Мала мозочна молекула би можела да биде клучот за учење, меморија и третман на Алцхајмеровата болест

Колку и да знаеме и разбираме, функцијата и градбата на човечкиот мозок остануваат голема енигма и предизвик. Последниве декади научната мисија во невронауката е посветена на откривањето многу нови феномени поврзани со функционирањето на човечкиот мозок. Тоа особено се однесува на истражувања што би помогнале за можна превенција, рано откривање и, најмногу, забавување на процесот познат како пресенилна Алцхајмерова деменција, која станува огромен ризичен фактор за сите луѓе над 50-та година од животот. Ваквиот вид на дегенеративно засегање на мозокот започнува кога луѓето сѐ уште се работоспособни и активни и затоа се нарекува пресенилна деменција, за разлика од она вообичаено постепено стареење на мозокот, кое настанува со текот на годините и е резултат на склеротични промени.
Најновите податоци од Светската здравствена организација укажуваат на неколку битни факти: Имено, 65 отсто од здравствените работници погрешно веруваат дека деменцијата е нормален дел од стареењето.
Осумдесет отсто од пошироката јавност веруваат дека деменцијата е нормален дел од стареењето, што е драматично зголемување во споредба со 66 отсто верувања потврдени во 2019 година.
Осумдесет и осум отсто од луѓето што живеат со деменција укажуваат дека доживуваат дискриминација.
Над една четвртина од луѓето во светот погрешно веруваат дека не можеме ништо да направиме за да ја спречиме деменцијата, при што тој број се зголемил од 20 отсто во 2019 година на 37 отсто во земјите со пониски и средни приходи.
Повеќе од 90 отсто од лицата што се грижат за болните, како и луѓе од пошироката јавност, рекле дека би биле охрабрени да добијат дијагноза доколку е достапен третман за деменција што ја модифицира болеста.
Повеќе од 80 отсто од пошироката јавност веруваат дека може да се промени поддршката што им се дава на луѓето со деменција преку својот глас.
Над 58 отсто од пошироката јавност веруваат дека деменцијата е предизвикана од нездрав начин на живот.
Од сето ова се гледа колку широката јавност е загрижена за оваа состојба на менталното здравје.
Истражувањето изведено во Универзитетот „Рутгерс“ открива потенцијално длабоки импликации во лекувањето невродегенеративни болести, особено Алцхајмеровата болест, како и повредите на мозокот.

Тим истражувачи од Универзитет „Рутгерс“ во јули 2025 година објавија дека откриле протеин наречен ципин, кој игра моќна улога во помагањето на мозочните клетки да се поврзат и да комуницираат, што е клучно за процесите учење и меморија. Со откривањето како ципинот, кој означува одредени протеини во синапсите и комуницира со системот за рециклирање на протеини во мозокот, научниците отвораат врати за можни третмани за Алцхајмеровата болест, Паркинсоновата болест и трауматските повреди на мозокот. Овој пробив би можел да биде првиот чекор кон зголемување на отпорноста на мозокот и зачувување на когницијата.
Како ципинот ги напојува мислата и меморијата
Ципинот претставува мозочен протеин, ги поттикнува учењето и меморијата со организирање и зачувување на другите протеини што им се потребни на невроните за да комуницираат едни со други, алудирајќи на идни третмани за мозочните нарушувања. Научниците со ова открија како еден клучен протеин помага во одржувањето силни врски помеѓу мозочните клетки што се неопходни за процесите учење и меморија.
Резултатите од студијата, објавени во списанието „Сајенс адвансис“, би можеле да го насочат патот кон нови третмани за трауматски повреди на мозокот и болести, како што се Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, велат научниците.
Нивното истражување, предводено од Универзитетот „Рутгерс“, откри претходно непозната улога на ципинот, досега непознат мозочен протеин. Членовите на истражувачкиот тим открија дека ципинот го промовира присуството на ознаки на специфични протеини во синапсите, имено во малите празнини каде што комуницираат мозочните клетки познати како неврони. Обележувањето помага мозокот да се осигури дека вистинските протеини се на вистинското место, дозволувајќи им на синапсите да работат правилно.
Истражувачите велат дека откритието има потенцијално длабоки импликации за третманот на мозочните нарушувања.
Истражувањето покажува дека развојот на третмани што се фокусираат конкретно на протеинот ципин може да помогне во подобрувањето на врските меѓу мозочните клетки, подобрувајќи ги меморијата и способностите за размислување. Овие наоди сугерираат дека ципинот ќе може да се користи за развој на третмани за невродегенеративни и неврокогнитивни болести, како и повреди на мозокот.
Научниците вклучени во ова истражување го проучувале ципинот повеќе од две децении. Најновиот труд откри неколку важни аспекти за тоа како функционира ципинот и зошто е значаен за здравјето на мозокот.

Едно од клучните откритија е дека ципинот помага да се додаде посебна ознака на протеините во синапсите што ги поврзуваат невроните. Оваа ознака осигурува дека протеините се правилно позиционирани и способни ефикасно да испраќаат сигнали. Правилното означување и движење на протеините се неопходни за невроните да функционираат правилно.
Друго важно откритие е дека ципинот комуницира со комплекс од протеини, познат како протеазом, кој е одговорен за разградување на протеините. Кога ципинот се прикачува или се врзува за протеазомот, тој го забавува овој процес на распаѓање, што доведува до акумулација на протеини. Ова натрупување може позитивно да влијае на различни клеточни функции, кои се важни за комуникацијата меѓу невроните.
Истражувањето исто така покажува дека кога има повеќе ципин, нивоата на важни протеини во синапсите се зголемуваат. Овие протеини се од витално значење за ефикасна комуникација меѓу невроните, зајакнувајќи ги учењето и меморијата.
Дополнително, ципинот ја зголемува активноста на друг протеин наречен UBE4A, кој исто така помага во процесот на означување. Ова укажува дека влијанието на ципинот врз синаптичките протеини делумно се должи на неговиот ефект токму врз UBE4A.
Овој објавен труд ја истакнува важноста на ципинот во одржувањето на здравата функција на мозокот и неговиот потенцијал за терапевтски интервенции.
Иако оваа студија е она што се нарекува „основно истражување“, таа на крајот може да се примени во практични, клинички услови, а паралелно веќе се спроведува таканаречена „транслацијална“ работа. Транслациското истражување е вид на истражување што ги зема откритијата направени во лабораторија и ги претвора во практични третмани или решенија за подобрување на здравјето на луѓето.
Значајната улога на ципинот во работата на мозочните синапси го прави многу релевантен за потенцијалниот третман на невродегенеративни болести и трауматски повреди на мозокот. На пример, здравата синаптичка функција често е нарушена кај болести како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.
Дополнително, улогата на протеинот во промовирањето на синаптичката пластичност – способноста на синапсите да се зајакнат или ослабнат со текот на времето – значи дека може да се користи за да се помогне во спротивставувањето на синаптичката дисфункција што се забележува кај невродегенеративните болести и повредите на мозокот.
Студијата била делумно поддржана од Националните институти за здравство во САД.
Според тоа, сепак постои надеж дека во иднина, со синтетизирање на оваа протеинска молекула и нејзина примена во практиката, ќе му се помага на пациентите со невродегенеративни страдања.