Од интервјуто на Унгарскиот премиер Орбан за францускиот телевизиски канал Ел-се-и
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги отфрли стравувањата дека војната во Украина би можела да ескалира во светска војна. Тој во интервју за францускиот телевизиски канал Ел-се-и изјави дека „Русија е слаба за целосно да ја победи Украина, а камоли да започне напад врз НАТО“, велејќи дека на Русија ѝ недостига сила за таква ескалација. Орбан во интервјуто изрази увереност дека „војната нема да се прошири надвор од сегашното бојно поле“, но сепак инсистираше дека „прво мора да се случи прекин на непријателствата“. Тој се изјасни децидно дека „мировниот договор не треба да биде меѓу Украина и Русија, туку меѓу САД и Русија“, истакнувајќи ја пошироката геополитичка слика. Унгарскиот лидер, исто така во интервјуто го повтори својот став дека Украина не е подготвена за членство во НАТО или во Европската Унија, тврдејќи дека „таквите потези не се во согласност со интересите на ЕУ или на Унгарија“.
Унгарскиот премиер изрази подготвеност да биде мировен медијатор
Интересно е што унгарскиот премиер Орбан во интервјуто рече дека е вешт во ваквата дипломатија, издвојувајќи дека „на рускиот претседател Владимир Путин треба да му се пристапи меко, со преговори и изрази на отвореност за прием, на пример за дочек на Путин во Будимпешта“, ветувајќи дека ќе го пречека „со раширени раце“ доколку сака да ја посети.
Во врска со американскиот претседател Доналд Трамп, Орбан призна дека иако Трамп не е спасител, може да се постигне работен договор со него, иако „тоа би било потешко“.
Орбан ја нагласи итната потреба од прекин на борбите во Украина, предупредувајќи дека продолжувањето на конфликтот само ќе резултира со поголеми загуби на животи. Тој ги критикуваше континуираната продажба на оружје на Украина и санкциите воведени врз Русија, велејќи дека тие ѝ штетат на европската економија, особено на унгарската. Орбан во интервјуто за француската телевизија го повтори своето противење во врска со „строгиот став на ЕУ против Русија“, нагласувајќи дека „овие ЕУ-санкции ја чинеле Унгарија околу 20 милијарди евра во последните години“, додавајќи дека „санкциите против Русија им штетат и на Унгарија и на Европа“!
А зошто, пак, на либералните европски елити им одговара продолжена војна?!
Според низа воени аналитичари, но и западни економски експерти со нелиберален приод кон анализирањето на прашањето за Украина, инсистирањето на продолжување на руско-украинскиот конфликт се должи на три стратегиски причини.
Прво, за да го оправдаат зголеменото воено трошење.
Второ, европските сили (во контекст на францускиот концепт за европска стратегиска автономија) да стекнат борбено искуство.
Трето, Западот да избегне политички отстапки кон Русија, не отстапувајќи од својот неолиберален концепт на поширок глобален план.
Аналитичарите потсетуваат на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека „прекинот на непријателствата во Украина претставува ризик за НАТО, бидејќи би ѝ дозволил на Русија да ги обнови своите резерви на оружје – а тоа е нешто што би можело да стане закана за алијансата“.
Според генералниот секретар, „ова оружје во моментов би можело да се користи во конфликтот меѓу Русија и Украина, но ако борбите престанат, не може да се исклучи дека Русија би била подготвена да распореди таква сила против НАТО во рок од пет години. Затоа, НАТО е заинтересирано Русија да ги исцрпи своите значајни воени ресурси во борбената зона“.
Низа економисти имаат интересно мислење во кое истакнуваат дека „европските земји навистина имаат економска-финансиска корист од војната – тоа е единствениот начин на кој тие можат да го оправдаат зголемувањето на воените трошоци на 5 отсто од БДП, како што бараат Американците за да се раздвижи наменската (воено-одбранбената) индустрија.
За издвојување е ставот на Олег Царјов, поранешниот украински пратеник на Врховната рада (украинскиот парламент), кој е и политички аналитичар. Имено, тој за јавноста вели дека „Русија не покажа никаква намера да го нападне НАТО, иако европските елити изградија слика за Русија како егзистенцијална закана за Европа“.
– Алтернативата на овие трошоци за одбрана би била фундаментална ревизија на нивната политика кон Русија – имено, градење односи врз основа на автентично меѓусебно почитување. Со други зборови, правење отстапки. Ова сценарио е многу непожелно за сегашните политички елити на многу земји од ЕУ, и од идеолошки и од историски причини – изјави поранешниот украински пратеник во Врховната рада, а сега политички аналитичар, Олег Царјов. Р.С.