Композициите „За Џанго“ и „Сфера“ се напишани во 2025 година, наменски за овој концерт каде што и ќе ја доживеат својата премиерна изведба

На 30 август, со почеток во 12 часот, во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи авторскиот концерт „Сфера“ на композиторката Ана Пандевска во изведба на пијанистката Дуња Иванова. Музиката на Пандевска за првпат со целовечерен концерт ќе се промовира во Битола, градот на конзулите. На програмата ќе се најдат пет композиции за пијано и електроника (Фиксен медиум): „Пејзажни атмосфери“ (Ѕвона на моето пијано, Кристални капки, Бели бисери), „Дуња и Дарин“ (Приспивна за Дарин, Дарин и знамињата, Дарин и планетите, Дарин математичарот, Дарин пее „Среќен роденден“), „Квази Бурлеска“ (Пацовот од Дебар Маало), „За Џанго“, „Сфера“. Композициите „За Џанго“ и „Сфера“ се напишани во 2025 година, наменски за овој концерт каде што и ќе ја доживеат својата премиерна изведба.
Ана Пандевска (1985) го започнува своето композиторско образование мошне рано и уште како средношколка има двомесечен престој во САД, во „Интерлокен артс камп“ на отсекот за композиција. Студира композиција на ФМУ во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде што дипломира во 2010 година. Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор што преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту, пак, посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Ана Пандевска е авторка што понекогаш тенденциозно ја разнебитува суровата реалност и ја става во рамки на една звучна форма, а понекогаш ја пласира и директно, удирајќи силна шлаканица или покажувајќи со прст кон одредени општествени случувања. Таа е претставник на новата генерација македонски композитори, која ветува светла состојба. Бидејќи Пандевска се стреми да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови, и да ги соедини со свои, индивидуалните размисли неретко се дел од овдешните, локални случувања.

Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако се сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив, тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата, каде што слушателот ништо не препознава како случајност, туку како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство. Нејзините дела доживуваат многубројни изведби во различни контексти, од странски и домашни изведувачи. Поставила над 20 авторски концерти и добила стручни награди што се резултат на нејзината активна композиторска продуктивност.
Дуња Иванова (1985) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Денови на македонската музика“, „Музика вива“…