- Израелските одбранбени сили соопштија дека нивните војници почнале „да ја уништуваат терористичката инфраструктура на Хамас во Газа“, главниот урбан центар на енклавата, од каде што Израел им наредил на стотици илјади жители да се евакуираат
Израел започна операција за преземање на контролата врз Газа, соопшти израелски воен функционер неколку часа откако американскиот државен секретар Марко Рубио му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Вашингтон е на страната на Израел при нивната средба во Ерусалим.
Воениот функционер изјави дека армијата е подготвена да дејствува во Газа „колку што е потребно“ за да го победи Хамас, проценувајќи дека има илјадници терористи од таа исламистичка организација во Газа. Тој исто така рече дека Израел ќе го зголеми бројот на војници во Газа. Наведувајќи дека околу 40 проценти од населението веќе се преселило на југ, тој нагласи дека Израел продолжува да ги проширува „хуманитарните напори“ во Газа, особено на југ.
Израелските одбранбени сили соопштија дека нивните војници почнале „да ја уништуваат терористичката инфраструктура на Хамас во Газа“, главниот урбан центар на енклавата, од каде што Израел им наредил на стотици илјади жители да се евакуираат.
„Газа гори“, објави министерот за одбрана Израел Кац, ветувајќи дека Израел нема да попушти или да се откаже „додека мисијата не биде завршена“. Нетанјаху во вторникот изјави дека Израел започнал „значајна“ операција во Газа.
Израелски воени авиони извршија речиси континуирани напади врз Газа придружени со артилериски оган, објави палестинската новинска агенција ВАФА. Палестинските медиуми тврдат дека тенковите подоцна влегле во градот, каде што се верува дека сѐ уште се наоѓаат стотици илјади жители. Израелската армија не ја потврди оваа информација.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во вторникот предупреди дека Хамас има само неколку дена да се согласи на договор за прекин на огнот, бидејќи Израел започна особено тешки напади врз градот Газа.
– Израелците започнаа операции таму. Затоа, веруваме дека имаме многу краток временски период за да постигнеме договор со палестинската исламистичка група – им рече Рубио на новинарите на крајот од неговата посета на Израел, по која замина во Катар. Р.С.