Летна школа на ФЛУ
Проектот „Њу арт форум“ е замислен и воспоставен како традиционална летна школа организирана од Факултетот за ликовни уметности. Основната цел на школата е лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Ова е трета сесија на школата што ќе се одржи од 20 до 30 јуни во Лазарополе, под наслов „Мултипликација на пејзажот“. Оваа година школата има меѓународен карактер, покрај студентите од Факултетот за ликовни уметности гостуваат и колеги студенти од Тилбург.
– Третата сесија од школата се осврнува кон фотографијата како платформа за креативно конципирање и интерпретација на интердисциплинарно уметничко дело. Одржувањето во рурална планинска средина е во согласност со потребите на летната школа, која има цел опсервирање на пејзажот и негово пренесување преку фотографијата – велат од ФЛУ.
Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со начинот на работа на софтверите за обработка на фотографии преку практична работа врз своите дела.
– Пејзажот е еден од првите фотографски жанрови и низ историјата бил најразлично третиран, најчесто пејзажните фотографии биле „разубавувани“ со цел да се воздигне природата и да се потенцираат убавините на една држава. Во оваа пригода, пејзажната фотографија ќе ја третираме како документарна фотографија. Фотографија како дел од покомплексно уметничко дело или фотографија како основа за настанување мултимедиумско дело. Поради тоа што живееме во едно т.н. постиндустриско време исполнето со остатоци од најразлични индустриски објекти, коишто на некој начин го загадуваат „чистиот“ пејзаж, учесниците ќе имаат можност да направат дела со кои ќе се подигне еколошката свест кај населението. Дела што критички ќе говорат за она што ѝ се случува на природата. Покрај селото Лазарополе, учесниците ќе имаат можност да фотографираат и во околината на селото, како и во другите блиски села и области – се вели во најавата.
За време на школата учесниците ќе ги изберат и ќе ги обработат фотографиите коишто ќе бидат изложени на изложбата во периодот ноември – декември во галеријата на ФЛУ во Скопје.