Центарот за развој на фотографија од Белград, во соработка со Музејот на градот Скопје, ги кани сите млади фотографи да бидат дел од регионалниот проект што ги собира експертите и фестивалските фотографии од Србија, Црна Гора и Македонија. Станува збор за работилници што се фокусираат на моќта на документарната и ангажирана фотографија, но ги следи и современите предизвици – од етика во ерата на вештачката интелигенција до дигитална видливост и преглед на портфолија.
– Оваа програма опфаќа интензивна менторска работа во текот на 10 работилници со искусни предавачи и ментори. Продуктивна задача на одбрана тема што ќе ти помогне да развиеш кохерентен авторски труд. Јавно претставување на завршна мултимедијална изложба во Скопје. Објавувања на твоите трудови на дигитална платформа, која ќе ја видат кустоси, уредници и поширока публика од целиот регион. Менторска поддршка во професионалниот развој и подготовка на портфолија. Можност да бидеш дел од регионална мрежа на фестивали, фотографи и кустоси. Поддршка во етичко и креативно користење на вештачката интелигенција и фотографија. Сертификат за учество и поддршка за понатамошен професионален развој. Оваа програма е единствена можност да стекнеш професионално искуство и да ги развиеш авторскиот стил и израз. Твојата работа ќе овозможи видливост надвор од границите на Македонија, ќе можеш да се поврзеш со важни актери на фотографската сцена во земјата и регионот – фотографи, кустоси, претставници на фотоздруженија и директори на фестивали за фотографија – дополнуваат од организацијата на програмата.
Работилниците се наменети за сите што се занимаваат со фотографија – студенти, членови на фотоклубови, самоуки автори што објавиле или не објавиле свои дела досега. За учество во оваа програма се поважни сериозната мотивација и желба за професионален развој отколку нивото на кое сте во моментов. Работилниците се одржуваат од 12 до 30 мај во Музејот на градот Скопје. Програмата ја води тим од реномирани експерти со големо искуство со фотографијата и едукацијата: Александра Ристовска, Владимир Јовановски, Сашо Алушевски, а гостин предавач е Звездан Манчиќ, директор на меѓународниот фестивал на фотографија „Визуализатор“ од Белград. С.Ј.