Србија: Историски пакет мерки среде политичка криза
Сеопфатен пакет економски мерки што треба да донесат значително подобрување на животниот стандард на граѓаните на Србија, претстави српскиот претседател Александар Вучиќ, изминатиот викенд во Палатата на Србија. Мерките вклучуваат ограничување на трговските маржи на 20 проценти, пониски цени за повеќе од три илјади производи, поповолни кредити со каматни стапки до седум и пол проценти, поевтина енергија и поддршката за малите трговци… Вучиќ, исто така, најави дека вториот дел од програмата ќе биде презентиран кон средината на септември.
– За мене, најважниот заклучок е дека кога ќе соберете сè и ќе споредите сè, верувам дека милиони српски граѓани ќе имаат голема корист од овие мерки – нагласи српскиот претседател Вучиќ.
Каматната стапка за готовинските кредити ограничена на седум и пол проценти
Зборувајќи за каматните стапки, српскиот претседател најави нови мерки, кои, како што истакна, ќе поттикнат дополнително трошење и ќе им помогнат на граѓаните од средната класа и на оние со малку послаби финансиски услови.
– Одлучивме да одиме со приходи до 100 илјади динари, што значи дека оваа мерка ќе се однесува на речиси 65 проценти од вработените и околу 92 проценти од пензионерите во Србија. Станува збор за готовински и потрошувачки кредити, како и за станбени кредити – рече Вучиќ.
Тој прецизираше дека ограничувањето ќе се однесува на готовински кредити до 9.000 евра, со максимална каматна стапка од 7,5 проценти.
– Во разговорите со нашата одлична банка, Поштанска штедионица, каматната стапка ќе биде дури 5,99 проценти. Замислете, можете да земете готовински кредит за 71 месец, тоа се шест години – истакна претседателот.
Малопродажните синџири се обврзани да ги намалат цените
Српскиот претседател Вучиќ нагласи дека ограничувањето на маржите на максимум 20 проценти ќе донесе значителни заштеди за граѓаните и ќе придонесе за стабилноста на пазарот.
– Ова е мерка што ќе обезбеди цените да паднат и граѓаните да почувствуваат конкретна корист. Големите малопродажни синџири повеќе не можат да заработуваат пари на сметка на луѓето со маржи од 40 проценти или повеќе. Сега тие ќе бидат обврзани да ги намалат на максимум 20 проценти – рече претседателот.
Тој нагласи дека државата намерно ги ослободила малите продавници во селата и помалите заедници, со цел да им овозможи да продолжат со својата работа и да преживеат во услови на жестока конкуренција. Според него, овој потег е насочен првенствено кон најголемите синџири што контролираат поголем дел од пазарите. Вучиќ рече дека државата ќе ги ограничи трговските маржи, што ќе доведе до значително намалување на цените на „речиси секој производ“.
– Зборуваме за речиси 3.000 производи и 23 групи производи – нагласи српскиот претседател.
Предвидено е пакетот со нови економски мерки да стапи во сила на 1 септември. Како што истакна српскиот претседател, мерките ќе се однесуваат на сите производи, првенствено на храна и производи за хигиена во домаќинството, но и на кредити што ќе бидат достапни со пониски каматни стапки.
Државата верува дека го стеснила просторот за измами
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да има можност за измама при спроведувањето на новите мерки, бидејќи сè е обезбедено преку регулатива и директна контрола на државните органи.
– Сè ни е обезбедено преку регулатива, преку директна контрола и пазарна инспекција, како и преку сите финансиски и даночни инспекции – нагласи Вучиќ.
Тој најави дека казните за трговците што не ги почитуваат пропишаните мерки ќе бидат исклучително строги. Додаде дека државата разговара со трговците бидејќи верува дека е и во нивен интерес мерките да се спроведат, бидејќи потрошувачите ќе купуваат повеќе. Р.С.