Политичар што мора да повторува дека е лидер не е вистински лидер

Насловот претставува цитат на Џофри Баратеон, кој се смета за еден од најомразените ликови во делото „Игра на тронови“ поради неговата арогантност, бидејќи верува дека е над правилата, односно дека може да прави што сака, додека истовремено е слаб лидер, носејќи избрзани одлуки што негативно влијаат врз кралството и ги затегнуваат односите со другите моќни аристократски куќи. Но зборовите на овој фиктивен лик и неговите тешкотии да стекне авторитет, поради што постојано нагласува оти тој е крал, би можеле да се однесуваат и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На нив потсетува неодамнешна изјава на Ахмети, кој се нарече лидер на Албанците во Македонија, што наиде на силно противење не само во земјава туку и пошироко. Ахмети и во партиската најава за неговата швајцарска турнеја кон крајот на минатата година беше претставен како основач на ОВК и албански лидер, што јасно покажува дека тој сака да се кити со лидерски титули

Секој човек што мора да каже јас сум кралот, не е вистински крал, гласи познат цитат во бестселерот „Игра на тронови“ на Џорџ Р.Р. Мартин, преку кој се истакнува клучна разлика меѓу крал што добива почит преку дела и владетел што постојано треба да го потврдува својот авторитет преку зборови. Овие зборови се однесуваат на Џофри Баратеон, кој се смета за еден од најомразените ликови во делото поради неговата арогантност, бидејќи верува дека е над правилата, односно дека може да прави што сака, додека истовремено е слаб лидер, носејќи избрзани одлуки што негативно влијаат врз кралството и ги затегнуваат односите со другите моќни аристократски куќи. Но говорот на овој фиктивен лик и неговите тешкотии да стекне авторитет, поради што постојано нагласува оти тој е крал, би можеле да се однесуваат и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На нив потсетува неодамнешна изјава на Ахмети, кој се нарече лидер на Албанците во Македонија, што наиде на силно противење не само во земјава туку и пошироко. Ахмети и во партиската најава за неговата швајцарска турнеја кон крајот на минатата година беше претставен како основач на ОВК и албански лидер, што јасно покажува дека тој сака да се кити со лидерски титули.
Но нешто друго од актуелната реторика на Ахмети имаше непријатен одзвук. Тој исто така порача дека нему и на неговите сонародници им биле оспорувани јазикот, знамето, правото на еднаквост и правото на постоење со логиката „Македонија на Македонците“?! Постојаното играње на картата на обесправеност од страна на првиот човек на ДУИ, во обид да се дојде до гласови, носи само поделби и тензии, претставувајќи и играње со чувствата на граѓаните на Македонија, кои ги уживаат сите права што ги овозможува унитарната држава. Па баш во Македонија припадниците на малцинствата, а особено претставниците на албанските партии, ги имаат остварено сите права, кои се однесуваат на користењето на јазикот и националните обележја, преку одбележување на деновите на албанската азбука и на албанското знаме, на пример, па сѐ до вработувањето преку процентуалната застапеност во државната администрација, како и со извршување високи државнички функции, што честопати и се злоупотребува со искривено толкување на Охридскиот рамковен договор.

Од друга страна, колку што македонската политика имаше разбирање и волја за поволно решавање на националните барања на Албанците низ годините, толку албанските политички лидери немаа чувство на блискост и партнерство за националните интереси на Македонците, па во македонската јавност затоа е создадена перцепција дека во албанскиот политички кампус нема изградено култура на емпатија и солидарност со национално-идентитетските предизвици на македонското мнозинство.
Очигледно е дека губењето на власта на последните парламентарни избори, а постепено и на политичкиот кредибилитет, го наведува Ахмети и натаму да се држи до истата шуплива реторика на етнички поделби, која дури и се засилува паралелно со тонењето на партијата во сѐ подлабоки проблеми, при соочувањето со големи корупциски скандали и со незадоволство кај нивните гласачи. Тој пред неколку месеци се обидуваше да наметне перцепција дека во Македонија треба да има влада со етнички легитимитет, што оди во согласност со политиката на интегративците, кои во текот на целото свое 22-годишно владеење заговараа концепт на поделби преку притисок за носење закони спротивни на Уставот, со кои де факто се воспоставуваа бинационалност и етнизација на институциите. Да не го спомнуваме и фамозниот предлог за преуредување на земјава според белгискиот модел, како еден од двата разработени модела (заедно со оној од Северна Ирска) од американски експерт ангажиран од ДУИ.

Но тоа не е ништо ново. Во обидот за да се издејствува исполнување нереални барања, од ДУИ во повеќе наврати беше користена реторика со „црвени линии“ и со тврдења за антиалбанска кампања што ги претставуваше последните во низата закани на интегративците. A реториката на албанскиот политички кампус уште пред да почне кампањата за претстојните локални избори, всушност и натаму го користи национализмот со исклучиво обраќање кон сопствената етничка заедница. Тука може да се слушнат навраќање на тврдењата за наводна обесправеност на албанската заедница во земјава, воздигнување на борбата на УЧК, ширење на тезата за македонска доминација, како во говорот на Ахмети, за загрозување на албанскиот јазик…
Извесно е дека ваквиот целокупен настап на политичарите од албанскиот блок ја промовира замислата бинационална држава, наспроти зајакнување на унитарниот карактер на Македонија. Но стратегијата за создавање раздор и немир со реториката на обесправеност, одамна не поминува меѓу гласачите од ниту еден етникум, на кои им е јасно дека од неа корист можат да извлечат единствено политичарите, а дека тие треба да живеат заедно рамо до рамо, во заедничката татковина, без разлика кој и да победи на изборите. Затоа на политичарите би им било далеку попаметно да промовираат остварливи проекти со чија реализација ќе имаат корист сите граѓани и конечно да го отфрлат штетниот облик на национализмот.