Познатиот новинар Назиф Услу во престижниот турски печат „Театарски весник“ пишува за успесите и историјатот на Фестивалот „Охридско лето“ кој 65 години е успешна фестивалска сцена на која има уметници од целиот свет како и за квалитетната програма на годинешното јубилејно издание.

Посебно воодушевен од условите и самата организација на Фестивалот но и од гостопримството вели дека „Охридско лето“ е редок пример каде се гради модерен, инклузивен систем, а Охрид е град каде што цветаат културата и уметноста преку цела година.

– Ова место, каде што животот никогаш не завршува и секој копнее по можност да се врати, е град каде што совршенството ја надминува убавината и можеби е најдостоен да се нарече Божји град – стои во објавата.

Годинава драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ ја донесе премиерата на театарската претстава „Амадеус“ од Петар Шефер, во режија на Андреј Цветановски, а во изведба на Турски театар-Скопје.

– Публиката беше на нозе, аплаузот беше непрекинат. Актерите се враќаа пет пати. Голема толпа чекаше на излезот за да им честита. Кога се распрашав за профилот на публиката, дознав дека 80 отсто од публиката се Македонци кои не зборуваат турски. Оваа информација ме изненади и воодушеви. Уште еднаш бев сведок на универзалноста на уметноста и моќта на театарот – оценува новинарот Услу.