Авиосообраќајот на аеродромот во Копенхаген беше привремено прекинат откако беа забележани дронови во близина на пистата, соопшти синоќа полицијата во Копенхаген.
Аеродромот накратко беше затворен за полетувања и слетувања, пренесе ДПА.
– Аеродромот во Копенхаген повторно е отворен откако беше затворен поради активност на дронови. Сепак, ќе има доцнења и некои откажани летови. Патниците се советуваат да се консултираат со својата авиокомпанија за повеќе информации – соопшти Каструп аеродром рано утрово.
Во меѓувреме, аеродромот во главниот град на Норвешка, Осло, исто така беше затворен откако беа забележани дронови, пренесе утрово норвешкиот радиодифузер NRK. Според операторот Авинор, и аеродромот и воздушниот простор над Осло биле затворени. Летовите кон аеродромот биле пренасочувани, изјави портпаролка на аеродромот.
Аеродромот Каструп во Копенхаген е еден од најголемите во Скандинавија, заедно со Арланда во Стокхолм и Гардермоен во Осло.
Неколку летови што требало да полетаат или слетаат во Копенхаген беа или одложени, или откажани, или пренасочени кон други аеродроми, вклучувајќи го и Билунд, мал град западно од Копенхаген, и Гетеборг во Шведска.
Причината за активноста на дроновите останува непозната. Инцидентот доаѓа само неколку дена по кибернапад врз еден ИТ-сервис провајдер, кој го наруши работењето на неколку европски аеродроми, меѓу кои Берлин, Брисел, лондонски Хитроу и Даблин.