Според американски официјални извори, Вашингтон го информирал Техеран дека „овие воздушни напади ќе бидат единствената воена акција што САД имаат намера да ја преземат“, со нагласка дека „промената на режимот не е дел од плановите на Вашингтон“
Во координирана операција со Израел, американски бомбардери и подморници вооружени со крстосувачки ракети го нападнаа Иран, поточно бомбардираа односно ракетираа три нуклеарни постројки. Една од целите што беа бомбардирани е објектот наречен „Фордо“ – подземен објект за збогатување ураниум, кој се смета за клучен за нуклеарната програма на Иран.
Втората и третата цел беа „Исфахан“ и „Натанц“, кои исто така беа погодени во американскиот воздушен напад. Вториот нуклеарен капацитет на Иран, објект во близината на Исфахан, беше цел на крстосувачките ракети „BGM-109 томахавк“ испукани од американски подморници од различни локации во Заливот.
Значи, шест бомби т.н. разбивачи на бункери фрлени од Б-2 паднаа на „Фордо“ во првиот напад, а „Исфахан“ беше нападнат со крстосувачки ракети од американски подморници.
Подоцна беше објавена информација дека двојно повеќе бомби од типот разбивачи на бункери паднале на локацијата Фордо, а тоа само значи дека во нападот на таа цел учествувале минимум шест невидливи бомбардери Б2, бидејќи тие можат да носат само по две бомби разбивачи на бункери.
Според американски официјални извори, Вашингтон го информирал Техеран дека „овие воздушни напади ќе бидат единствената воена акција што САД имаат намера да ја преземат“, со нагласка дека „промената на режимот не е дел од плановите на Вашингтон“. И израелските власти потврдија дека нападот бил извршен во „целосна координација“ со САД. Пред воздушните напади, „Ројтерс“ објави дека САД преместиле бомбардери Б-2 во база во Пацификот и дека биле подготвени за оперативно дејство т.н. бомба GBU-57 (позната како масивна пробивна бомба, наменета за уништување длабоко утврдени подземни објекти, како што се нуклеарните комплекси на Иран).
Прва изјава на претседателот на САД по бомбардирањето на Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп, непосредно по бомбардирањето на Иран, ја информира јавноста дека „американските воени авиони извршиле воздушни напади врз три нуклеарни постројки во Иран“. Но, истовремено, тој се закани со нови идни воени кампањи доколку не дојде до мировна спогодба.
– Запомнете, сè уште има многу преостанати цели. Вечерва беше најтешка од сите, а можеби и најсмртоносна. Ако мирот не дојде брзо, ќе ги напаѓаме тие други цели со прецизност, брзина и вештина. – рече претседателот во краткото телевизиско обраќање до американската јавност.
Интересно е што во обраќањето до јавноста, претседателот на САД им се заблагодари на израелските сили и, се разбира со одбрани пофални зборови, ја истакна улогата на американските воздушни сили.
– Сакам да ѝ се заблагодарам на израелската војска за извонредната работа што ја заврши. Но, најважно од сè, сакам да им честитам на големите американски патриоти, кои вечерва ги летаа тие величествени машини, како и на целата војска на Соединетите Американски Држави, за операција каква што светот не видел со децении – рече Трамп.
Тој изјави дека ниедна армија во светот не би можела да го стори она што САД го направија таа ноќ и ги истакна заслугите на највисокото воено раководство.
Тој го издвои генералот Ден Разин Кејн, нарекувајќи го „спектакуларен генерал“, и ги пофали сите „брилијантни воени умови“ вклучени во планирањето и извршувањето на нападот.
Третата нуклеарна база, објектот во близината на Исфахан, беше цел на крстосувачките ракети „БГМ-109 томахавк“ истрелани од американски подморници. Имено, шест разбивачи на бункер паднаа врз Фордо во првиот напад, другите две цели беа нападнати со крстосувачки ракети со подморници.
Подоцна беше објавена информација дека на локацијата Фордо паднале двојно повеќе разбивачи на бункери, што значи дека во нападот учествувале минимум 6 бомбардери од типот стелт Б2, бидејќи тие можат да носат само по две бомби разбивачи на бункери. Р.С.
Прва реакција на официјален Техеран по воздушниот напад на САД:
Иран го задржува правото на каков било можен одговор
Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по бомбардирањето на иранските нуклеарни постројки од страна на САД, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата Икс. Тој во својата изјава издвои дека „нападите на САД се скандалозни и ќе имаат трајни последици“.
Иранскиот министер изјави дека САД, како постојана членка на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН), извршиле сериозно кршење на Повелбата на Обединетите нации со нападот врз нуклеарните постројки на Иран.
– Настаните од утрово се скандалозни и ќе имаат трајни последици. Секоја членка на ОН мора да биде вознемирена од ова исклучително опасно и криминално беззаконие – нагласи Аракчи.
Иран го задржува правото на сите можности за одбрана на својот суверенитет, своите интереси и својот народ, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и одредбите што дозволуваат легитимен одговор во самоодбрана, заклучи иранскиот министер.
Нема знаци на контаминација околу бомбардираните објекти
Иранското надзорно тело за нуклеарна енергија објави дека нема знаци на контаминација околу погодените објекти и дека нема опасност за жителите во околните области.
Иранските медиуми објавија дека по американските напади не се пронајдени траги од контаминација во областите околу нуклеарните постројки и дека нема опасност за жителите на околните градови.
Не се откриени радиоактивни траги во околината на Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив по нападот на САД врз иранските нуклеарни постројки, објави регулаторот за нуклеарна енергија на Саудиска Арабија на платформата Икс.
Организацијата за атомска енергија на Иран: Нема да дозволиме запирање на развојот на националната индустрија!
Организацијата за атомска енергија на Иран веднаш објави дека нема да дозволи запирање на развојот на „националната индустрија“, алудирајќи на нуклеарната програма на Техеран.
Нападите врз нуклеарните постројки на Иран го кршат меѓународното право, соопшти Организацијата за атомска енергија на Иран, без да даде детали за штетата предизвикана од американските бомбардирања на нуклеарните постројки за збогатување на ураниум „Фордо“, „Исфахан“ и „Натанц“ во Иран.
Русија со реакција на предупредување кон САД
Кремљ не се согласува со американската воена интервенција во Иран
Руското министерство за надворешни работи непосредно пред воената интервенција на САД во Иран го предупреди Вашингтон да не презема воени дејства против Иран.
– Сакаме посебно да го предупредиме Вашингтон против воена интервенција во оваа ситуација, што би било исклучително опасен чекор, со навистина непредвидливи негативни последици – изјави за јавноста портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
За издвојување е дека пред официјалниот став на руското МНР. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „Иран не побарал воена помош од својот сојузник Русија во услови на ескалација на воздушната војна со Израел“.
– Нашите ирански пријатели не нè прашаа за тоа – рече Путин како одговор на прашање од новинар на АФП на телевизиска прес-конференција во Санкт Петербург.
Прва реакција на Обединетите нации (ОН) преку генералниот секретар Антонио Гутереш
Нападот на САД би можел да доведе до катастрофални последици
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го нарече нападот на САД врз Иран „опасна ескалација во регион што е веќе во криза“, нагласувајќи дека тоа е директна закана за меѓународниот мир и безбедност.
– Постои растечки ризик дека овој конфликт брзо ќе излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот. Во овој опасен момент, клучно е да се избегне спирала на хаос. Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот – рече Гутереш.
Кина со промптна реакција
Пекинг со остра осуда за нападите на САД врз Иран
Кинеското министерство за надворешни работи вчера изјави дека „Кина остро ги осудува нападите на САД врз Иран и бомбардирањето“, нагласувајќи дека „нуклеарните објекти биле под заштита на Меѓународната агенција за атомска енергија“.
– Постапките на САД сериозно ги прекршија целите и принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и ги влошија тензиите на Блискиот Исток – рече портпаролот на кинеското МНР.
Кина ги повикува страните во конфликтот, особено Израел, што е можно поскоро да постигнат прекин на огнот, да ја обезбедат безбедноста на цивилите и да започнат дијалог и преговори. Кина е подготвена да соработува со меѓународната заедница за здружување на напорите и за почитување на правдата, како и за враќање на мирот и стабилноста на Блискиот Исток, се наведува во официјалното соопштение на Пекинг.
Што се случуваше во САД и на небото над Блискиот Исток 24 часа пред нападот на САД?
Регистрирани индикатори за подготовка на бомбардирањето цели во Иран
Според некои западни медиуми, било забележано дека повеќе невидливи т.н. стелт-бомбардери Б-2 се упатиле кон Гуам во саботата, ден пред нападот на САД врз Иран. Според тие извори, „во тие моменти сѐуште не била издадена никаква извршна наредба за овие авиони да го извршат бомбардирањето на целите во Иран, туку имало наредба само за нивно разместување“.
Интересно е што во исто време е забележано дека „осум американски воздушни танкери (авиони за полнење гориво) полетале кратко пред полноќ од Оклахома (САД), прелетале над Мисури, Канзас, Колорадо и Ново Мексико“, а подоцна (веројатно по извршената мисија на полнење гориво во воздух, за бомбардерите) воздушните танкери се вратиле и слетале во истата база од која полетале. Дополнително, околу 10:20 часот по локално време во саботата, три дополнителни воздушни танкери полетале и од Хаваи, но потоа, според изворите од американските медиуми, „тие танкери ги исклучиле своите транспондери и исчезнале од радарот“, што укажува, според заклучок на медиумите, „на можна зголемена безбедност или оперативна тајност за мисијата“.
Медиумите што ги пренесуваат овие информации потенцираа дека невидливиот стелт-бомбардер Б-2 има капацитет да носи две 15-тонски бомби што пробиваат различни видови фортификации (армирани бетонски плочи, бункери, челични оклопи на критични објекти и простории, длабоко закопани воен и објекти, штабови и команди со највисок степен на техничко обезбедување итн.).
Според медиумите, ваков вид оружје поседуваат исклучиво Соединетите Американски Држави.Според воените експерти, „само овој тип бомба можел да игра клучна улога во нападот врз ’Фордо’“, најутврдениот нуклеарен објект во Иран, кој се наоѓа длабоко под земја.
За бомбата GBU-57 MOP (масивна пробивна бомба), првпат употребена вчера, 22 јуни 2025 година
Во Иран огнено крштевање на бомбата разбивач на бункери
GBU-57 MOP (масивна пробивна бомба – Massive Ordnance Penetrator) е прецизно водена бомба позната и како разбивач на бункери, со тежина од 13.600 кг, развиена за воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави (USAF). До ноември 2015 година беа направени најмалку 20 такви бомби.
Составена од тело на бомба BLU-127 и комплет за прецизно водење, GBU-57 доаѓа во неколку варијанти и тежини BLU-127. Таа е многу поголема од претходните оружја на USAF дизајнирани да уништуваат силно утврдени, длабоки подземни бункери, како што се GBU-28 и GBU-37 од 2.300 кг.
Интересно е што стратешкиот бомбардер „B-2 спирит“ е единствениот американски авион во употреба што може да го носи тешкото оружје долго 6,2 метри.
Оружјето GBU-57 за првпат беше употребено во борба на 22 јуни 2025 година, за време на американските напади врз иранските нуклеарни централи во Фордо, Натанц и Исфахан.
За американскиот стелт-бомбардер „Б-2 спирит“
Невидлив авион – видливи разурнувања
„Б-2 спирит“ е повеќенаменски бомбардер способен да носи и конвенционална и нуклеарна муниција. Според воените експерти, со „Б-2 спирит“ е направен драматичен скок напред во технологијата. Бомбардерот претставува голема пресвртница во американската програма за модернизација на бомбардерите.
Б-2 испорачува огромна огнена моќ за кратко време насекаде во светот пробивајќи претходно непробојна одбрана, тврдат воените експерти, при што додаваат дека „Б-2 обезбедува продорна флексибилност и ефикасност својствена за бомбардерите со екипаж“.
Неговите карактеристики со ниска видливост, познати и како стелт, му даваат единствена способност да пробие во најсофистицираната одбрана на непријателот и да ги загрози неговите најценети и најсилно бранети цели. Револуционерното мешање технологии на ниска видливост со висока аеродинамична ефикасност и голем товар му дава на Б-2 важни предности во однос на постојните бомбардери. Неговата ниска видливост му обезбедува поголема слобода на дејствување на големи надморски височини, со што се зголемува неговиот дострел и има подобро видно поле за сензорите на авионот. Неговиот дострел без дополнување гориво е приближно 6.000 наутички милји (9.600 километри).
Погон: четири мотори General Electric F118-GE-100
Распон на крила: 52,12 метри
Должина: 20,9 метри
Висина: 5,1 метри
Тежина: 72.575 килограми
Максимална тежина при полетување: 152.634 килограми
Капацитет на гориво: 75.750 килограми
Вооружување: конвенционално или нуклеарно оружје
Екипаж: двајца пилоти
Единечна цена: приближно 1,157 милијарда долари
(фискална 1998 година)