ОД ТВОРЕШТВОТО ЗА ДЕЦА НА ПИСАТЕЛОТ БОШКО СМАЌОСКИ

Има стихови, реченици, зборови, изрази или, пак, цели книги што откако ќе ги прочитаме оставаат длабока трага во нас и секогаш со радост се потсетуваме на нив. Но за да ни се случи такво убаво чудо, пред сѐ мора да читаме. Читајќи ја книгата „Големи и мали“ од истакнатиот македонски писател Бошко Смаќоски, јас се заљубив во ликовите од книгата, во Раде, во Буба, во Диме Такси, во тетка Донка, и ете овие ликови и нивните случки како да ме следат во целиот мој живот. Но кога ќе ви се допадне книга од некој писател, вие почнувате да се занимавате и со писателот, па ја читате неговата библиографска белешка, дознавате кои други книги ги напишал, па барате да ги позајмите од библиотека или да ги купите од книжарница. Така и јас почнав да читам и така подобро се запознав и со авторот и со неговите книги.
Бошко Смаќоски е роден на 18 септември 1938 година во струшкото село Модрич, а починал во 1998 година во Скопје. Тој е македонски поет, раскажувач и драмски автор. По завршувањето на гимназијата во Охрид, дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а уште за време на студиите се вработил како новинар во Радио Скопје. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија. Објавил десетина стихозбирки, шест книги за деца, три збирки раскази, седум романи, четири романи за деца, книга со гатанки, а напишал и повеќе телевизиски драми. Негова прва книга е поетската книга за деца „Мајски ѕвончиња“, објавена во далечната 1959 година. Од творештвото за деца ќе ги спомнеме и книгите „Додека роси“, „Еден багрем и четири деца“, „Големи и мали“, „Славејот ноќева во трендафили“, „Модричка тетратка“…
Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ („Темплум“, 2022).
Добитник е на наградите „РТВ Скопје“, „Стале Попов’, „Кочо Рацин“, „Ванчо Николески“, „Гораново пролеќе“, а за збирката „Еден багрем и четири деца“ ја добил наградата на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра книга за деца. Во 1966 година за романот за деца „Големи и мали“ ја добил првата награда на конкурсот на „Детска радост“. Негова особено позната песна е „Градот убав пак ќе никне“, која се смета за детска химна за градот Скопје, a композитор е Александар Џамбазов.
За денес ви подаруваме три песни со мајски, пролетни и распеани стихови од Бошко Смаќоски.

Подготвил: Филип Димкоски


СЛАВЕЈОТ НОЌЕВА НА ТРЕНДАФИЛ

Сред трендафили црвени, бели
ноќева славејот под пламнат цвет,
Сонува раширил крила смели,
лета кон сонцето, в невиден свет.

И со неговата питома песна,
Глеј, трендафилите растат во мај,
секоја утрина радосно вестат
сѐ нови сонца, сѐ понов сјај.

В утрото, чиниш славејот само
е така весел под сводот чист.
Чуј, се натпејува тука и таму,
а трендафилов трепери лист…

Во мај сонцето весело свети
од трендафили и весел пој.
А јас пак молам ко секое дете:
Славеју, ноќевај во гласот мој.


ЈОРГОВАН

На плотот се потпрел
како јунак –
Преку грбот ставил
сива гуња.

Девојченце со поглед
го грее,
а тој мангуп –
силно му се смее.

Денот мирис на заем
му зема –
Таков мирис друг

МОЛБА

Пее пиле на врв
од крушата
ко да ми е среде
во душата.

Таа песна мила
и ѕвонлива
над ливада мала
и сонлива.

Пеј, пиленце
жити топлината –
нешто ми е душа
настината!

Низ детството
росно,
ми заскита,
по реката со боз
и ракита. на светов
нема.