„Евросонг 2026“ ќе се одржи во Австрија, откако Џеј-Џеј победи на годинашниот натпревар во Базел со песната „Wasted Love“. Организаторите сега го објавија точниот град каде што ќе се одржи натпреварот и кога. „Евросонг 2026“ ќе се одржи на 12 и 14 мај (полуфинале) и 16 мај (финале) во Виена. Големото финале на 70-от евровизиски натпревар ќе се одржи во сабота, 16 мај, во Виенер Штадхале, најголемата затворена арена во Австрија.
Виена го дели четвртото место со Копенхаген, Малме и Стокхолм на листата на градови што најмногу пати биле домаќини на евровизискиот натпревар. Само Даблин, Лондон и Луксембург го организирале натпреварот повеќе пати. Виена беше домаќин на првиот натпревар одржан во Австрија во 1967 година, откако Удо Јиргенс победи со песната „Merci, Chérie“ во 1966 година. Исто така, беше домаќин на 60-то издание на „Евровизија“ во 2015 година, по победата на Кончита Вурст во 2014 година со песната „Rise Like a Phoenix“, а сега ќе биде домаќин на 70-то издание во 2026 година.
– ЕБУ е воодушевена што Виена е избрана да биде домаќин на евровизискиот натпревар во 2026 година. Репутацијата на Виена како еден од најмузикалните градови во светот и нејзината локација во срцето на Европа ја прават совршен град домаќин за 70-то издание на „Евровизија“ – рече Мартин Грин, директор на „Евровизија“. И градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, е возбуден што го пречекува светот во австриската престолнина.