Спортот и физичката активност се и нискобуџетна алатка со големо влијание за здрави тела, здрави умови и отпорни заедници. Ги покануваме луѓето насекаде да ја доживеат радоста на спортот и да поведат пријател со себе да спортува на Олимпискиот ден и да инспирираат понатаму, вели досегашниот претседател на ИОК, Томас Бах. Како дел од прославите на Олимпискиот ден, 23 јуни, ќе има масовни настани, со очекувано учество на над 150 национални олимписки комитети, пишува ИОК

ИОК – ОЛИМПИСКИ ДЕН 2025

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), ја почнува својата иницијатива насочена кон инспирирање и поддршка на луѓето да се движат повеќе. „Да се движиме?“ фрла светлина врз придобивките од спортувањето и заедничкото вежбање, славејќи ги целата инспирација, поврзаност и уживање што го носи тоа, и е тема на годинашниот Олимписки ден (23 јуни), пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Загрижувачки број луѓе низ целиот свет не го исполнуваат минималното ниво на активност потребно за оптимално здравје, еден од тројца возрасни и 81 процент од младите луѓе (според СЗО, 2024 г.). „Да се движиме“ почна во 2023 година како дел од мисијата на Олимпиското движење да го направи светот подобро место преку спортот, пишува ИОК.
– Спортот е радост, спортот ги зближува луѓето. Спортот и физичката активност се и нискобуџетна алатка со големо влијание за здрави тела, здрави умови и отпорни заедници. Ги покануваме луѓето насекаде да ја доживеат радоста на спортот и да поведат пријател со себе да спортува на Олимпискиот ден и да инспирираат понатаму – вели досегашниот претседател ИОК, Томас Бах.
Учеството во групни физички активности може да им помогне на луѓето да почнат да се движат и потоа да продолжат.
– Некои од најмоќните моменти во спортот се случуваат надвор од натпреварувањето. Тие се случуваат кога соиграчот ви се придружува во деновите кога не ви се тренира, кога работите заедно за да ги постигнете вашите цели, тоа е во заедничкиот напор, меѓусебната поддршка, заедницата што ја градите по патот – вели Кирсти Ковентри, новоизбранaта претседателка на ИОК.
Како дел од прославите на Олимпискиот ден ќе има масовни настани, со очекувано учество на над 150 национални олимписки комитети, меѓународни спортски федерации и организациски комитети на олимписки игри. „Да се движиме?“ ќе продолжи и по Олимпискиот ден, со амбиција и поддршка на Олимпиското движење, да продолжи да ги инспирира и да им овозможува на луѓето да се движат и да уживаат во физичката активност, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Г.И.