Русија, Романија, Франција и Холандија се четирите ракометни репрезентации што ја продолжуваат трката за медал на 13-то Европското првенство (ЕП) за жени што се игра во Франција. Во борбата за медал, Русија влегува како актуелен олимписки првак, Франција како актуелен светски и олимписки вицепрвак, Холандија е европски вицепрвак и бронзена од последното СП, додека, пак, Романија во трката влегува како петта од последното ЕП и 10-та од последното СП.
Задоцнетото будење на Шведска и на Норвешка им донесе место во разигрувањето за пласман на петтата позиција. Швеѓанките триумфираа над Русија со 39-30, а Норвешка ѝ го нанесе петтиот пораз на Шпанија, славејќи со 33-26.
И покрај високиот пораз од Шведска, Русинките ја зачуваа првата позиција на табелата во групата 1 и обезбедија пласман во полуфиналето, каде што противник им е Романија. Романките, пак, во борбата за медал ќе влезат без својот најдобар играч, капитенката Кристина Неагу, која во последниот дуел со Унгарија ги повреди лигаментите на коленото.
Србија само во првото полувреме му парираше на актуелниот светски првак Франција, кој во продолжението од мечот нагази за убедлива победа од 38-28. Сигурен пат до полуфиналето имаше и Холандија, која без многу напор славеше над Германија со 27-21. Полуфиналните и финалните мечеви од ЕП ќе бидат директно пренесувани на ТВ Телма.
Полуфинални двојки:
Русија – Романија утре 15.30 ч.
Холандија – Франција утре 21 ч.
За трето место недела 14 ч.
Финале недела 17.30 ч.