Фото: Пиксабеј

Последователни потреси и денеска продолжија да го тресат рускиот Далечен Исток, еден ден откако силен земјотрес го погоди брегот на рускиот полуостров Камчатка, предизвикувајќи предупредувања за цунами за милиони жители долж Пацификот.

Два потреси со јачина од 6 и 5,6 степени беа регистрирани во Пацификот на оддалеченост од 164 и 241 километар југоисточно од градот Северо-Курилск, на островот Парамушир, соопшти руската државна новинска агенција Тас. Засега нема извештаи за поплавни бранови.

Напорите за расчистување и денеска се во тек во градот на Курилските Острови, соопшти регионалниот гувернер Валери Лимаренко на Телеграм, откако Северо-Курилск беше погоден од неколку цунами бранови предизвикани од земјотресот со јачина од 8,8 степени кај Камчатка.

Земјите кои граничат со Пацификот, од Јапонија, Кина и Филипините до Хаваи, западниот брег на САД и латиноамериканските земји како Мексико и Еквадор, издадоа предупредувања и наредби за евакуација по силниот потрес поради страв од цунами бранови опасни по живот. Сепак, речиси цел ден по земјотресот што го потресе рускиот Далечен Исток, немаше извештаи за големи штети.

Големиот земјотрес, кој се случи околу 11:24 часот по локално време вчера (23:24 часот по Гринич во вторник), беше регистриран од Геолошкиот институт на САД со јачина од 8,8 степени – најсилниот во светот од катастрофата во Фукушима во Јапонија во март 2011 година, и еден од шесте најмоќни земјотреси некогаш измерени.

Меѓународните станици за следење земјотреси регистрираа бројни последователни потреси во текот на ноќта, многу од нив со јачина над 5 степени и на помала длабочина од само околу 10 километри. Се очекуваат повеќе потреси во наредните недели, пренесе ДПА.