Оваа колумна, драг читателу, ја пишував на веста дека МПЦ ја признала Американската православна црква и архиепископот Стефан треба да сослужува со неа во Вашингтон, на што дополнително се возбудиле фарисеите во Фанар, но и некои црковни аналитичари кај нас, кои воопшто не ги познаваат ни битието на црквата ни учењето на Христос. Како се одвиваат понатаму работите и не е важно. Важен е поводот за нашиот текст, кој и сега нè тера, не за првпат, да ги изнесеме нашите ставови за Невестата Христова ‒ црквата и христијанството, кое е одамна, веќе и со столетија, во длабока историска криза и не е христолико какво што треба да биде. Целосно е изневерен Вториот Адам, Христос, богочовекот што требаше да го обожестви и да му го открие залутаниот човек Бог. Затоа од него и ќе почнеме, иако првин даваме во контекст на темата цитат од Отецот (Јахве), кој гласи: „А Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот. Небото ми е престол, а земјата е подножјето на моите нозе. Каков дом ќе ми изградите говори Господ, или какво ќе биде местото за мојата почивка?“ (Дела апостолски 7:48-49). Тоа го говори отецот од Светото тројство, но истата идеја на едно друго место ја варира и Синот, Христос. Нешто многу важно во контекст на нашата тема во овој текст сугерирано in medias res уште во неговиот дециден наслов. Имено, и Отецот (Јахве) и Синот (Христос) како да имале чиста интуиција што ќе се случи со верата за која е посебно значаен Христос, кој нејзе ѝ дава широк тек на трансцедентална, божествена и етичка струја што ќе треба да ја обликува новата обожествена душа на човекот и човештвото. Новиот Адам. И тоа е најубавото откровение што му се открило на светот.
Сега се враќаме на цитираниот фрагмент од Дела апостолски. За него свештенството речиси и не зборува, ниту го анализира. Го премолчува оти не му одговара. Но воопшто од него премолчено е игнорирано и критичкото читање и промислување на Светото писмо, надвор од утврдените догми што го обезбедуваат теолошкиот конформизам. Сепак такво критичко промислување имало во еден период од христијанството кај раните христијани, кај гностичарите какви што биле богомилите. Така, на пример, тие врз база на темелна анализа тврделе дека постои непремостлив хијатус меѓу Стариот на Отецот (Јахве) и Новиот на Синот (Христос) завет. Оти за првиот бил карактеристичен законот на одмаздата („Око за око, заб за заб“ ‒ световен еврејски закон), а за вториот, Синот (Христос) законот на бескрајната љубов како енергија на душата, и проштевањето како најважна институција што ќе ги хармонизира односите меѓу луѓето. Сè тоа е точно и затоа е оправдан сомнежот на богомилите во онаа изјава на Христос дека тој дошол на овој свет не да го укине туку да го исполни Стариот завет, што е само по себе парадокс, апорија. Или едноставно, што е поверојатно, ако се имаат разните преписи на Светото писмо, Тој наместо „исполнам“ првобитно рекол „преобразам“, односно „трансцендирам“ што дава сосема подруга смисла. Некој тука замешал прсти, оти логично Христос не дошол да го исполни она на суровиот Јахве „око за око, заб за заб“, кога им простил и на римските војници, кои му ги забивале клинците на крстот. Значи богомилите гностици биле во право со нивната (хипо)теза за шизофрената пукнатина меѓу едниот и другиот Завет. За тоа, но уште за едно многу важно нешто тие биле прогласени за еретици, а потоа и погубени од официјалната црква, пред сè католичката, но и православната тука не била целосно невина. Ана Комнина опишува еден случај на погубување на богомил на византискиот двор од нејзиниот татко Алексеј Комнин. Итн. За грев им се земало на богомилите и нивното игнорирање на институционализираната црква со хиерархиски поставена организација, потпирајќи се меѓу другото за тој свој став и на понапред цитираниот фраглент од Дела апостолски.
Епилогот: тие биле целосно поразени и уништени од Македонија сè до Атлантски Океан на запад, во цела Европа. Последниот нивен колеж е во Монсегур во Јужна Франција. Богомилите, всушност, читајќи го длабински Светото писмо, се повикале на Отецот и Синот дека всушност вистинската црква што може да го собере во себе Бог е само човечкото срце, укажувајќи на тој начин на индивидуалниот пат, без институционално посредништво, на верникот кон Создателот. Поборници на индивидуализмот. Се разбира, тука тие според официјалната црква ја негираат соборноста како важен елемент во Христовата вера. Но рускиот религиозен филозоф Берѓаев тука соборноста ја гледа, на прв поглед парадоксално, и во индивидуата, како надиндивидуа (негов термин), која неа ја остварува де факто во нејзината врска во молитвата со светото тројство. Притоа богомилите се повикуваат и на зборовите на Христос како што ја сфаќа тој соборноста. Имено, кога вели дека кај се двајца во молитва и тој е со нив, им се придружува, и тоа е црква. Соборност. Што значи, пак, и дека според тоа секое едно семејство е црква. Свето тројство. Сè тоа, пак, значи дека самиот Христос ја претпочита микроструктурата, индивидуата, семејството и сл. пред макроструктурата, големиот институционален и во многу нешта конфузен организам на црквата.
Тоа е тоа, драг читателу. Во историјата се покажало дека тој организам од чисто верски станува идеолошки, политички, обременет скандалозно и со феноменот корупција. Тоа почнало уште со Константин Велики, царот светец, кој во интерес повеќе на својата империја отколку на верата војувал под знамето на христијанството со меч, не и со љубов што го исклучува него. Оттогаш наваму се познати многу црковни војни. Најпознати се оние неколкудецениските меѓу католиците на папата и протестантите на Лутер.
Од Константин наваму црквата е апсолутно подржавена. Оттогаш наваму ниту е државата секуларна, без црквата, ниту е црквата божествена, без државата. Погазено е она на Христос: „на царот царевото, на Господ господовото“ и воопшто не е сфатено неговото „небесно царство“, кое е во срцето на секој човек, но не е на небото како апстракција. Во однос на црквата и државата ништо не се изменило од формулата на односот меѓу фарисеите и власта, римска и еврејска, во Ерусалим за време на Христовиот земен живот.
Ситуацијата не е изменета ни денес и не сум сигурен, драг читателу, дека кога би дошол Спасителот не би бил повторно распнат во безбожната цивилизација, како тогаш на Голгота од еврејските фарисеи и Римјаните. Црквата е во цврста нераскинлива прегратка со политиката, секаде, и кај нас. Како најилустративен пример, и со планетарна димензија на таа прегратка е и сликата на помпезната инаугурација на Трамп за претседател на која според утврден канон беа присутни и двајца свештеници, католик и протестант, за да го благословат новиот претседател и Америка, која веднаш утредента му испорача енормно количество оружје на Израел. А Достоевски рече дека и само една детска солза го доведува во прашање постоењето на Господ, а камоли секојдневно купишта убиени деца. А тоа е безбожната цивилизација во чија прегратка е и институционалната црква, која одамна го стави Бог под прашалник. Убаво звучи епитетот за црквата како Невеста Христова. Црквата што кога е очистена од калта на политиката и световното има онтолошка мистична вредност и е еден од темелните архетипски симболи на нашето битие. Да. Ама таа како што го покажува тоа историјата на целосно подржавената црква е ставена во борделот на политиката. Тоа е сликата на „историското христијанство“, како што ја дефинира историјата на официјалната црква, која учествуваше во демолирање на чистата Христова вера, Берѓаев. Во тој контекст рускиот религиозен филозоф критикува и некои модели што таа ги развива и протажира како христолики, како што е тоа меѓу другото и пустиножителството, или аскетизмот, што е еден вид презир на „грешното“ тело. Посебно е жестока критиката на тоа на најрадикалниот критичар на христијанството Ниче, кој вели дека тоа ги има исмукано сите живи дионизиски сокови на човекот, оставајќи го без елементарната животна радост. А тоа е спротивно на филозофијата на Христос, кој во една пригода кога фарисеите го запрашале зошто тој и апостолите не постат одговорил дека е уште малку (мислел пред распетието) младоженецот на овој свет. А тоа значело дека требало со радост заедно со своите следбеници да го помине животот. Пораката е експлицитна, дека секој човек на земјата од Господ е испратен како младоженец, а не како аскет што треба да биде стигматизиран од приказната за гревот со оној настан со змијата и јаболкото на неговите прародители. Едноставно „историското христијанство“, црквата, ја искривило и вистината за Христос и неговото виталистичко учење за човекот. Во својата „Легенда за ѓаволот“ и Толстој вели преку устата на малото ѓаволче дека црквата е измислена за да го растури христијанството. Вистинското секако, чиј храм е пред сè и над сè срцето на човекот, а не монументалната верска идеолошка институција, која со него ја манипулира толпата, како што го објаснува ингениозно тоа Достоевски во „Големиот инквизитор“, а и еден од исто така најрадикалните критичари на подржавеното, злоупотребено и корумпирано христијанство, данскиот свештеник и филозоф Киркегард. Тој зборува за „скок во вера“ што им е иманентен на храбрите и чисти души што се налик на Христос. Скок што во непоколебливата храброст е аналоген на скокот на Емпедокле во кратерот на Етна. Итн.
И уште еднаш Ниче со неговата страшна изјава „Бог е мртов“, која разбирливо им е нејасна на теолозите, но за жал и на филозофите, мислејќи дека германскиот филозоф е окорел безбожник и атеист, што е погрешно. Имено тој не бил толку недоветен да мисли дека не постои Бог, макар и како некој вид супстанција, или суштина како што мислат Кант и Спиноза. Не. Изјавата на Ниче е дијагностичка по однос на безбожната цивилизација и човекот во неа што го загубил, односно го убил Бог во себе. На таа линија на размисла е и Достоевски, кој мисли дека ако нема Бог сè е дозволено. Дозволено е злото, во кое во текот на историјата учествувала штедро и црквата: Крстоносните војни, варварството на темпларите, индулгенцијата, инквизицијата итн. Гревови што ги носи на грб главно Католичката црква. Најмногу.
Така, како што гледаш, драг читателу, долга е хаваријата на „историското христијанство“ под капата на црквата како идеологија во прегратка со политиката. Рака на срце ни поновата историја на МПЦ не е лишена од таквата прегратка, посебно во нејзината потрага по проклетиот несреќен томос за признавање на нејзината автономија и канонско единство со другите православни цркви, при што сите карти беа фрлени на Фанар. А историјата на оваа институција што се прогласила за вселенска, а нејзиниот патријарх за вселенски ни малку не е благопријатна за Македонците. Тоа е еден болен грконарцизам, оти вселенски патријарх е, како што знаеме, само Исус Христос, никој друг, па оттука и вселената е негова, а не на гркоетноцентричниот Фанар патријаршија. Мислам дека се разбираме, драг читателу. Па и метафизичкиот томос за да постоиш како црква што го добивме од Србите и Русите е болен парадокс. Да моли пред Господ за една безначајна хартија една црква да биде признаена, без нејзините свештеници од Синодот да знаат дека вистинскиот томос нејзе ѝ го дал апостол Павле, лично насочен кон Македонија од духот на Христос (Дела апостолски). Тој ја основал тука и првата црква во Европа. Тоа се фактите што треба да ги знае нашето свештенство и конечно потпирајќи се на нив да се отплетка од канџите на мрежата на Фанар и фанариотите од Цариград „лицем светци срцем волци“ (Прличев) какви што останале до денес. Дури уште пооволчени и побезбожни се сега кон Македонците, тоа што треба да го знаат од Синодот и оние некои аналитичари, кои не ги разбираат работите, или се и платени да не ги разбираат, како и некои свештеници исто така. Сеедно.
Оти треба да се потсетиме на оној страшен гркофашистички стоилјаден митинг во Солун во почетокот на деведесеттите организиран и од фанариотите од Фанар во спрега со грчката политика, кога се бараше смрт на младата штотуку никната самостојна македонска Република, што значи и на Македонците, чиј геноцид од 1948 поддржан од Европа Грците го продолжија и сега. Фанар за нас посебно е гркоцентрична институција и како таква е апсолутно вклопена во идентитетскиот геноцид над Македонците, рамо до рамо со грчката политика, која во својата волчја нарав кон нас ни за милиметар не се поместила од грчкиот монархофашизам, кога се вршеше етничко чистење на Македонците од Егејска Македонија со помош на англиските бомбардери од американско потекло полни со напалм-бомби и смрт. Денес грчката политика и Фанар го спроведуваат, и со меѓународен мирис, идентитетскиот геноцид на древниот македонски народ. Фанар за проклетиот антибожји томос бара да се откажеме од именката Македонија и сите нејзини деривати во името на нашата црква. Во еден миг ова и беше прифатено во Синодот на МПЦ, па потоа следуваше ретерирање, а по тоа и срамно формирање од него комисија за утврдување на македонското име на црквата и нејзиниот идентитет. Итн. Најумен потег, не би рекол и најхрабар, драг читателу, на МПЦ е раскинување на безбожните врски со Фанар. А тоа значи: нека Невестата Христова се извади од борделот на политиката и му се врати на нејзиниот љубен Христос. Nocturno. De profundis. Memento mori.