Фото: МЕРМС
ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРКАТА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, РУДАРСТВО И МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ
БОЖИНОВСКА

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во последните месеци го води јавниот дискурс за повеќе значајни иницијативи – од подготовка на годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, до мерките за поддршка на ранливи потрошувачи, интеграцијата на здравствените аспекти во енергетиката преку стратегијата на СЗО, па сè до новите правила за одобрување возила и транспарентноста во управувањето со концесиите и договорите.

Со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска разговараме за клучни теми, очекувањата и следните чекори на МЕРМС.

Што значи поканата за доставување иницијативи за енергетски објекти во годишниот план за 2026 година?

– Поканата за доставување Иницијативи е всушност почеток на примената на Законот за eнергетика и воведување на транспарентен процес на планирање на развојот на енергетскиот систем во РСМ. На интернет страницата на МЕРМС веќе се објавени содржините на потребната техничка и административна документација потребна за поднесување на Иницијатива со цел потенцијалните подносители да можат да ги подготвуваат апликациите. Планот дава комплетна слика на постојните и планираните нови енергетски објекти со динамика на реализација. Она што е поважно, планот веќе во рана фаза ги дефинира потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа, а врз основ на доставени технички комплетирани апликации во рана фаза се дефинираат сите клучни параметри и на тој начин се елиминираат несигурностите околу реализацијата на проектите од аспект на можност и време на приклучување на мрежа. Ова за потенцијалните инвеститори значи правна сигурност, а за финансиските институции предуслов за обезбедување финансиска поддршка за реализација на проектите – вели Божиновска.

Таа додава дека секој инвеститор, без разлика дали е приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие, може до МЕРМС да достави Иницијатива за развој на енергетски проект. Секоја Иницијатива ќе биде детално технички обработена земајки ги предвид застапеноста на технологијата за производство на електрична енергија предвидена со проектот во РСМ, техничките и технолошките карактеристики на опремата за производство на електрична енергија предвидена со проектот, инсталираната моќност предвидена со проектот, балансниот капацитет на проектот и регионот во кој се предвидува реализацијата на проектот. За секоја Иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, јасно и транспарентно ќе се презентираат потребните зајакнувања и надградби на соодветните енергетски системи како и роковите за реализација на истите.

Колкав интерес имаше за јавниот оглас за поддршка на ранливи потрошувачи и што следува понатаму?

– Огласот е завршен и во моментот се врши обработка на пристигнатите барања. Очекуваме бројката на корисници да биде објавена наскоро и тоа на целосно транспарентен начин. Поддршката се состои во финансиска помош за плаќање на сметки за електрична енергија и други енергенси. Мерката е наменета за најранливите категории – семејства со ниски приходи, пензионери, самохрани родители и лица во социјален ризик. Ваквиот пристап не е само финансиска интервенција, туку има и силна социјална димензија: намалување на енергетската сиромаштија, заштита на здравјето и достоинството на граѓаните и обезбедување фер транзиција во процесот на воведување нови технологии – појаснува министерката.

Како новата стратегија на СЗО за периодот 2026–2030 ги поврзува здравјето и енергетиката?

– Стратегијата на Светската здравствена организација за првпат ја поставува енергетиката како клучен фактор за јавното здравје. Таа ја нагласува директната врска меѓу загадувањето од фосилни горива и здравствените последици врз населението. Во Македонија, каде што сè уште има користење на јаглен и мазут за греење, тоа е особено важно. Документот повикува на намалување на овие горива и на зголемување на чистите извори на енергија, како и обезбедување пристап до безбедни енергенси во болниците и јавните институции. За нашата земја тоа е сигнал за побрза транзиција кон обновливи извори, но и потреба од поинтензивна соработка меѓу здравството и енергетиката – истакнува Божиновска.

Што се вашите очекувања од одлуката Министерството да ги објави сите ЈПП договори?

– Со овој чекор правиме голем исчекор кон целосна отвореност. Граѓаните добиваат директен пристап до информациите како се трошат јавните пари и кои се обврските на компаниите и државата во заедничките проекти. Ова е дел од концептот „Отворена власт“ и го намалува ризикот од злоупотреби, зајакнувајќи ја јавната контрола. Очекуваме дека со ваква транспарентност ќе се зголеми довербата во институциите и ќе се постави нов стандард на отчетност. МЕРМС е прво министерство кое воведува ваква пракса и сметаме дека тоа е вистинскиот пат за градење институционален интегритет – додава министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.

Какви придобивки ќе имаат граѓаните и компаниите од воведување на новите правила за одобрување на нови возила, што стапи на сила месецов?

– Правилникот не е новина, туку не се применувал 17 години. Со неговото стапување на сила од 1 септември воведовме европски технички стандарди за сите возила кои се увезуваат. Првенствено значително се намалуваат трошоците за импортерите на возилата. Се проценува дека досега околу 1,3 милиони евра годишно оделе за TÜV потврди во странство, а сега средствата ќе останат кај македонските компании. Се скратуваат и роковите во Бирото за метрологија за двојно побрзо завршување на постапките за единнечно одобрување на возило и за одбрување на тип на возило. Цените за потврди сега се пониски и се движат од 40 до 50 евра кај застапниците. Односно, имаме поефикасен и поедноставен систем со јасни правила и поголема заштита на граѓаните – појаснува Божиновска.

Во која фаза се клучните предлог закони на кои работи МЕРМС, како предлогот за енергетска ефикасност, за обновливи извори и за рударство?

– Јавната расправа за Предлог-законот за енергетска ефикасност е завршена и текстот е веќе подготвен за Собрание, каде што следната недела ќе биде ставен на разгледување. За Законот за обновливи извори рокот за консултација преку платформата ener.gov.mk истече, а сега следи обработка на забелешките и финализирање на текстот. Кај Законот за рударство одѕивот беше особено голем и пристигнаа над 100 коментари и предлози од компании, институции, здруженија и граѓани. Ова покажува дека постои висока заинтересираност, а и дека јавните расправи стануваат суштински дел од креирањето на енергетските политики. Целта е секое законско решение да биде усогласено со европските стандарди – појаснува министерката.

За крај, за рударството многу се говори последниот период, а впечаток е и дека експлоатацијата на минерални суровини конечно се најде „под лупа“ на домашните институции. Гледаме засилени контроли и расте бројот на раскинати договори за концесии. Од каде оваа промена?

– Ова е нешто на што ќе опстоиме како Министерство. Рударството и минералните суровини се исклучително важна индустриска гранка, особено влијателни врз македонската економија за да не им го посветиме потребното внимание. Наша цел е да обезбедиме политики и услови за нивен развој за да придонесат за одржлив економски раст и на Македонија, ако работат во рамките на законот. Но нема толеранција за незаконско работење или непочитување на договорите за концесија. Досега се еднострано раскинати вкупно 45 концесии од повеќе причини, како резултат на засилен надзор и нулта толеранција кон непочитување законски обврски, и тоа од доцнење или неплаќање на надоместоци до неисполнети инвестициски и еколошки услови. Односно непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини или на утврдениот тарифник за концесиски надоместоци, како и пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел се основа за раскин на договорот. Со новиот тарифник обезбедивме и фер вреднување на националното богатство и ако истиот не се почитува, ние ќе преземе мерки. Целта е чист сектор со јасни правила, а не квантитет по секоја цена. Бројките од наплатата на концесискиот надомест се јасна илустрација за спроведување и почитувањето на правилата. МЕРМС во првата половина на 2025 година, во однос на истиот период лани, ја зголеми наплатата на надоместоците за 126 проценти и годинава наплати 546,9 милиони денари од концесионерите – истакнува Божиновска.