Само замислете, држави што на дневна основа прекршуваат човекови и малцински права, нешто што е потврдено од повеќе релевантни институции, имаат право да одлучуваат за политиките на Европската Унија. Апсурдот е уште поголем ако се земе предвид дека Атина и Софија не можат да се соочат со сопственото минато, но не можат да се помират и со фактот дека македонскиот народ е реалност и има сопствена држава. Прекршувањето на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ, како и присвојувањето на македонските јазични, културни и историски особености ќе продолжат сѐ додека Атина и Софија не се соочат со своето темно минато, односно дека во име на великогрцизмот и великобугаризмот го тероризираа македонскиот народ. Сѐ додека лажните историски наративи се суштината на грчкото и бугарското политичко битисување, историското помирување на грчкиот и бугарскиот народ со македонскиот народ ќе биде невозможно
Европската Унија беше проект на т.н. постисториски општества, кои се карактеризираат со политичка стабилност, консензус околу демократските норми и недостиг од идеолошки конфликти. Државите основачи на ЕУ исто така се карактеризираа и со силни институции и владеење на правото, како и почитување на човековите права и негување на различните култури и особености. Но тука има уште еден аспект што понекогаш се пренебрегнува, а тоа е историското помирување меѓу Франција и Германија, кое суштествено влијаеше врз идеолошкото оформување на Европската Унија. Низ историјата, Франција и Германија беа едни од најголемите ривали, стремејќи се да воспостават политичка хегемонија во Европа. Но со потпишувањето на Елисејскиот договор на 22 јануари 1963 година, нештата се променија и настана длабок пресврт во односите меѓу двете држави, вековното непријателство се видоизмени во пријателство.
Клучна улога во овој настан одигра Конрад Аденауер, првиот канцелар на Сојузна Република Германија, кој веруваше дека помирувањето со Франција е од суштинско значење не само за мирот во Европа туку и за иднината на германската демократија. Не случајно, Конрад Аденауер нагласуваше дека германскиот и францускиот народ мора да ги надминат историските поплаки и да работата заедно, како и дека помирувањето меѓу двата народа е морална и политичка обврска за спречување идни конфликти. Стремежот за надминување на историските поплаки се покажа како суштествен за изградбата на Европската Унија затоа што државите како Франција, Германија или Италија се откажаа од иредентизмот и екстремниот национализам, а минатото го оставија на историчарите и се насочија кон иднината. Тоа е суштината на европските вредности, историските дискусии немаат ништо се реалните политики – економскиот раст, подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, инфраструктурата…, па затоа и се вели дека Европската Унија беше проект на постисториски општества.
Меѓутоа на 1 јануари 1981 година започна ретрограден процес во Европската Унија, кој и ден-денес се чувствува и влијае врз европските политики, но и опстојувањето на самата Унија. На споменатиот датум, Република Грција ѝ се приклучи на ЕУ и стана десетта членка на Унијата. Тогашната европска елита го протолкува овој настан како чекор кон консолидирањето на грчката демократијата по падот на воената хунта во 1974 година и како стратешки потег за зацврстување на европските вредности во Република Грција, но идните случувања потврдија дека станува збор за заблуда. Овој споменат ретрограден процес, кој доведе до постепено слабеење и опаѓање на внатрешните демократски капацитет на ЕУ, уште повеќе се продлабочи на 1 јануари 2007 година кога Република Бугарија официјално ѝ се приклучи на Европската Унија. Влегувањето на нашиот источен сосед во ЕУ од многумина беше протолкувано како голема пресвртница во посткомунистичката трансформација на Бугарија и во нејзината интеграција во западните политички и економски структури.
Многумина веруваа дека влегувањето на Грција и Бугарија во Европската Унија е победа за европските вредности, но речиси никој не беше свесен дека со тоа всушност започна обратен процес, односно балканизација на ЕУ. Грција и Бугарија како општества и држави се културолошки и мисловно оптоварени од авторитаризмот и тоталитаризмот, вистина е дека имаат демократски капацитети, но никогаш не се соочија и не се помирија со своето минато и историја, односно станува збор т.н. историски општества што суштествено идеолошки се разликуваат од постисториските општества како што се Норвешка или Белгија.
Влегувањето на Грција и Бугарија доведе до обратен процес, односно Европската Унија од постисториска институција започна да се оформува во институција што треба да решава историски и идентитетски прашања, каков апсурд! Само замислете, држави што на дневна основа прекршуваат човекови и малцински права, нешто што е потврдено од повеќе релевантни институции, имаат право да одлучуваат за политиките на Европската Унија. Апсурдот е уште поголем ако се земе предвид дека Атина и Софија не можат да се соочат со сопственото минато, но не можат да се помират и со фактот дека македонскиот народ е реалност и има сопствена држава. Прекршувањето на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ, како и присвојувањето на македонските јазични, културни и историски особености ќе продолжат сѐ додека Атина и Софија не се соочат со своето темно минато, односно дека во име на великогрцизмот и великобугаризмот го тероризираа македонскиот народ. Сѐ додека лажните историски наративи се суштината на грчкото и бугарското политичко битисување, историското помирување на грчкиот и бугарскиот народ со македонскиот народ ќе биде невозможен.
Грција и Бугарија можат бесконечно да тврдат дека се принципиелни партнери на македонската држава, но реалноста вели дека тие не можат да се соочат со вистината за постоењето на Македонија како одделно општество, нација и држава. Како можеме да очекуваме да се признаат човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Грција и Бугарија, кога Македонија и Македонците во Атина и Софија се множат со нула. Ова е проблем на Брисел бидејќи станува збор за европски граѓани и така пишува во нивните лични документи. Оттука решението е во Брисел, кој треба јасно да каже дека секој има право на самоидентификација и негување на сопствените јазични и културни особености, како и дека историските и идентитетските прашања немаат место во Европската Унија. Балканскиот искривоколчен историцизам е негација на европскиот постисторизам. Доколку Брисел не го разбере ова, тогаш Европската Унија ќе се удави во морето на разноразни „изми“ и ќе биде соучесник во еден нов обид за етноцизам насочен против македонскиот народ.