Соединетите Американски Држави и Израел водат неформални разговори за тоа Вашингтон да предводи привремена управа во Газа по крајот на војната, објави денеска новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на извори запознати со дискусиите.
Информацијата ја пренесе и „Тајмс оф Израел“ кој неведува дека „според пет извори, кои побарале да не бидат именувани бидејќи не се овластени да зборуваат за темата, разговорите се фокусираат на формирање преодна власт под американско водство за администрирање на Газа, сè додека не се постигне демилитаризација, стабилизација и создавање одржлива палестинска администрација“.
Разговорите се во рана фаза и засега не се одредени рокови за времетраењето на ваквата управа, укажуваат изворите кои ги цитира Ројтерс.
Изворите го споредија предлогот со Коалициската привремена власт во Ирак што Вашингтон ја воспостави во 2003 година, кратко по инвазијата предводена од САД со која беше соборен Садам Хусеин.
Други земји ќе бидат поканети да учествуваат во владата предводена од САД во Газа, велат изворите, без да наведат кои се тие држави и додаваат дека „администрацијата ќе се потпре на палестинските технократи, но ќе ги исклучи Хамас и Палестинската самоуправа, која има ограничена власт во окупираниот Западен Брег“.