Борче Стаменов и неговиот тим волонтери од здружението „Донирај компјутер“ – Кавадарци досега подарија 3.700 компјутери (лаптопи). Тој очекува за најмногу два месеца да склопат уште минимум 1.050 компјутери, а до октомври да склопат и да подарат 4.000 компјутери! Во разговор за „Нова Македонија“, Стаменов вели дека досега донирале компјутери за близу сто кабинети по информатика, во стотина училишта во државата, но и во здравствени установи, доброволни пожарникарски друштва и стартап-бизниси
РАЗГОВОР СО БОРЧЕ СТАМЕНОВ, ЛИДЕР НА ТИМОТ ВОЛОНТЕРИ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО „ДОНИРАЈ КОМПЈУТЕР“ – КАВАДАРЦИ
Еден од најхуманите луѓе во Македонија со сигурност е ИТ-стручњакот од Кавадарци Борче Стаменов, кој девет години, самоиницијативно, со голем ентузијазам и секојдневна волонтерска, повеќечасовна, едукативна работа, заедно со своите соработници, им подарува компјутери на деца од социјално ранливи семејства и на училишта низ Македонија. Компјутерите (лаптопи) се составени од електронски отпад и употребливи делови од дотраени или расипани електронски уреди донирани од повеќе од сто компании и уште повеќе поединци. Тој и неговите соработници од здружението, со цел да овозможат поквалитетно образование за младите, досега им ги разубавија животите на илјадници деца и семејства.
Постојано се зголемува интересот за хуманата акција за донирање
Својата мошне благородна мисија, Стаменов почна да ја врши сам, водејќи се од личниот порив да ги мотивира и да им помогне на практикантите што вежбале во фирмата каде што работи тој. Со текот на времето, тој ја прошири мисијата за дигитална солидарност низ цела Македонија. Стаменов ја продолжи мисијата заедно со својот тим волонтери од здружението „Донирај компјутер“ – Кавадарци, со што носи радост во животот на илјадници деца. Интересот и поддршката за ова здружение значително се зголемија по почетокот на пандемијата на ковид-19, кога онлајн образованието откри технолошки јаз меѓу учениците. Стаменов, меѓу другото, договара донации, прави распоред на обврски на волонтерите, распоред на товарање и растоварање, пакување донации, објавува содржини на каналите на социјалните мрежи, оди на состаноци, прави компјутери за донирање, одговара на пораки, дава интервјуа…
Преку работилниците во Кавадарци и Скопје, од ден на ден, се зголемува бројот на склопени и донирани компјутери. Досега подарија 3.700 компјутери (лаптопи). Стаменов неодамна објави дека од Скопје ја презеле досега најголемата донација за здружението, 340 компјутери од НЛБ Банка АД Скопје. Најавена им е и донација од 700 компјутeри од друга банка, која допрва треба да се реализира. Тој очекува за најмногу два месеца да склопат уште минимум 1.050 компјутери, а до октомври да склопат и да подарат 4.000 компјутери!
Стаменов има голема желба секое дете, ученик или студент да имаат приближно еднакви услови за подобро и поквалитетно образование како врсниците. Ова е можеби единствената народна иницијатива кај нас, во која Стаменов и другите ентузијасти од здружението, кои работат за доброто на другите, добиваат сè поголема поддршка и разни видови донации, од голем број компании и неброен број на граѓани, кои, на своја иницијатива, стануваат волонтери и дел од оваа мисија, ширејќи ја оваа хумана активност. Тие што се пријавуваат да им биде дониран компјутер доставуваат барање до здружението со доказ за социјалната состојба, било да се работи за ниски примања, невработеност, самохрано родителство или грижа за лица со попреченост.
Откако Стаменов почна пред неколку години сѐ почесто да објавува за донациите на социјалната мрежа Фејсбук, многу се зголемија бројот и обемот на донациите. Популарноста, своја и на здружението, тој ја користи за да ги унапреди свеста за хуманоста и заедништвото, како и културата за филантропија. Оваа самоиницијативна акција, во која прибираат делови од електронски уреди, од кои составуваат функционални компјутери (лаптопи), досега беше концентрирана да обезбеди и да донира уреди на деца со социјално ранлив статус.
Донирани компјутери во голем број училишта, здравствени установи, бизниси…
Во разговор за „Нова Македонија“, Стаменов вели дека досега донирале компјутери за близу сто кабинети по информатика, во стотина училишта во државата, но и во здравствени установи, доброволни пожарникарски друштва и стартап-бизниси. Јавноста многу ги цени и ги поддржува многубројните активности на Борче и на другите волонтери од здружението, неговиот инспиративен и позитивен дух, отчетност, искреност, голема посветеност и огромната љубов да им помага на луѓето. Една од целите е да обезбедат барем по еден ИТ-уред за секое социјално загрозено семејство. Иницијативата, како хоби, Стаменов успешно ја вклопува покрај работните обврски.
– Дваесет и три години работам во фирмата „Бидат информатика“ во Кавадарци. Последниве девет години, откако ќе ги завршам работните задачи, по 16 часот, продолжувам со работата во здружението. Оваа работилница во Кавадарци секојдневно работи и ја надгледуваат седум-осум волонтери, во две смени со практикантите, кои се претежно од средното техничко училиште „Киро Спанџов-Брко“ од Кавадарци од каде што секој ден ни доаѓаат по десетина ученици, кои учат, но и многу помагаат. Помагаме кој, кога и колку може и колку ќе стигне: попладне, навечер, во викенди, празници… Секогаш имаме потреба од волонтери бидејќи работиме со ограничени ресурси – вели Стаменов.
Континуирано, сè повеќе се зголемува бројот на луѓе и компании од цела Македонија што сакаат на каков било начин да се вклучат и да им помогнат на Стаменов и здружението, а со тоа на оние што имаат потреба да им биде дониран компјутер (лаптоп). Стаменов успеа во намерата, што дополнително го мотивира за да инспирира многу следбеници да го следат неговиот пример: да се вклучат без да очекуваат нешто назад, освен искрена благодарност од оние што добиваат компјутери од здружението. Тој и здружението им помагаат на многу луѓе да застанат на нозе и да бидат активни на пазарот на трудот.
Една од дамнешните цели е да ги опремат сите оние што немаат компјутер со барем еден уред и да им понудат бесплатен интернет и едукација. Стаменов ни ја опишува големата помош од две фирми во 2022 година.
– Како иницијатива бевме предложени на натпревар организиран од „Македонски телеком АД Скопје“, како дел од групацијата „Дојче телеком“. Во голема конкуренција добивме награда од 35.000 евра строго наменски средства, која (алати, делови, ентериер…) ни ја набавија по претходна наша спецификација, а за која дава(в)ме отчет. Од таа донација сè уште користиме делови при комплетирање на компјутерите што ги донираме. Втората, исто така, мошне голема поддршка ја добивме од фондацијата „Пенивајз“ од САД, која, исто така, ја следела нашата работа, истражувала и нè награди – посочува Стаменов.
Помагаат сè повеќе волонтери (поединци и компании), се зголемува бројот на донации што ќе продолжат да ги делат – најпрво на граѓани од социјално ранлива категорија.
– Ако помошта стане уште помасовна, а препознавам дека тоа може да се оствари, една од следните наши цели останува да се обидеме да го снабдиме со ИТ-уред секое дете или барем секое семејство во Македонија, без разлика на социјалната ситуација на семејството (детето). Друга наша цел, која исто така е присутна веќе околу осум години, останува да продолжиме да се обидуваме, во што повеќе градови, по можност во секој град, да има работилница или здружение како „Донирај компјутер“ – Кавадарци. Важно за да се оствари тоа е повеќе ИТ-компании да одвојат дел од просторот и не толку голема волонтерска работа на нивните вработени – вели Стаменов за „Нова Македонија“.
Пред некое време, од донираните пари, тој одвои и префрли средства со кои две семејства од социјален ризик ќе бидат пратени на одмор, преку организацијата „Куќа на среќата“. Р.Н.М.
Хуманоста на Стаменов препознаена преку државните награди „Мето Јовановски“ и „Мајка Тереза“
Скромниот Борче Стаменов со истрајна работа го унапредува општеството, со што досега е добитник на близу педесет награди. Министерството за култура пред неколку дена објави дека Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ одлучи наградата за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери, во 2025 година да им се додели на: Борче Стаменов од „Донирај компјутер“ и на доц. д-р Ирфан Ахмети од Универзитетската клиника за ендокринологија. Наградата вчера им беше врачена на добитниците во републичкото собрание. Стаменов е добитник и на државната награда „Мето Јовановски“ за 2023 година, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Борче вели дека е номиниран и за државната награда „11 Октомври“ за 2025, со која се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Р.Н.М.
Голема помош од одговорните лица во двете работилници и од многу компании
Гордана Клинчарова и Ѓорѓи Костадинов се одговорни за работилницата во Кавадарци, која се наоѓа во фирмата „Бидат информатика“. Живко Коцев и Драган Ризов ја организираат работилницата во Скопје, која е во фирмата „Бејс 42“ (Base42). Опремата и донациите ги превезуваме со автомобилот „Донка“ што ни го купија повеќе фирми („Шпаркасе лизинг“, „Пиксел“, „И-крауд“ и граѓани што донираа средства на нашата сметка) или со комбето што ни го донираа „Машинокоп“ од Кавадарци и рудникот „Бучим“ од Радовиш. За поголемите пратки бесплатно користиме комбиња на „Тим компјутери“ од Кавадарци. „Дади компани“ од Скопје ни донира гориво за да патуваме и да собираме донации. „Нептун“ од Скопје бесплатно ни ја става на располагање целата своја логистика низ целата држава. Карго-службата „Еко логистик сервис“ од Скопје бесплатно ги доставува сите донации до корисниците. „Ми комерц“ од Кавадарци ни ги покрива трошоците за патарини. Ѝ благодарам и на навивачката група „Лозари“ од Кавадарци, која често ни помага да ги растовариме и да ги сместиме донациите. Мобилни корисници се јавуваа на броеви за донација на операторите „Македонски телеком АД Скопје“ и „А1 Македонија“. Имаме и многу други помагатели, кажува Борче Стаменов. Р.Н.М.