Претседателката Гордана Силјановска Давкова и државно-црковната делегацијата кои се во посета на Рим и Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, денеска положија венец цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Како што јави известувачот на МИА од Рим, Силјановска Давкова и делегацијата го посетија и гробот на папата Франциск.

Вечер, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Силјановска-Давкова ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.
Македонската делегација предводена од претседателката Силјановска – Давкова вчера во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, со кој чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.

На свечениот чин во базиликата присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и претставникот на Католичката црква протојереј ставрофор отец Зоран Стојанов.