РАКОМЕТ
Во полуфиналето од 9 часот, Еурофарм Пелистер ќе се сретне со данскиот ГОГ. Дуелите за третото место и за титулата се играат утре. Викендов на програмата е и фајналфор-турнирот во ЛШ за сениори
Младите ракометари на Еурофарм Пелистер од денеска ќе играат на фајналфор-турнирот во Германија, во првата сезона на младинската Лига на шампионите (ЛШ), за ракометари до 18 години, а првиот дуел е со данскиот претставник ГОГ Гудме, денеска од 9 часот, во Дормаген. Битолчани се оптимисти и мотивирани пред почетокот на завршниот турнир во ова силно младинско натпреварување и се надеваат дека ќе испишат историски успех.
По натпреварот меѓу Пелистер и ГОГ Гудме, од 11.30 ч. силите ќе ги одмерат шпанска Барселона и унгарски Веспрем. Натпреварот за третата позиција во младинската Лига на шампионите се игра утре, од 9 часот во Дормаген, а финалето е закажано од 11.30 часот, во арената „Ланксес“ во Келн.
Истовремено, во Келн, во арената „Ланксес“ ќе се игра и ракометниот фајналфор во сениорска конкуренција. Денеска (15 ч.) во првото полуфинале се среќаваат германски Фуксе Берлин и француски Нант, а вториот дуел (18 ч.) е меѓу Барселона од Шпанија и Магдебург од Германија. Победниците од овие натпревари ќе играат во утрешното финале (18 ч.). Титулата од лани ја брани Барселона, а Магдебург тогаш беше четврти. Г.И.