Како многу други работи што решивме во овие 15 месеци, ќе го решиме и овој проблем, а со новиот градоначалник во Скопје, јас сум убеден дека овој проблем трајно ќе се реши. Затоа што тука е потребна фабрика за отпад, тука е потребна производна единица која што метанот ќе го користи за електрична енергија и имаме планови за трајно решение на овој проблем за Скопје, но и на целата територија на Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Според претседателот на Владата, палењето на депониите се користи во период на предизборие и со цел предизвикување паника и негодување.
– Ова што се случува со депониите и палењето на истите, можам да кажам дека е после успешно завршената сезона на пожари во која споредено со други држави во регионот каде што имаше жртви, големи населени места беа евакуирани, каде што имаше голема штета во движниот и недвижниот имот, ние такви случаи немавме поради добрата организација и навремено постапување. Очигледно тоа некому пречеше и периодот на предизборие го користи да создаде паника и негодување. Ние тоа го следиме многу внимателно. Тоа е проблем што е создаван со децении, никој досега не го решил нити се зафатил со негово решавање. Ние овој случа нема да го оставиме вака, работиме со министерот за транспорт на општествено одговорни градежни компании со кои што ќе донесеме механизација во Вардариште и Дрисла и ќе можеме да дејствуваме внатре, се со цел да не се случува ова континуирано – истакна премиерот Мицкоски на новинарско прашање по посетата на ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
Во изјава за медиумите, премиерот потсети дека МВР приведе три лица кои краделе на дивата депонија Вардариште, а се води истрага и за случувањата во Дрисла.
– Тоа што треба државата да го направи, ќе го направи, но исто така и сторителите ќе бидат откриени и санкционирани. Како многу други работи што решивме во овие 15 месеци, ќе го решиме и овој проблем, а со новиот градоначалник во Скопје, јас сум убеден дека овој проблем трајно ќе се реши затоа што тука е потребна фабрика за отпад, тука е потребна производна единица која што метанот ќе го користи за електрична енергија и имаме планови за трајно решение на овој проблем за Скопје, но и на целата територија на Македонија – нагласи премиерот Мицкоски.
Претседателот на Владата Мицкоски најави дека за донесување на Стратегија за нула отпад, документ апликативен за државата, ќе биде организирана јавна дебата на која ќе бидат поканети и ќе земат учество сите заинтересирани субјекти.