Валбурга Батева Николоска

Замислете си дека живеете во некоја прекрасна, малечка (а голема) земја, каде што Господ со мерак ги истурил сите рајски убавини. Земја во која сонцето не сака да зајде и трае, трае… Земја во која камен да посееш – плод раѓа. Земја што со векови изнедрува добри синови и ќерки, кој од кого поумен, поталентиран и поспособен за големи дела.
Замислете дека судбината ве благословила да се родите на место во кое природата е облечена во сите бои на виножитото, а историјата ги испишала најважните страници од европската епопеја. Земја каде што песната е и болка и лек, а традицијата корен на небесно човекољубие и непобедливи срца. Замислете си дека сте растеле во библиска земја со најволшебно име и најопеана љубов.
Си замисливте? Нема потреба. Вие веќе живеете во таа земја! Вие сте нејзини деца, а таа е вашата мајка херој, која ве доела со чудесен, непобедлив дух и ве растела со исконски непокор во душата. Ве учела да не веднете глава пред сабјата на душманот и да запеете токму кога е најтешко. Ви всадила здрав инает во коските и моќ да му покажете на овој неправеден свет дека не постојат мали луѓе, туку само ситни души. Дека не постојат превисоки летви, туку прениски амбиции. Сте имале среќа да се родите во земја каде што сѐ уште опстојува нормалноста, каде што Александар е машко, а Александра женско. Каде што домашното воспитување оди рака под рака со училишното – па така, или од вас ќе биде човек, или ќе биде нечовек (читај просечен денешен модерноевропеец).
И тука веќе ќе се побуните, ќе реагирате со несогласување, па ќе си речете: „Е, како да не, уште да беше така! Оваа многу почна да тресе зелени“. Ако, не се лутам, ваше право е да се конфронтирате со моите размислувања, во тоа е и убавината на секоја наша уникатност – секој да има свој став и однос кон нештата. Знам и дека експресно ќе ви паднат на ум безброј работи што не чинат кај нас, како и една купа проблеми и нерешени прашања. Знам оти ви пука филмот заради политика, доктори, неправди, шалтери, патарини, ниски пензии и високи цени по рафтовите… И уште мал милион саклети што не ви даваат да заспиете и да се разбудите на раат.
Да, така е, ништо во оваа наша Македонија не е совршено. Ништо не е како под конец, ништо не оди како подмачкано. А сепак, сите добро знаеме дека совршен е само ЕДЕН, кој не е физички присутен меѓу нас, но насекаде е. Тој во својата (за нас несфатлива) божествена промисла креирал земја во која несовршеностите се кренати до степен на совршеност.
Зарем тоа не е прекрасно? Да знаеш дека не си совршен, а сепак во себе да содржиш нешто совршено! Како небото над Македонија, полно со прерано летнати ангели. Како хуманоста што ќе дојава на еднорог во најцрниот час на ноќта. Како привилегијата да се плаче насмеан.

Како гордоста што ни блика во душичката заради уште едно европско првенство, на кое по теренот ќе „танцуваат“ ракомет нашите млади лавови – оние што немаат респект кон божемни големци и не се плашат да подметнат глава онаму каде што ни нога не се подметнува.
Што сакаш поголемо совршенство од нив? Старата дама со лесен морал (која се крстила себеси Европа, а повеќе ѝ личи името Северна) повторно ќе мора да ги гледа и трпи (без мерак, оти ѝ ја тепаат ароганцијата и ги фрлаат во депресија нејзините „совршени“, ептен скапи голмани) нашите деца, нашата гордост и среќна иднина.
И којзнае по кој пат ќе мора да се соочи со фактот дека ние не сме и никогаш нема да бидеме план Б. Дека никогаш веќе нема да газиме врз сопственото битие и нема да дозволиме бесплатно да ги лечиме туѓите комплекси и илузии. Планот Б е за лузери, а како може да биде лузер некој со таква историја, традиција и умешност? Со толку гладна волја за победа? Со ваков гигантски инает? Ама, ви се молам, таа работа ниту ја бива ниту ќе ја биде!
Од друга страна, знам дека ни доаѓа да викнеме од врвот на планината, знам дека нервите ни се истенчени до фаза на кинење, но ќе мора да бидеме трпеливи уште некое време, додека континентот по кој пекаме (зошто, бре, та ние сме од искона дел од него) не ѝ влепи понекоја воспитна на една поголема (ама ептен поситна) држава, оти, очигледно, ќотекот од рајот излегол само заради ваквите како неа. Ќе бидеме трпеливи оти нема да ни е првпат, оти многу мршојадци на живо кинеле од нашето месо, а тоа, за нивна секирација, секогаш се регенерирало и станувало сѐ пожилаво за нивните заби. Трпеливоста ќе нѐ дружи уште малку, тамам до мигот кога светов полн со некадарници, лингури и хиени конечно ќе ја научи најважната животна лекција: Убавицата никогаш нема да стане ѕвер! Македонија е убавицата, ви текнува? Оваа убавица многу ѕверови ја сакале во минатото, ама сите си ги скршиле забите од неа. Историјата ќе му се повтори и на денешниот ѕвер, колку и да ги остри забите пред сочноста на пленот.

Неизбежно ќе му светне вистината дека историјата не простува и дека многу болат ударите на нејзиниот камшик. Кутар ѕверу, тркалото ќе сврти и твојата глава ќе нурне во калта. Со уста полна кал, нема да можеш да зборуваш лаги и гнасотии. Тргни ги шепите од убавицата, додека не биде предоцна за твоето спасение. Мавни ѝ се од пред очи!
Вистина е, отсекогаш сме биле под нечиј удар. Вистина е, никогаш не сме доживеале фер судење. Сепак, еднаш мора да се наместат коцките по ред. Ајде, Македонци мои, навикнати сме ние на патеки со трња, што е за нас уште едно трнливо патување? Та не сме сите од стакло, па тукутака да се скршиме! Оној што го гледал мракот в очи не се плаши да трча кон светлината. Ајде, потомци на јунаците, се навикнавме да стоиме во чекалницата на правдата, кај и да е, некој мора да ја отвори портата.
Без гајле, лицемерни судии, стари чекачи сме ние.
Замислете си дека живеете во најволшебната земја на светот. А потоа изговорете ѝ го гласно името. Веднаш штом ќе ги отворите очите, ќе ви олесни, ќе се насмевнете пред огледалото и ќе си речете: „Еј, дома сум, во Македонија!“