Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети Регионалниот дистрибутивен центар на Лидл во Речица, Куманово, кој е во завршна фаза на изградба и се очекува да отпочне со работа во пролет 2026 година.
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра, ќе овозможи отворање на 230 нови работни места, а во изградбата Лидл соработува со над 75 македонски компании.
Покрај премиерот Мицкоски на настанот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик министерот Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Милена Драгијска, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката со Владата, во кои, како што рече гледаат големи партнери.
-Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна локација, а дополнително ние располагаме со механизми за контрола на квалитет, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите – изјави Драгијска.
Со површина од 170.000 квадратни метри и оперативна површина од 63.000 квадратни метри, ова е најголемиот логистички центар во Македонија. Преку иновативната технологија, стандардите на градба, енергетската ефикасност и начин на работа, со логистичкиот центар се поставуваат нови стандарди за логистичка инфраструктура во земјава.
Лидл е дел од групацијата „Шварц“, со седиште во Некарзулм, Германија, и е еден од водечките трговци на мало со храна во Германија и Европа. Лидл моментално управува со околу 12.600 продавници и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 земја и вработува над 382.400 луѓе.