Сопранот Ана Митоска и пијанистката Јанинка Невчева со целовечерен концерт се претставија пред албанската публика, во рамки на програмата на реномираниот интернационален фестиваал за камерна музика Чамбер фест Дуреш (Chamber Fest Durres) во Драч, Албанија кој годинава го доживеа своето дваесетто јубилејно издание.
Концертот се одржа пред многубројната публика во салата на црквата Св. Лучија во Драч, а на изненадување на публиката беше отворен со две дела кои беа изведени со глас и оргули.
– Сѐ уште сме под импресии од концертот, од целиот амбиент и енергијата која владееше во салата, а верувам дека тоа е и взаемно, т.е дека ги оставивме и публиката и организаторите повеќе од задоволни со нашиот настап. Со Јанинка бевме особено среќни што имавме можност да ги изведеме првите две композиции за глас и оргули во катедралата. Исто така, по втор пат ја изведовме композицијата „Молитва“ на Дарија Андовска, а за прв пат изведовме и аранжман за пијано и глас на Горан Трајкоски, со наслов „А Vladyka’s Dream“. Композицијата „Глуварче” за глас и пијано на Валентина Велковска Трајановска ја изведовме по втор пат, овој пат онака како што е напишана – со отворено и делумно расклопено концертно пијано, бидејќи дел од партитурата се свири со прсти по жици – ни рече оперската певица Ана Митоска непосредно по концертот.

Програмата соржеше дела на Бах, Хендл, Маскањи, Мориконе и Кадиси, но посебен интерес предизвикаа делата на современите македонски композитори Дарија Андовска, Валентина Велковска Трајановска и Горан Трајкоски.
Концертот на македонските уметници е дел од заложбите на директорката на КИЦ Тирана – Ема Попивода, за продлабочување на културната соработка помеѓу Македонија и Албанија, преку промоција на високи уметнички достигнувања и размена на музички вредности.