Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека денеска во Вашингтон, за време на заедничкиот состанок на лидерите на САД, Украина, други европски земји, ЕУ и НАТО, ќе се дискутира за идната безбедносна архитектура на Украина и Европа.
Тоа беше објавено на веб-страницата на претседателот на Украина по средбата на Зеленски со специјалниот претставник на САД за Украина и Русија, Кит Келог. Украински медиуми јавија дека преговорите меѓу претседателот на Украина, со учество на други европски лидери, и претседателот на САД Доналд Трамп, што ќе се одржат денеска во Вашингтон, станаа клучна тема на средбата на Зеленски со Келог.
– Пред сѐ, благодарни сме на претседателот Трамп за оваа покана и форматот што ќе го имаме. Сигналот во врска со безбедносните гаранции е важен. Многу е важно што сме заедно со САД и Европа – истакна Зеленски.