ и важен журналистички глас во турската редакција на јавниот сервис.

Вера Тодоровска (1956) – новинар на Радио Дебар. Дописник на МИА, А1, Канал 5, Дојче Веле.

Маја Јаневска-Илиева (1976) – фоторепортерка на Нова Македонија. Прва жена уредничка на фотографија во дневен весник.

Марина Ристевска (1967) – снимателка и камерманка на Сител ТВ и Телма ТВ. Низ окото на камерата активен сведок на сите најзначајни настани во Македонија.

Тамара Чаусидис (1964) – новинар во Радио Скопје, Радио Слободна Европа и Призма. Основач и прв претседател на ССНМ.