Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стопираното ЕУ-финансирање за блокот европски држави чиј заеднички именител е коалицијата Европски патриоти создава сѐ поголем внатрешен судир во ЕУ

  • Политичкото семејство во кое се Французинката Марин Ле Пен и Унгарецот Виктор Орбан постојано истакнува дека е тргнато од креирањето политики на ЕУ и од клучните високи позиции на блокот уште од европските избори во 2024 година, на кои тоа стана трета најголема група во европарламентот. Тие подготвуваат и легален правен инструмент – тужба за задржување парични средства од страна на Брисел

Патриотите за Европа преземаат правни мерки (тужба) откако Европскиот парламент (ЕП) го суспендираше пристапот до милиони евра јавни средства поради наводна злоупотреба на средства. Во два одделни случаја, партијата Патриоти ги оспорува одлуките на парламентот и надзорните тела на ЕУ што резултираа со губење пристап до повеќе од четири милиони евра, тврдејќи дека „одлуките биле нелегитимни и производ на пристрасност и недостиг од непристрасност“.

Политичкото семејство во кое се Французинката Марин Ле Пен и Унгарецот Виктор Орбан постојано истакнува дека е тргнато од креирањето политики на ЕУ и од клучните позиции на моќ уште од европските избори во 2024 година, на кои стана трета најголема група во европарламентот. Лидерите на ЕУ од Брисел ги држеа патриотите на дистанца под таканаречениот санитарен кордон – неформален договор за избегнување соработка со фракциите од крајната десница и левица. Сега, патриотите ги обвинуваат и претставниците на ЕУ за „саботирање на нивниот пристап до јавни пари наменети за политичките партии“.
– Постои проблем со одредени агенти на администрацијата на парламентот – рече белгискиот европратеник Геролф Анеманс, почесен претседател на партијата Патриоти.

Патриотите веќе забележаа правна победа во Европскиот суд

Патриотите ја постигнаа својата прва победа во средата кога Европскиот суд на правдата ја поништи санкцијата од страна на партискиот надзорен орган АППФ, со која од партијата беше побарано да плати казна од 47.000 евра. Санкцијата дојде откако партијата погрешно се осврна на еден од своите пратеници како дел од нејзиниот одбор, во објава на социјалните мрежи, што АППФ го сфати како знак дека партијата навела погрешни информации во својот запис во регистарот на органот – сериозен прекршок што може да доведе до задржување на сите јавни средства за партијата.

Пресудата на АППФ му овозможи на Европскиот парламент да ѝ го ограничи пристапот на партијата Патриоти до четири милиони евра од ЕУ во 2023 година, покажуваат документите до кои дојде „Политико“. Тоа значеше значително намалување на расположливиот буџет на партијата за изборите во 2024 година, каде што другите европски политички партии ги пренесоа своите средства од 2023 година. Судската одлука од средата ќе им дозволи на патриотите да побараат враќање на дел од овие средства – и веројатно ќе ги зајакне тврдењата на партијата за пристрасност од администрацијата на европарламентот.

Во засебна тужба поднесена кон средината на јули, патриотите го обвинија ЕП за пристрасност откако пресуди дека партијата погрешно ги потрошила средствата во кампањата во Чешка. Бирото на ЕП, составено од европратеници и задолжено за донесување одлуки за административни прашања, пресуди дека Патриоти треба да ја плати таа кампања со свои пари и да ги врати средствата од ЕУ потрошени за неа, кои изнесуваат 228.000 евра.
– Одлуката ги прекрши „принципите на еднаков третман и недискриминација, бидејќи сметаше дека слични кампањи од други партии се надоместливи“ – се вели во документот за случајот во кој „Политико“ имаше увид.

Тие исто така тврдат дека одлуката била пристрасна бидејќи Бирото е составено претежно од пратеници од десниот центар, либерални и левичарски ориентирани групи, без присутни десничарски европратеници од патриотите. Покрај тоа, незадоволната страна тврди дека парламентот ги прекршил нивните права на одбрана бидејќи цензурирал големи делови од писмото што патриотите го испратиле до Бирото за да се бранат.

Во првата верзија на писмото, патриотите ја споредиле својата кампања со онаа на друга партија од ЕУ. Во писмото што администрацијата го дистрибуирала во Бирото, образложението било редигирано.

Овие две тужби следуваат по заканите за посебен спор од групата Патриоти – посебен правен субјект од партијата што го претставува крајно десничарскиот табор во ЕП.
На почетокот на септември, Парламентарниот комитет за буџетска контрола препорача администрацијата да побара надомест од 4,3 милиони евра од групата како репарации за наводни злоупотреби од страна на сега веќе непостојната крајно десничарска партија Идентитет и демократија. Групата Идентитет и демократија се распушти летото во 2024 година, а многу од нејзините членови и вработени се приклучија кон новите Патриоти. Р.С.