Во наше време…

Зошто реченицата од насловот „во наше време“ не им помага на денешните деца, а уште помалку на денешните родители

Сите сме ја слушнале реченицата: „Во наше време децата не плачеа за секоја ситница, се знаеше ред и мир!“ Но дали е навистина така, или едноставно не се зборуваше за емоциите? Денешните деца не се „понепослушни“ или „разгалени“, туку денес како општество имаме повеќе храброст да зборуваме за нивните чувства и потреби. А кога детето ќе вресне во маркет, ќе се тркала по под затоа што не му ја купивме саканата играчка, тоа не е знак на разгаленост – тоа е негов начин да ги изрази фрустрацијата и непријатноста, кои не знае поинаку да ги покаже. Да се разбереме, не зборувам за оној тип родители што ништо не преземаат кога децата им се тркалаат низ маркет. Зборувам за оние мали тантруми што секое дете ги поминува повеќе или помалку.

Зошто „во наше време“ не е аргумент?

Секое време носи свои предизвици. Порано се живеело во поинакви услови: родителите имале помалку информации за детскиот развој, а често и помалку можности да разговараат со децата. „Редот“ и „послушноста“ често се добивале со строгост и казни. Денес знаеме дека строгоста без објаснување не гради доверба, туку страв. Денес сѐ повеќе родители го прегрнуваат начинот на дисциплина без драма.
Модерните истражувања покажуваат дека емоционалната интелигенција – способноста да ги препознаеме и управуваме со сопствените емоции – се развива уште во најмала возраст. Децата не плачат за инает, туку затоа што се преплавени од чувства со кои не знаат како да се справат. Покрај тоа, стресот во денешницава е многу поголем за разлика од порано, екранизмот е на секој чекор, родители навалени на телефон, деца на телефон од дури пет месеци, па и самите баби и дедовци. Престимулирани од бука на секој чекор, секој дом е полн со безброј играчки – децата не ги оставаме ни здраво да ја почувствуваат досадата, која е и тоа како полезна за детскиот развој.
Упорно се потиснуваат работи што не се точни, преплавени сме со информации, но дали знаеме да ги селектираме тие информации на правилен начин? Остави го да се исплаче, нека научи да заспива само во темница во своја соба, по можност од четири месеци. Градинка мора, така учи социјализација, на децата до три години им треба стабилен родител по кој ќе учат, не ни знаат за социјализација, не ни зборуваат. Да, адаптацијата е полесна, да, повеќето родители се принудени да ги запишат во градинка своите малечки, но правете селекција на сѐ што читате на интернет и сѐ што слушате и после упорни сте во секој разговор со новопечена мајка.

Што се тантрумите?

Тантрумите се нормален дел од развојот на детето. Тие обично се јавуваат кај деца од една до четири години – токму кога мозокот брзо се развива, но говорот и самоконтролата сѐ уште се ограничени. Кога детето е гладно, уморно или фрустрирано, најлесно е да покаже како се чувствува преку плачење, врескање или тркалање. Тоа не е знак дека детето е лошо, туку дека има потреба од поддршка. Како да реагира родителот?
•Останете смирени. Ако одговориме со викање, го засилуваме хаосот.
•Препознајте ја емоцијата. Кажете: „Знам дека си лут затоа што не можеш да ја добиеш играчката“.
•Понудете избор. На пример: „Не можеме да ја земеме оваа играчка, но можеме да избереме друга што ќе чека дома“.
•Граници со љубов. Не се работи за попуштање на секое барање, туку за емпатично објаснување на границите.
•Бидете модел за пример. Децата учат како да се справуваат со емоциите гледајќи ги возрасните.
И колку ова на многумина родители, посебно на бабите и дедовците, да им е клише или да мислат дека се продава мачкина кашлица, со практикување на истиве точки се добива плод, а детето учи од примери и константност.
Кога фрлаат нонстоп играчки, чаши или што било, понудете да фрлаат мраз во када, или камчиња, доколку сте надвор во вода и сл.
Доколку сака да удира – понудете да удирате на перница.
Само секогаш зборувајте со нив, објаснувајте, ако треба и по милион пати.
Колку пати сум му рекла на моето едно и полгодишно дете, јас го почитувам твоето, почитувај го и ти моето. Кога ти ми викаш не мама, кога сакам да ти дадам храна, гушки или слично, јас се повлекувам, така и ти сега немој да ја гризеш мама, мама ја боли. И колку блесаво и да изгледа овој разговор и кога има постари до мене и ме гледаат попреку, јас знам дека моето дете ме разбира. Јас знам дека тие иако ние мислиме дека не разбираат, тие разбираат сѐ!

Зошто ова е важно?

Кога наместо критика, им даваме разбирање, децата учат да имаат доверба и да зборуваат за тоа како се чувствуваат. Речениците од типот „во наше време“ не им помагаат – тие ги споредуваат со генерации што живееле во сосема други услови. Наместо споредби, потребни им се поддржувачки возрасни што ќе им покажат како да ги именуваат гневот, разочарувањето или тагата и да ги регулираат тие чувства.
Да се биде родител денес не е полесно, но имаме повеќе знаење и алатки за да создадеме емотивно здрави деца. Наместо да се враќаме кон речениците од минатото, да се свртиме кон разбирање, емпатија и воспитување со љубов и граници. Тантрумот не е непријател, туку можност да му покажеме на детето дека е сакано и кога е лутачко, гласно и хаотично.

Јелена Димитриевска

Авторката е дефектолог