Папата Лав XIV го критикуваше она што го нарече „жалосен“ феномен на националистички политички движења, без да именува ниту една конкретна земја или национален лидер.
Лав XIV, првиот папа од Соединетите Американски Држави, се помоли на миса пред десетици илјади верници на плоштадот Свети Петар, за Бог да „ги отвори границите, да ги сруши ѕидовите и да ја истера омразата“ – објави Ројтерс.
– Нема простор за предрасуди, за „безбедносни“ зони што нè одделуваат од нашите соседи, за исклучивиот начин на размислување што, за жал, сега го гледаме како се појавува во форма на политички национализми – рече врховниот поглавар на Римокатоличката црква.
Лав XIV, поранешен кардинал Роберт Превост, беше избран за наследник на папата Франциск на чело на Римокатоличката црква на 8 мај, а пред изборите не се срамеше да го критикува американскиот претседател Доналд Трамп, објавувајќи бројни осуди за него и потпретседателот Џ.Д. Венс на мрежата „Икс“.
Ватикан не потврди дека новиот папа е сопственик на таа сметка на мрежата „Икс“, која беше деактивирана откако беше избран.
Покојниот папа Франциск беше и остар критичар на Доналд Трамп.