ФУДБАЛ
Македонската репрезентација вечерва (од 20.45 часот) во Скопје игра со селекцијата на Белгија. Црвено-жолтите водат во групата Ј со четири бода, по првите две средби, одиграни во март, во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (од 20.45 часот) на арената „Тодор Проески“ петти пат ќе се сретне со селекцијата на Белгија, овој пат во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. Тоа ќе биде прв меѓусебен дуел на двете селекции по 12 години (и тогаш во циклус за пласман на мундијал). По оваа средба Македонија ќе гостува кај Казахстан, в понеделник.
По првите два меча од квалификациите за СП 2026, одиграни во март, репрезентацијата на Македонија води во групата Ј, со четири освоени бода, колку што има и Велс, Казахстан освои три бода, а без бодови се Лихтенштајн и Белгија, за која дуелот во Скопје со Македонија ќе биде прв во овој квалификациски циклус.
На планетарниот шампионат в година од Европа директно ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи. Потоа, во плејофот ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четири најдобри меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, а кои не ги освоиле првите две места во редовните квалификации. Меѓу 14-те победници на групите е и Македонија (славеше во својата група во лига Ц), како и Португалија, Франција, Германија и Шпанија од лига А, Чешка, Англија, Норвешка и Велс од лига Б, Шведска, Романија и Северна Ирска од лига Ц, Сан Марино и Молдавија од лига Д.
Од тие 14 репрезентации, квалификациите уште не ги почнале шест селекции, и тоа Германија, Северна Ирска (двете се во групата А), Шведска (група Б), Франција (група Д), Шпанија (група Е) и Португалија (група Ф). Од другите репрезентации, по двата меча одиграни во март, Романија е втора во групата Х со три бода, во истата група Сан Марино е без бодови, Норвешка води во групата И со шест бода, а во таа група Молдавија е без бодови, Македонија е прва во групата Ј, пред Велс, двете имаат по четири бода, Англија е водечка во групата К со шест бода, а Чешка е на првото место во групата Л, исто така, со шест бода.
Влезниците за дуелот Македонија – Белгија се во продажба по цена од 300, 400 и од 500 денари, информира ФФМ.