Илустрација: „Нова Македонија“

Без оглед што во цела Европа, па и пошироко во светски рамки, локалните избори се сметаат за можност локалните единици да добијат поефикасна управа за задоволување на граѓанските потреби на локално ниво, за квалитетно локално живеење, за подобра патна инфраструктура, водовод, хигиена итн., во Македонија, партиите од албанскиот политички блок се обидуваат да ги кренат локалните избори на ниво на клучни избори на кои се одредуваат стратешките цели на државата

Откако му пропаднаа сите обиди да се врати на власт, ДУИ со нова политичка играчка: Локалната самоуправа!

Иако распишувањето на локалните избори се очекува да се случи во првата половина на следниот месец, партиите на терен веќе подолго време се во кампања за избор на нова локална власт, отворено промовирајќи ги сопствените кандидати.
И додека партиите во најголем дел почнуваат да нафрлаат што би можел да биде фокус на идната локална власт, односно со какви проекти ќе се бара довербата на граѓаните на локално ниво, за опозициската Демократска унија за интеграција претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство.
– Овие локални избори се моментот кога се одлучува не само за улиците и училиштата во општините туку и за патот по кој ќе тргне самата држава: патот кон Европа или патот кон мрачен и опасен источен правец. Секој глас на овие избори е глас за ориентацијата и иднината на државата – велат од ДУИ.

Локалните избори се за улици, водоводи и канализации, не за „стратешките“ цели

Ваквите повици од страна на опозициската ДУИ не може да се протолкуваат никако поинаку, освен како нивен обид повторно да се факторизираат, откако претходно беа осуетени и обесхрабрени сите нивни обиди преку дестабилизација на државата и притисоци врз институциите повторно да се вратат на власт.
Без оглед што во цела Европа, па и пошироко во светски рамки, локалните избори се сметаат за можност локалните единици да добијат поефикасна управа за задоволување на граѓанските потреби на локално ниво, подобра патна инфраструктура, водовод, хигиена, во Македонија партиите од албанскиот политички блок ги креваат локалните избори на ниво на клучни избори на кои се одредуваат стратешките цели на државата.
Дел од домашните аналитичари во ваквите најави од ДУИ не гледаат ништо друго, освен обид да извршат нов притисок да се вратат на власт.
– Која е логиката владина коалиција што е една година на власт да зависи од исходот на локалните избори? Впрочем, резултатите треба да се гледаат на ниво на целата држава, односно ако владината коалиција има подобри бројки, тогаш граѓаните даваат поддршка за тие политики. Од друга страна, ДУИ шири опасни наративи што се контра унитарниот карактер на државата. Имено, интегративците треба да сфатат дека во Македонија се одржуваат едни избори, нема победници во македонски или во албански блок. Ова е унитарна држава, сите еднакво се натпреваруваат и кој ќе добие мнозинство гласови, победува. Ако се водиме по логиката на ДУИ, тогаш постојат паралелни избори на кои Македонците избираат едни партии и градоначалници, а Албанците други. Тоа води кон опасна регионализација што несомнено ќе удри по унитарниот карактер на државата. Впрочем, имавме и изјави од типот дека некои општини од земјава ќе се одвоеле и сами ќе чекореле кон Европа, што е вовед кон кантонизација – велат соговорниците.

Стравот лозјето го чува

Според нивното мислење, зад повиците на ДУИ дека локалните избори се своевиден референдум се крие стравот дека може долго да останат во опозиција и порано или подоцна да се соочат со можни процеси за криминал.
– Откако им пропаднаа сите обиди преку дестабилизација да се вратат на власт, односно откако од меѓународната заедница им беше порачано да ја прифатат реалноста и да не генерираат нестабилност, ДУИ сега ги издига локалните избори на ниво од стратешка важност за државата. Се виде како беа остварени стратешките цели на државата кога ДУИ беше на власт, со тајни преговори на нивниот лидер во Атина и во Софија. Остварувањето на првата стратешка цел, членството во НАТО, Македонија ја плати со промена на името, а втората, за зачленување во ЕУ, истата таа ДУИ ја постави така што ја стави земјава во подредена улога кон Бугарија и за да се оствари оваа цел, македонскиот народ треба да го жртвува идентитетот. Ако некој работеше контра стратешките цели на државата, тоа беше ДУИ. Во меѓувреме, сите општини каде што на локално ниво на власт беше ДУИ останаа запустени, граѓаните се надвор од земјата, нема патишта, нема водоводи, нема ништо, но затоа дел од партиското раководство добро се нафатира. Затоа реагираше и американскиот Стејт департмент, затоа луѓе од оваа партија се на црната листа. Сега очигледно постои страв кај интегративците дека ако останат подолго во опозиција, односно до следните редовни парламентарни избори, тогаш уште некој од нивните редови би можел да се соочи со кривичен прогон со оглед на предметите што се во постапка. Затоа сакаат власт по секоја цена и затоа го креваат влогот на овие локални избори и ги претставуваат како суштински за државата. Да им беше вистински важен курсот по кој се движи државата, немаше толку арогантно да се однесуваат додека беа на власт, туку за стратешките прашања ќе инсистираа на консензус меѓу сите партии – појаснуваат соговорниците.

Локалните избори да не се злоупотребуваат

Став на аналитичарите е дека сите партии во земјава, особено оние од албанскиот политички кампус, треба да престанат да ги злоупотребуваат локалните избори и да ги користат како алиби за барање предвремени парламентарни избори.
– Граѓаните се уморни од избори. Избрале централна власт, дале доверба за нивните политики и нека тераат во остварување на она што го ветиле. Локалните избори се нешто друго, на нив граѓаните избираат луѓе што ќе бидат хаусмајстори во местата каде што живеат. Значи, тротоари, игралишта, искосени тревници, собран смет, урбанизација, градинки, паркиралишта, односно градење пријатна средина за живот. Тоа нема врска со висока политика. Дали во Грција, во Хрватска, во Словенија, во Франција, локалните избори го одредуваат стратешкиот курс на државата? Не. Затоа и ДУИ треба да созрее како партија и на овие локални избори да конкурира со кандидати што ќе им го подобруваат животот на сите граѓани во општините што ги раководат, наместо од нив да слушаме само за подобрување на условите за Албанците. ДУИ зема пари од буџетот што го полнат сите граѓани и треба да почне да се однесува како партија на сите граѓани, а не само на Албанците. Истото важи и за другите партии со албански предзнак во името. Нема албански, турски, српски, ромски или какви било други општини, сите се македонски општини, а и тие се македонски партии и конечно треба да ја сфатат таа реалност. И што е уште поважно, треба да направат дистинкција меѓу локални и парламентарни избори, односно кои се целите на едните, а кои на другите. Кога ќе дојде време, нека нудат програми за стратешките цели на државата, сега нека се држат до комуналните проблеми – заклучуваат соговорниците.