Фото: „Нова Македонија“

Домашна енергија за силен раст на бруто-домашниот производ

  • Развојот на економиите изискува зголемени потреби од електрична енергија. Недостигот од енергија во националните економии и во најразвиените земји предизвика тие да влезат во економски пад. Лошата процена за зелената транзиција и непостојаноста на зелената енергија вовлече економски гиганти од ЕУ во рецесија и криза. Тензиите што настанаа по избивањето на војната во Украина и рестрикциите за рускиот гас повторно ги извадија на маса идеите за инвестиции во мали нуклеарни централи. Помалите количества гас што пристигнуваат од Русија во европските земји одамна го поттикнаа прашањето за енергетските преструктурирања низ Европа
  • Професорот и енергетски експерт Константин Димитров-Кокан, наедно и основач на МАЦЕФ, за „Нова Македонија“ укажува дека како што во светот веќе се применуваат малите нуклеарни централи како извор на енергија, истите тие може да се користат и во Македонија и нема пречка за нивно поставување. Тој посочува дека инвестициите не се толку едноставни, ниту евтини, а сѐ зависи од типот на постројката што надлежните ќе се одлучат да ја постават, но и од самите производители, по поради тоа цените значително варираат

Светските медиуми масовно ја пренесоа веста дека Шведска одлучила да инвестира во таканаречени мали модуларни нуклеарни реактори (СМР) за својата прва експанзија на нуклеарната енергија по половина век. Шведската влада соопшти дека три или пет од реакторите од следната генерација ќе бидат изградени во централата „Рингхалс“ во југозападна Шведска, обезбедувајќи околу 1.500 мегавати – еквивалент на два класични реактора.
– За првпат по 50 години, во Шведска ќе се гради нова нуклеарна енергија – изјави премиерот Улф Кристерсон на прес-конференција.

Шведска ја гледа својата независност низ диоптријата на енергетска независност

За потсетување, Шведска гласаше на необврзувачки референдум во 1980 година за постепено укинување на нуклеарната енергија, а оттогаш затвори шест од своите 12 стари реактори. Но политичкото мнозинство сега е за проширување на нуклеарната енергија, заедно со обновливи извори на енергија, не само за да се намали употребата на фосилни горива туку да се обезбеди и континуирана и стабилна домашна енергија. Шведската државна енергетска компанија „Ватенфал“, која исто така разгледуваше класична технологија на реактори, соопшти дека или британската група „Ролс-Ројс“ или американската група „ЏЕ Вернова“ ќе бидат избрани за снабдувач.

Ваквата одлука очекувано предизвика голем интерес во јавноста, но и бурни реакции од здруженијата што се залагаат за здрава животна средина. Сепак, растот на цените на енергијата, особено на електричната енергија во последните години, како и прашањето за енергетска независност, ги поттикнаа надлежните да размислуваат за нови алтернативи и нови патишта за да добијат енергија за потребите на домаќинствата и на стопанството.

Со развојот на земјите, потребите од електрична енергија постојано се зголемуваат, а тензиите што настанаа по избивањето на војната во Украина и рестрикциите за рускиот гас повторно ги извадија на маса идеите за инвестиции во мали нуклеарни централи. Помалите количества гас што пристигнуваат од Русија во европските земји одамна го поттикнаа прашањето за енергетските потреби и низ Европа.

Каде ги гледа Македонија своите извори на енергија?

Со оглед на надолната траекторија на волуменот на домашните ресурси за јаглен, но и животниот век на нашата најголема термоцентрала, темата за нови извори на енергија е меѓу приоритетните. Сепак, идејата за вложување во нуклеарни централи, иако некогаш зацртани во плановите, постојано се одложува. Инженерите од енергетската област редовно истакнуваат дека во енергетскиот сектор нема брзи решенија и потребно е навремено планирање и инвестирање, што е причина повеќе за сериозен пристап кон темата. Сериозниот приод на оваа тема се препознава преку политичката волја за формирање на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и уште повеќе преку исклучително динамичниот професионален ангажман на човечките ресурси во тоа министерство.

Според брифинзите и изразените ставови на реномирани домашни енергетски експерти, новата влада навистина се фокусира на домашни енергетски капацитети (досега на постојните за базна енергија), но инсистира и за динамична изградба на нови енергетски капацитети, со особено внимание и на високоефикасноста на производството на енергија, во пакет со нагорниот тренд да се придржува до зелените стандарди во таа област. Засега, очигледно е приоритетното тежиште што се идентификува со претстојни проекти за изградба на когенеративни гасни централи што го користат гасот за производство на електрична енергија. Но од владиниот радар не треба да излезат ниту малите нуклеарни централи.

Предноста на ваквите централи е што можат да се постават на секакви локации, нивното монтирање се одвива многу брзо, чинат помалку од вообичаените нуклеарни централи, но и понатаму се многу скапи. Дополнително со развојот на технологијата се најавуваат мини-нуклеарки со моќност меѓу 150 и 170 гигавати или уште помали од оние што досега се развиени. Сепак, за нашата земја и понатаму има пречки за нивно инсталирање и нивна примена. Инженерите посочуваат дека најголем проблем би бил изворот на финансии.

Професор Димитров: Инвестициите во малите нуклеарни централи не се толку едноставни, ниту евтини…

Професорот и енергетски експерт Константин Димитров-Кокан, наедно и основач на МАЦЕФ, за „Нова Македонија“ укажува дека како што во светот веќе се применуваат малите нуклеарни централи како извор на енергија, истите тие може да се користат и во Македонија и нема пречка за нивно поставување. Тој посочува дека инвестициите не се толку едноставни, ниту евтини, а сѐ зависи од типот на постројката што надлежните ќе се одлучат да ја постават, но и од самиот производители, па поради тоа цените значително варираат.
– Ваквите нуклеарни мини-централи имаат различни капацитети. Тие може да бидат со почетен капацитет од 70 мегавати и после се додаваат модули по потреба – вели професорот Димитриевски.

На прашањето кои се кочниците за да се инвестира во ваков извор на енергија во Македонија, дали се финансиите или недостига знаење за управување со вакви централи, професорот ги посочува пред сѐ парите како проблем.
– Високи инвестиции, долг рок за ставање во функција. Не е проблем управувањето, максимално автоматизирано – посочува Димитров.

Имено, цената за инвестиции во мини-нуклеарки не беше објавена ниту во Шведска. Во согласност со она што беше соопштено од извршната директорка на шведската енергетска компанија, Ана Борг, цената на проектот „сè уште е предмет на преговори“, додавајќи дека Ватенфал има цел новите реактори да бидат изградени до околу 2035 година.

Дополнително, таа рече дека компанијата „веќе го разгледува следниот чекор за изградба на дополнителни реактори таму каде што моментално се наоѓаат ’Рингхалс 1 и 2‘“. Шесте активни реактори во Шведска моментално генерираат околу 30 проценти од нејзините потреби за електрична енергија. ММР се потенцијално релативно едноставни за изградба, што ги прави попристапни од големите енергетски реактори.
Сепак, технологијата сè уште е експериментална и само неколку единици се изградени насекаде во светот.

Еколошката група „Гринпис“ го критикуваше планот на шведската влада како нејасен, наведувајќи ги недостигот од буџет, временската рамка и градежните дозволи. Во соопштението се вели дека владата „се обидува да ги измами шведските граѓани да веруваат дека новата нуклеарна енергија ќе доведе до евтина и зелена електрична енергија“. Е.Р.