Став
Последниве години на оваа тема сум пишувал повеќепати, но како да немаше никаков слух и интерес од надлежните институции, почнувајќи од повеќе влади, МОН, Собранието на Република Македонија како основач на јавните универзитети и други субјекти.
Ѓорѓи Илиевски,
виш просветен инспектор во пензија
Во сериозни држави, нормални држави, правни држави, кога се појавуваат и се објавуваат светски рангирања на универзитетите и нивните научни достигнувања, а ако тие достигнувања не ги исполнуваат и реализираат образовните и научните достигнувања, а се загрижувачки, тогаш таа држава го вклучува алармот за состојбите на образованието, свикува „вонредна состојба“ и расправа за настанатата состојба во образованието во државата и се бара и се понесува одговорност. Кај нас, во Република Македонија, во делот на образованието на сите степени, состојбите се алармантни. Кај нас владите и надлежните институции, само ги констатираат состојбите во образованието, но не се вклучуваат во нивно надминување и решавање, нема одговорност, нема расправа за нив, иако во согласност со законите постојат надлежни институции. Но истите институции ги интересираат и предмет на интерес се личните интереси, профитот, јавните тендери, односно образовен криминал и корупција.
Затоа, останува новата влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски и другите партнери во Владата, сериозно да се позанимаваат со главниот столб, ОБРАЗОВАНИЕТО, НАУКАТА, на сите степени, да се проанализираат состојбите. Што значи образованието за државата? Како што ќе рече Бенџамин Френклин:
„Инвестицијата во знаењето дава најдобри камати“. Од овие причини образованието треба да биде предмет на проучување, истражување и валоризирање во сите степени и сегменти што ќе дојдат до релевантни податоци дека постојано се менува, постојано е пред нови предизвици, кои бараат да се следат и имаат предвид во неговото реформирање, иновирање, и трансформирање. Или како што вели големиот Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.
Последните светски рангирања на нашите македонски универзитети
Минатата 2024 година, според Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR), од 2.000 најдобри универзитети во светот, најдобриот наш универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) беше рангиран на 1.990-то место. Од соседството: Србија имаше четири високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив најдобро е рангиран Белградскиот универзитет, кој се наоѓа на 376. место, што е пад од 14 позиции во однос на 2023, а на листата се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и во Ниш. Од Бугарија се рангирани два универзитета, додека, пак, Грција е на листата со 12 универзитети, Хрватска со четири универзитети. На листата немаше ниеден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и од БИХ.
Најдобро рангирани беа универзитетите: „Харвард“, МИТ, „Стенфорд“ (САД), „Кембриџ“ и „Оксфорд“ (Велика Британија).
Додека, за 2025 година, според Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR), на објавената листа со 2.000 најдобри универзитети во светот за 2025 година не се најде ни еден универзитет од Македонија. Од вкупно над 21.000 евалуирани високообразовни институции низ светот, Македонија оваа година е без претставник на престижната листа. Центарот за рангирање на универзитетите во светот ги оценува универзитетите според четири главни критериуми: образование, вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перформанси. Ова рангирање важи за едно од најобјективните во светот, бидејќи не се базира на анкети, ниту бара пријавување од страна на универзитетите.
Од земјите од регионот најдобро е рангиран Националниот и Каподистриасов универзитет во Атина, на 287. место. На листата има 11 грчки универзитети. Србија и годинава се најде на листата, и тоа со четири државни универзитети. Покрај Белградскиот универзитет, кој е на 354. место, на листата се и универзитетите во Нови Сад и Крагуевац. Бугарија има два универзитета на листата, од кои подобар е Универзитетот во Софија на 1.048. место. Универзитетот во Љубљана е еден од двата словенечки универзитети што се најдоа на листата и тој е рангиран на 440. место, Универзитетот во Марибор се најде на 1.220. позиција. Хрватска има три универзитета меѓу најдобрите, рангиран е Универзитетот во Загреб, кој се најде на 516. место. На листата нема универзитети од Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.
Според листата, најдобро рангирани пет универзитети во светот, како и лани, се „Харвард“, МИТ и „Стенфорд“ од Соединетите Американски Држави, „Кембриџ“ и „Оксфорд“ од Велика Британија.
Зарем ова не е загрижувачко?
Сакам да повторам и истакнам дека загрижен сум од непреземањето активни мерки на институциите. Неминовно е да се преземаат конкретни мерки и активности за образованието, науката, истражувањата и иновациите?! Што и како работат поставената Агенција за квалитет за високото образование и нејзините одбори за акредитација и евалуација? Зошто не си ја извршуваат професионално и совесно својата работа?! Практичното (не)функционирање на Националниот совет за високо образование! Зошто нема никаква собраниска расправа и одговорност за ваквата загрижувачка состојба?! Секако, се чувствува одговорноста на министерот за образование и наука, (не)професионалната работа на Државниот просветен инспекторат, Собранието на Република Македонија, кое е основач на јавните универзитети. Тука треба да се одважи највисоката Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – која треба да креира стратегија и излез од овој наш бродолом на високото образование и наука на нашите универзитети. Има многу прашања, но нема професионален и одговорен однос на институциите. Останува Владата, на овој план да направи промени и трансформирање на институциите и понесување одговорности со нови професионaлни и стручни наставнонаучни кадри.
Излезни решенија што треба да се преземат
1. Да се преиспита донесениот Закон за високо образование (08.05.2018 г.) од страна на МОН, истиот тој не само што не е развоен. Да се преиспита Законот за научноистражувачка дејност.
2. Универзитетите и нивните единици треба да ги постават целите и задачите во делот на наставата, наставните програми и потребите на пазарот на трудот, наставниот кадар, научната дејност и поставеноста на студентот како активен субјект и партнер во академската заедница.
3. Неминовна потреба во Република Македонија (досега не е направено) од рангирање на квалитетот на факултетите, по студиски програми по универзитети во јавните и приватните универзитети, поконкретно (во Македонија има над 20 правни и економски факултети или факултети по менаџмент…) вршење рејтинг на квалитетот по студиски програми (правни, економски, медицински, информатички, техничко-технолошки, уметнички, спортски и слично). Зошто е потребно? Пред сѐ, да се согледа квалитетот на јавните и приватните факултети – насоки или студиски програми, можност идните кандидати – студенти, да се определат и да имаат избор за нивно натамошно образование да се запознаат со квалитетот на акредитираните студиски програми – потребни за пазарот на трудот, по завршување на студиите, за додипломски, постдипломски и докторски студии, условите за работа, наставата, наставниот кадар и слично. Вакви искуства има во многу балкански и европски земји. А ние?
4. Преиспитување на работењето на Државниот просветен инспекторат. И негово трансформирање?!
5. Формираниот, а практично (не)функционираниот Национален совет за високо образование, иновации и технологија (Националниот совет) како стручно и советодавно тело на Владата на Република Македонија.
6. Со нефункционирањето на овој национален совет, нашите универзитети- факултети, немаат легитимитет што треба да го потврди за нејзино зачленување во европскиот регистар за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа групата Е4-European Qvality Assurance Register for Highrr (EQAR) (Европско здружение за обезбедување квалитет на високото образование).
7. Со Одборот за акредитација и евалуација на високото образование раководат партиски поставени лица. Овие поставени лица наместо да вршат контрола на квалитетот на високото образование, институти, наставен кадар, настава, истите тие се соучесници на образовниот криминал на високото образование. Одборот за евалуација, за ваше сознание почитувани читатели, нема извршено ниедна евалуација на ниеден универзитет-факултет на нашите универзитети. И затоа не ме изненадува ваквата бродоломна состојба во високото образование и наука. Затоа има неминовна потреба независна стручна експертска екипа да ги води агенцијата и поставените одбори за акредитација и евалуација. Во практиката Одборот за акредитација акредитира сѐ и сешто, додека Одборот за евалуација (како што истакнав) практично не профункционира, што значи нема проценка, вреднување, правилно оценување. Тогаш немаме контрола и не знаеме со каков квалитет работат универзитетите-нивните единици. Во кој правец треба да се движaт универзитетите, ако се сака да се има современо квалитетно високо образование на Балканот, во Европа и во светот.
8. Само да се напомене, јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската Унија тие изнесуваат околу 5 отсто од БДП, а во земјите од регионот околу 4 отсто, показателот за Македонија е под просекот во регионот. Индикаторот за научно-истражувачка интензивност – учество за вложување за истражување и развој во БДП изнесува меѓу најниските во регионот. Од вкупниот буџет на Република Македонија, за наука во проценти се издвојува по години: во 2014 – 0,45 отсто, 2015-0,40 отсто, 2016-0,26 отсто, 2017- 0,24 отсто, 2018-0,15 отсто, 2019-0,14 отсто, 2020-0,12 отсто, 2021-0,16 отсто, 2022- 0,15 отсто, 2023-0,08 отсто (Извор: Буџет на Република Македонија).
9. Уште посилно ангажирање на Академијата за квалитетот на високото образование.
Затоа, не е за изненадување што нашите македонски универзитети доживуваат бродоломи во високото образование и наука.
Образованието е столбот на државата. Какво ни е образованието таква ни е државата.
Во право е големиот Нелсон Мандела кога истакнува: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.