Фото: Пиксабеј

По повод третиот циклус на Национално определени придонеси (НДЦ) кон Парискиот договор, кои требаше да бидат поднесени од земјите на почетокот на 2025, Мрежата на климатска акција на Европа (CAN Europe), презентира сет препораки со кои ги повикува Владите на Западен Балкан да ги зголемат своите климатски амбиции и да претстават сеопфатни, инклузивни, партиципативни ажурирани Национално определени придонеси.

Доколку се развијат правилно, овие планови би можеле да обезбедат основа за праведна енергетска транзиција и одржлив развој, во согласност со целта за задржување на зголемувањето на температурата не повеќе од 1,5 степени Целзиусови од Парискиот договор, стои во соопштението на Мрежата на климатска акција на Европа.

Според Мрежата, земјите во регионот се меѓу климатски најранливите во Европа, додека јагленот сè уште доминира во производството на електрична енергија, а планирањето за приспособување кон климатските промени останува фрагментирано.

Во исто време, регионот се обврза на климатска неутралност до 2050 година и се очекува да се усогласи со климатското законодавство на ЕУ како дел од своите амбиции за пристапување. Циклусот на НДЦ 2025–2035 нуди критична можност за усогласување на националните климатски планови со овие обврски и поддршка на системската трансформација во сите сектори.

Дополнително, како што се приближува COP30 во Белем и глобалната амбиција е во центарот на вниманието, регионот има навремена шанса да демонстрира лидерство и цврста посветеност на климатската правда – и дома и на меѓународна сцена.

За да послужат НДЦ-та како инвестициски планови, земјите од Западен Балкан мора да го наведат и износот и видот на потребните финансии.

-2035 година ја означува средната точка помеѓу моментот кога повеќето земји почнаа да ги спроведуваат своите НДЦ-а во 2020 година и кога многумина, како земјите во Западен Балкан, ветија дека ќе достигнат нето-нула емисии до 2050 година- изјави Кјара Мартинели – директорка на CAN Europe.

Таа истакна дека сега е речиси последната можност да се консолидираат националните планови и да се обезбеди јасна визија што би се справила со два главни предизвици во Западен Балкан – поставување доволно високо ниво на амбиција за да биде веродостојно постигнувањето декарбонизација до 2050 година и воспоставување компатибилен временски рок за постепено отстранување на јагленот.

Новиот документ за јавни политики на CAN Europe и граѓанските организации членки во регионот на Западен Балкан, ги истакнува клучните очекувања за Национално определените придонеси од 2025 година, врз основа на упатствата за НДЦ 3.0 на CAN International.

Документот, како што се наведува во соопштението на CAN Europe, идентификува конкретни активности потребни за зголемување на амбицијата и кредибилитетот, обезбедувајќи еднаквост, учество и финансирање во националните планови.

Клучни препораки што произлегуваат од документот се – Усогласување помеѓу науката и правичноста, утврдување на цели за намалување на емисиите на ниво на целата економија за 2030 и 2035 година во согласност со патоказите за 1,5 степени Целзиусови и принципите на фер удел, односно поднесување долгорочни стратегии во согласност со целта за постигнување на домашни нето-нула емисии најдоцна до 2050 година.

Натаму, фазно укинување на фосилните горива – крај на субвенциите за јаглен и експанзијата на фосилните горива.

-Сите земји мора да се обврзат на целосно постепено укинување на јагленот до 2040 година и брзо зголемување на енергетската ефикасност и системите за обновлива енергија, штитејќи ги човековите права – стои во документот.

Во него се додава и планирањето на праведна транзиција, при што владите мора да ги поддржат заедниците зависни од јаглен и да обезбедат социјален дијалог, со интегрирање на заштитата на работната сила и мерки за климатска родова рамноправност во националните планови за транзиција.

Се споменува и засилување на адаптацијата, при што сите НДЦ мора да вклучуваат цели за приспособување кон климатските промени  (адаптација) усогласени со националните планови за адаптација и да ги одразуваат ризиците специфични за регионот, вклучувајќи поплави, шумски пожари и суши.

-Овозможување на учество и заштита на правата НДЦ мора да вградат пристап базиран на права и да гарантираат значајно учество на сите засегнати страни, вклучувајќи ги младите, жените и засегнатите заедници, во процесите на планирање, имплементација и следење. Мобилизирање на финансии: НДЦ мора да функционираат како инвестициски стратегии. Земјите треба јасно да ги дефинираат финансиските потреби и приоритети и да го подобрат пристапот до финансирањето на ЕУ за климатски промени, но и меѓународните механизми за поддршка – стои во документот.

Координаторката за климатски и енергетски политики Фросина Антоновска посочува дека за регионот на Западен Балкан, важно е да се препознае како национално определените придонеси можат да ги поддржат националните развојни цели покрај самото ублажување на климатските промени.

Во февруари 2025 година, Црна Гора стана првата земја во регионот што го поднесе својот ажуриран НДЦ, додека Косово го усвои својот прв доброволен придонес. Овие случувања покажуваат дека лидерството е можно – но сите земји од Западен Балкан мора да продолжат со работа на ажурирани и зајакнати НДЦ во наредните месеци, стои во соопштението на Мрежата за климатска акција на Европа.