Македонија во полскиот град Варшава освои вкупно три медали, со сребро се закити Љупче Михајлов, а со бронза Викторија Јовановска, сите каратисти
ЕВРОПСКА УНИВЕРЗИЈАДА ВО БОРАЧКИ СПОРТОВИ
Македонското карате постигна голем успех на Европската универзијада во борачки спортови (карате, џудо, таеквондо и кикбокс), кое се одржа во полскиот град Варшава (Полска). На последниот натпреварувачки ден, каратистите Ангела Мојсовска (тежинска категорија до 68 кг) од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје се закити со златен медал, победувајќи ја во финалната борба противничката од Косово, Мустафа Бехије, со 4-3. Претходно таа имаше извојувано уште три победи.
Вториот финалист Љупче Михајлов (до 75 кг) од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во финалната борба загуби од Омер Фарук од Турција со 0-10, откако до финалето забележа четири победи и му припадна сребрениот медал, што претставува одличен пласман.
Ден претходно бронзен медал освои каратистката Викторија Јовановска (до 61 кг) од Факултетот за туризам од Скопје и членка на КК Макпетрол, откако во репасажот ја победи Французинката Матилде Саке (7-1), а во борбата за бронзата беше поуспешна од Австријката Лејла Топаловиќ (3-0). Високи пласмани, поточно на петтата позиција, остварија Петар Заборски ( до 75 кг) од Универзитетот „Св Климент Охридски“- Битола и Јована Мицовска (до 61 кг) од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Во екипна конкуренција тимот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во првото коло славеше со 2-1 над универзитет од Нотингем, а во второто коло загуби со 1-2 од универзитет од Приштина.
На Европската универзијада во борачки спортови во Варшава учествуваа спортисти од 400 универзитети од 32 држави во четири спорта, а Македонија беше застапена со девет каратисти од пет македонски универзитети, предводена од селекторот Бошко Заборски. Г.И.