Интервју со Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје
Врвен приоритет ќе биде пуштањето во употреба на подземниот булевар Македонија, под Лимак, и изградбата на трите кружни текови на излезот и влезот на оваа клучна сообраќајница за главниот град, вели Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје, во интервјуто за „Нова Македонија“. Скопје, вели меѓудругото Ѓорѓиевски, може да престане да биде симбол на пренатрупаност и хаос и да стане функционален, организиран и модерен главен град, во кој секој граѓанин ќе има пристап до основните услуги, можности за работа и квалитетен живот, а младите ќе гледаат причина да останат и тука да ја креираат својата иднина
Кои се вашите планови за јавниот превоз во Скопје?
– Јавниот превоз е крвотокот на секој модерен град и токму затоа сметам дека неговиот развој е клучен за Скопје. Мојата визија е да изградиме јавен транспорт кој ќе биде прв избор на скопјани, брз, достапен, удобен и пред сè, сигурен. Сакам луѓето да можат без двоумење да изберат автобус, знаејќи дека ќе стигнат на време, со квалитетна и безбедна услуга.
За тоа да се постигне, првиот приоритет е целосно обновување на возниот парк со современи, еколошки автобуси. Ќе воведеме јасен ред и дисциплина во работењето на ЈСП, од возниот ред кој мора да се почитува, до организацијата на линиите што ќе бидат прилагодени на реалните потреби на граѓаните. Скопје мора да добие систем каде што автобусите ќе пристигнуваат навреме и ќе бидат чисти, уредни и безбедни. Не бегам од реалноста и знам дека состојбата во моментов е тешка. Возниот парк е дотраен, автобусите често се расипуваат, а линиите не ги покриваат сите делови од градот на квалитетен начин. Тоа е последица на долгогодишно запоставување и недомаќинско работење. Но она што е важно е дека имам јасен план и решеност да ја променам оваа лоша слика.
Со вистинска стратегија, одговорно управување и постојано вложување, јавниот превоз ќе стане двигател на урбаниот развој на Скопје, но и симбол на еден град кој се грижи за своите жители и им обезбедува квалитетно живеење.

Сообраќајниот хаос е еден од најголемите проблеми во Скопје. Како планирате да го решавате?
– Сообраќајниот хаос е проблем кој скопјани секојдневно го чувствуваат, од долгите колони и изгубеното време, до недостигот на паркинг и несредените улици. Решението нема да се случи преку ноќ, но имам јасна визија и план како чекор по чекор да се најде излез од оваа катастрофална состојба.
Првиот чекор е активирање на закочените проекти за реконструкција и проширување на главните булевари, крстосници и изградба на нови сообраќајници за подобра поврзаност меѓу населбите. Особено ќе се вложи во изградба на нови кружни текови и мостови, меѓу кои и новороектираниот, кој ќе ги поврзува Ново Лисиче кај последна петка и општина Гази Баба и улицата Перо Наков, а ќе бидат ставени во функција и мостот во близина на салата на МЗТ Скопје кој го поврзува Булеварот АСНОМ во Општина Аеродром со булеварот Александар Македонски, како и мостот на Љубљанска во општина Карпош кој ги поврзува Карпош IV со локалитетот Скупи како и со населените места Бардовци и Злокуќани.
Врвен приоритет ќе биде пуштањето во употреба на подземниот булевар Македонија, под Лимак, и изградбата на трите кружни текови на излезот и влезот на оваа клучна сообраќајница за главниот град.
Второ, паркирањето мора да излезе од хаосот во кој се наоѓа денес. Затоа планирам изградба на катни гаражи на повеќе клучни локации за да го ослободиме јавниот простор и да донесеме ред во централното градско подрачје и населбите.
Секако, вистинските и одржливи решенија се раѓаат кога ќе се вклучи и гласот на самите граѓани. Јас во целиот овој период сум во директна комуникација со жителите од различни делови на градот, и токму тие најдобро знаат каде сообраќајот се „гуши“, каде недостига пешачки премин, каде е неопходна нова улица или паркинг. Тоа се практични предлози што луѓето ги нудат затоа што секојдневно се соочуваат со тие проблеми, и тие решенија заслужуваат да бидат преточени во реални проекти. Никој подобро од граѓаните не го познава сопствениот маалски проблем и затоа нашата стратегија е тие идеи да се слушнат, да се дообмислат со стручни тимови и да станат дел од конкретни мерки што ќе ја олеснат секојдневната мобилност. Затоа планираме изградба на катни гаражи на критичните локации, особено околу болниците, училиштата и централните урбани зони каде хаосот со паркирањето е секојдневие. Паралелно, ќе се отвораат нови паркинг-простори на досега неискористени локации, по моделот што веќе го применивме во Кисела Вода, каде од депонии создадовме уредени паркиралишта.
Ќе се ревидираат сообраќајните решенија на најкритичните крстосници, ќе се отвораат нови пристапни улици и врски меѓу населбите, за да се намали метежот и луѓето побрзо да стигнуваат до својата дестинација. Сето ова, во комбинација со нови пешачки и велосипедски патеки, ќе создаде порамномерна и побезбедна распределба на сообраќајот. Со јасна стратегија, нови инвестиции и вистинско партнерство со граѓаните, можеме Скопје да го претвориме во град со современ, безбеден и ефикасен сообраќаен систем кој ќе одговара на потребите на денешницата.

Се ближи есенскиот период кога загадувањето на воздухот вообичаено е еден од најголемите проблеми. Дали можат да се направат конкретни чекори за намалување на загадувањето?
– Загадувањето на воздухот е сериозен предизвик за Скопје и директно се одразува врз здравјето и квалитетот на живот на граѓаните. За мене ова не е политичко прашање, туку борба за основното право на секој човек да дише чист воздух и затоа сум подготвен да преземам конкретни чекори кои можат да донесат видливи резултати.
Првиот и најзначаен чекор е воведување на мерки за поголема контрола и надзор врз индустријата и загадувачите, со строги санкции за непочитување на еколошките стандарди. Истовремено, ќе се развива систем за редовно мерење на квалитетот на воздухот на повеќе локации низ градот, како што веќе го направивме во Кисела Вода, што овозможува точни и навремени податоци за преземање на конкретни мерки.
Како следен чекор е трансформирањето на големите депонии како што е депонијата Вардариште во модерни паркови, простор за рекреација, спорт и одмор за сите генерации. Зелените површини се столб во борбата против загадувањето. Планирам садење на дрвореди покрај сообраќајниците, како и проширување на постоечките паркови. Зеленилото не само што го прочистува воздухот, туку создава и квалитетно живеалиште за граѓаните, простори за рекреација и одмор. Во исто време, ќе започнеме и кампања за едукација на граѓаните за влијанието на загадувањето, за користење на чисти технологии, за правилно управување со отпадот и за еколошки навики кои секој може да ги примени во својот дом. Активното учество на граѓаните е клучно, бидејќи тие најдобро знаат што и каде може да се подобри во нивното маало и нивните идеи ќе бидат вклучени во планирањето и имплементацијата на мерките.
Потоа ќе преземеме чекори за поттикнување на граѓаните да преминуваат на поеколошки начини на затоплување. Особено ќе се поддржува грењето со гас, како еколошки и ефикасен начин кој значително го намалува испуштањето на штетни честички во воздухот. Градот ќе воведе програма за субвенционирање на инсталација на еколошки системи за домаќинства кои сè уште се греат со цврсти горива, како и замена на стари и неефикасни печки со современи еколошки уреди. Ова е конкретен чекор кој веднаш дава ефект во квалитетот на воздухот.
Со ваков системски и комплексен пристап, преку чисто и еколошко греење, контрола на загадувачи, повеќе зелени површини и активно учество на граѓаните, силно верувам дека Скопје може да стане град во кој воздухот нема да биде загрозен ресурс. Ова е реален и остварлив план кој веднаш ќе почне да носи видливи резултати и ќе обезбеди поздраво секојдневие за сите мои сограѓани.

Сведоци сме дека отпадоците низ улиците претставуваат лоша глетка за главниот град. Што може да се преземе, што би им порачале на граѓаните на оваа тема?
– Чистиот град не е само прашање естетика, тоа е прашање на достоинство, здравје и квалитет на живот. И токму затоа ќе преземеме системски и долгорочни мерки за да се подобри состојбата. Првиот чекор е генерално чистење на градот. Најголемите диви депонии ќе се исчистат и трансформираат во функционални и зелени површини. Примерот со Кисела Вода покажува дека тоа е можно. На десетина поранешни диви депонии создадовме паркови, игралишта и паркинзи, така што секој слободен простор стана корисен за граѓаните. Во Скопје, Вардариште е еден од најголемите предизвици и тоа е депонија која ќе ја исчистиме и ќе ја претвориме во најголемиот парк во градот, простор за рекреација, спорт и одмор за сите генерации. Ваква “судбина” ќе имаат и другите големи диви депонии.Воедно, ќе воведеме ред и дисциплина во одржувањето на јавните површини, што значи повеќе луѓе и опрема на терен, чести инспекции и санкции за диво фрлање отпад, заеднички акции со општините и со граѓанските организации. Но вистинската промена се случува кога граѓаните ќе бидат активни партнери. Во Кисела Вода, граѓаните учествуваа во чистењето и предлозите за уредување на јавните површини. Исто тоа го планираме и за Скопје, луѓето да бидат дел од процесот, да предложат каде е најкритично и да го следат резултатот на нивниот труд. Само така, чистотата станува колективна вредност, а градот простор во кој сите сакаме да живееме.
Со експерти од оваа област изготвивме 4 годишен детален план кој ќе го понудиме на граѓаните. Планот на годишно ниво ги предвидува мерките и активностите кои ќе бидат преземени со цел Скопје во 2029 година биде лидер во спроведените реформи во оваа област.

Како гледате на засилената урбанизација во главниот град?
– Секој град треба да расте и да се развива, но урбанизацијата на Скопје во последните години е пример за хаос, недостиг од стратегија и отсуство на долгорочна визија. Граѓаните тоа го чувствуваат секојдневно преку маала без паркови и зелени површини, булевари без тротоари, згради без соодветна инфраструктура, училишта и градинки, што создава непотребен притисок врз постоечките услуги и комунална мрежа.
Во Кисела Вода покажавме дека постои друг, поодржлив пат. Наместо да дозволиме хаотично градење, бидејќи во Расадник од мојот претходник беше предвидена изградба на 99 згради, ние организиравме меѓународен конкурс за идеен лик на Деталниот урбанистички план, кој резултираше со идејно решение што гарантира хумано и современо живеење. Во процесот беа вклучени граѓаните, како и целокупната домашна експертска јавност. Јас, како градоначалник, се исклучив од директно носење одлуки за финалниот проект, оставајќи го меѓународното стручно жири и учесниците да креираат решение што ќе биде најдобро за заедницата.
Тоа е модел кој докажано функционира – партнерство со граѓаните, вклученост на експерти, транспарентност и меѓународни стандарди. Секоја нова градба е дел од комплетна инфраструктура, со улици, паркинзи, паркови, училишта и градинки, така што растењето на градот носи конкретна корист за сите жители.
Мојата визија за Скопје е град што се развива на ист начин. Секоја нова градба да биде дел од системски план, каде инфраструктурата и јавните услуги се во центарот на развојот. Моделот на меѓународни конкурси, со активно учество на граѓаните и експертите, е решение што треба да се преслика и во Скопје, како град кој расте со луѓето, а не против нив, каде урбанизмот создава простор за живеење, рекреација, учење и работа, а не хаос. Впрочем, во мојот тим од советници за урбанистичките прашања од главниот град, се вклучени реномирани професори и експерти од оваа област – професор Мишко Ралев, професорот Огнен Марина, Горан Мијоски од Градежниот факултет, како и експертите Славче Трпески и Аљоша Шопар. Нивното присуство е суштинска гаранција дека урбанистичките решенија кои ќе ги носиме ќе бидат издржани, одржливи и во интерес на граѓаните.
Урбанизмот не е само цртање линии на хартија, тоа е визија за развојот на градот во следните 20, 30, 50 години. Дали ќе имаме уредени улици, функционални сообраќајни решенија, доволно зеленило и јавни простори зависи од квалитетот на плановите. Кога овие планови ги правиме со лица со научно знаење, практично искуство и професионален интегритет, тогаш се намалува можноста за грешки, се избегнува хаосот и се гради град кој е прилагоден на човекот, а не на тесни интереси. Експертскиот пристап исто така значи дека секоја одлука е резултат на анализа, на научни методологии и на европски стандарди, а не на импровизации и дневнополитички калкулации. Така се создава доверба кај граѓаните и кај инвеститорите, се обезбедува правична распределба на просторот и се градат долгорочни решенија кои ќе опстанат и за идните генерации.

Очигледно е дека има пренаселеност во главниот град. Што мислите за ефектите од овој тренд и имате ли предлог за справување со последиците?
– Пренаселеноста во Скопје е резултат на долгогодишни поггрешни политики кои ја насочиле концентрацијата на услуги, можности и инвестиции кон само еден град. Последиците се видливи преку преоптоварени улици, полни градинки и училишта, недостиг на спортски, здравствени и културни објекти и работни места, што го намалува квалитетот на животот на сите жители.
Справувањето со овие предизвици бара системски пристап и долгорочна стратегија. Клучно е да се вложува и во рамномерен развој на сите општини, со инвестиции во инфраструктура и локален економски развој. Владата веќе прави значајни чекори во таа насока, обезбедувајќи средства за капитални проекти кои ја подобруваат инфраструктурата низ целата држава. Таквите инвестиции отвораат нови работни места, ја стимулираат локалната економија и го намалуваат иселувањето на младите и семејствата. Со рамномерно развиени региони, луѓето ќе имаат мотивација да останат во своите градови и да се развиваат таму, наместо да се концентрираат само во Скопје. Со ваков пристап, внимателно планирање, изградба на потребна инфраструктура, локален економски развој и рамномерен развој поддржан со средства од капитални проекти – Скопје може да престане да биде симбол на пренатрупаност и хаос и да стане функционален, организиран и модерен главен град. Град каде секој граѓанин ќе има пристап до основните услуги, можности за работа и квалитетен живот, а младите ќе гледаат причина да останат и тука да ја креираат својата иднина.