Вредноста на зборот: Од заклетва и чест до празен гест во денешното македонско општество

Кирил Колемишевски

Додека зборот и честа не се вратат, Македонија ќе продолжи да тоне како земја без достоинство, без доверба и без иднина. Народ што ги изгубил зборот и честа е народ што го изгубил сопственото лице. А држава што дозволила зборот да стане празен, а честа избришана од речникот, е држава што полека умира во сопствените лаги. И токму затоа заклучокот е тежок и неподнослив. Додека не се вратат зборот и честа, нема да се врати ниту Македонија

Во историјата на човештвото постоеле времиња кога зборот на човекот бил посилен од секој печат, потпис или документ, кога било доволно да се каже „нека биде така“ и тоа станувало обврска што никој не смеел да ја прекрши. Во времињата кога законите не ни постоеле, владееле црквите или кралските семејства, зборот бил темел на секој однос меѓу луѓето, мерка за доверба и показател на чест. Човекот што еднаш ќе го прекршил зборот бил обележан за цел живот, исклучен од заедницата, со изгубено име и изгубено достоинство што никогаш не можело да се врати. Тие последици ги сносело и неговото семејство, па дури и неговите поколенија.

Во македонската традиција ова било длабоко вкоренето. Патријархалните заедници, селските средини и малите чаршии ја познавале силата на зборот. Пружената рака била повеќе од договор, тоа било заклетва. Човекот знаел дека со својот збор го брани образот, ја чува честа на своето семејство и го гради угледот што ќе го наследат неговите деца. Ако таткото ветил нешто на чаршија, синовите знаеле дека нема назад. Пишаните договори можеле да се изгубат, но кажаниот збор останувал како морален долг што не се прекршува. Затоа чесниот човек не се мерел по тоа колку имот имал или со колку пари располагал, туку по тоа колку тежел неговиот збор.

Историјата е полна со примери кога зборот бил доволен за да се решат големи прашања. Кралските семејства склучувале сојузи со едноставна заклетва, трговци правеле зделки со ракување, војводи и воини се врзувале еден за друг со една реченица што значела живот или смрт. Прекршувањето на зборот било сметано за најголемо предавство, нешто што носело последици посериозни од каква било казна. Во тоа време сите знаеле дека зборот е поврзан со честа, а честа со животот.

Денес, во Македонија, зборот речиси нема вредност. Политичарите без срам ветуваат невозможни работи само за да дојдат до власт, свесни дека граѓаните одамна не веруваат во нивните зборови и дека ветувањето е само средство за да се добие глас. Бизнисмените потпишуваат договори и со широка насмевка даваат ветувања, а потоа се кријат зад адвокати и судски лавиринти, барајќи начин да избегнат одговорност. Обичните луѓе исто така лесно се откажуваат од кажаното, барајќи изговори во променети околности или во чиста лага дека не кажале такво нешто. Така зборот станува празна форма, нешто што сите го користат, а никој не го почитува.

Оваа деградација е повеќе од морален пад, таа е културна и општествена катастрофа. Кога зборот ја губи тежината, исчезнува довербата, а без доверба нема заедништво, нема пријателство, нема семејство, нема држава. Денес во Македонија се ракуваме без да веруваме, ветуваме без да чувствуваме обврска и живееме без да знаеме што значи чест, образ и срам. Луѓето што сè уште држат до зборот се сметаат за наивни и смешни, додека оние што го кршат зборот се славени како снаодливи и успешни. Лагата се смета за вештина, измамата за успех, а чесноста за слабост.

Општество што ги изгубило зборот и честа е општество што нема темел. Македонија денес личи на куќа со распукани темели, на која можеш да ѝ ставиш прекрасна фасада и да ја украсиш однадвор, но која се урива одвнатре, со испукани ѕидови, мирис на мувла и застоен воздух, правливи подови и без естетика. Новите закони, новите институции и новите стратегии се бесмислени ако зад нив не стои вистински збор. Зашто законот без чест е хартија без душа, институцијата без доверба е празна зграда, државата без збор е празен простор.

Токму во тоа лежи најстрашната вистина. Македонија не страда толку од недостиг од закони или институции, туку од исчезнувањето на невидливата сила што ја држела заедницата заедно, а тоа е вербата во зборот и значењето на честа. Кога зборот ќе стане празен, тогаш ништо нема тежина. Ниту договорот, ниту пријателството, ниту љубовта, ниту иднината.

И затоа, додека зборот и честа не се вратат, Македонија ќе продолжи да тоне како земја без достоинство, без доверба и без иднина. Народ што ги изгубил зборот и честа е народ што го изгубил сопственото лице. А држава што дозволила зборот да стане празен, а честа избришана од речникот, е држава што полека умира во сопствените лаги.

И токму затоа заклучокот е тежок и неподнослив. Додека не се вратат зборот и честа, нема да се врати ниту Македонија.

Кирил Колемишевски е обичен граѓанин што пишува за она што сите го чувствуваме, но ретко го кажуваме. Верува дека Македонија има душа што може да се разбуди, ако секој од нас почне со себе.