Американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид.
Ова денеска го обелодени директорот на Националната установа „Охридско лето“ , Ѓорги Цуцковски, на прес-конференција на која беше промовирана програмата на годинешното фестивалско издание.
– За свеченото отворање под наслов „Трансформација на сетилата“ со особена чест ги најавувам, Едвин Оутвотер диригент, Клер Хуангчи пијано од Соединетите Американски Држави, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер. На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии.При конципирањето на програмата запазени се највисоките критериуми на фестивалот со што со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид. Би ги издвоил најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот како и легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре како и многи други.Особено сум горд на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија како и на оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто.Претстава за деца, како и два џез концерти меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот Џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути претставуваат збогатување на програмата со тенденција да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели – најави директорот Цуцковски.
Првиот човек на НУ „Охридско лето“ соопшти и дека годинешното јубелјно 65. издание на фестивалот ќе биде одбележано со богата роденденска програма.
– „Охридско Лето“ првпат излегува од рамките на познатите сцени со што на 3. август го презентираме мега спектаклот Кармина Бурана – Симфонија на Битовите во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена заедно со познатото електронско дуо IDQ од Република Србија со што воедно ќе ја започнеме и прославата по повод роденденот на фестивалот, кој идниот ден ќе биде прославен онака како што и е формиран, со рецитал на оперска пеjачка, тогаш истакнатата Ана Липша – Тофовиќ, а сега со нашата примадона со најголема интернационална кариера и бисерен глас, Ана Дурловски – појасни директорот Цуцковски.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков потенцира дека „Охридско лето“ е едно од најзначајните културни случувања во нашата земја.
– „Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореноста кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја. И оваа година, фестивалот ќе донесе програма која го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвора вратата за нови културни перспективи. Како што истакна и директорот, ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но солисти, оркестри, и македонски имиња кои блескаат на светските сцени, солисти, оркестри, театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби – кажа министерот Љутков.
Според него „Охридско лето” е и голем двигател на туризмот, фестивал, кој не само што промовира културата, туку и го поттикнува културниот туризам, ја јакне економијата и ја позиционира Македонија на културната и туристичка мапа на Европа и светот.
– Во текот на фестивалските денови, Охрид станува центар на меѓународно внимание. Илјадници посетители, туристи, љубители на културата, уметници и медиуми доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата – рече тој.

Како што рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Симона Ѓорчева, музичката програма годинава ќе понуди 29 музички настани со учество на повеќе под 300 уметници од САД, Кина и Европа. Целта,според неа, е да се создаде платформа за културна размена на врвно ниво, со уметници чиј втор дом се најреномираните светски концертни сали.
– Програмата ја изработивме со огромен и интензивен ангажман, во тесна и секојдневна соработка со сите засегнати страни и институции, постојана размена на идеи и информации, како и детално усогласување на музичко-културните аспекти и особености со директорот Цуцковски. Благодарение на оваа динамична тимска работа, за рекордно кратко време успеавме да составиме програма која, верувам, ќе ја одобри и ќе ја воодушеви и публиката – рече Ѓорчева.
Според селекторот на драмската програма Ненад Витанов,фестивалот „Охридско лето“ е конципиран како меѓународна уметничка платформа за промоција и изведба на најдобрите уметнички дела од Македонија и светот.
– Оваа година во драмската програма ќе имаме чест да проследиме мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар, постановки на мајстори на режисерскиот занает, визуелни слики кои креираат нов свет пред нашите очи. Сигурен сум дека ќе биде провокативно и инспиративно за театарската публика да се проследат дејствијата на претставите кои се протегаат низ пет векови актуелизирајќи ги одново вечните човекови сомнежи, копнежи, идеали, разочарувања, воздигнувања, стремежи, очекувања, откажувања, борби, победи, порази, уверувања, жртвувања, мечтаења, соништа…- кажа драмскиот селектор Витанов.
Како и музичката, и драмската програма ќе понуди незаборавни мигови за публиката од сите возрасти. Годинава на „Охридско лето“ ќе бидат одиграни две премиери, театарската претстава „Амадеус“ во продукција на Турски театар Скопје и театарската претстава „Рута“ во продукција на Драмски театар Скопје, а европска премиера ќе има и театарската претстава „Електра“ во продукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“. Покрај тоа што најмладата публика ќе ужива во театарската претстава на ОХО Продукција, сите уживатели на театарот ќе имаат можност да ја видат претставата која е најнаградувана годинава и воедно е и претстава на годината, „12“ во продукција на Македонски народен театар. Ќе биде изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова и со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот. Годинава генерален спонзор на „Охридско лето“ е А1 Македонија. Како што најави директорот Цуцковски, годинешната тема е „Уметноста трансформира“ што укажува на моќта на уметноста да го променува општеството, да инспирира и да создава нови перспективи. Охридскиот паун, препознатлив симбол во македонската култура и традиција, ќе биде идејно решение за 65. фестивалско издание, а „Охридско лето“ го изработи заедно со маркетинг агенцијата „Идеа Плус“.
На денешната прес-конференција, Цуцковски се заблагодари на министерот за култура Зоран Љутков, на главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, на Општина Охрид, на Амбасадите на странските држави кои го поддржуваат фестивалот, на медиумите, како и на селекторите на музичката и драмската програма на фестивалот, Симона Ѓорчева и Ненад Витанов и на тимот на фестивалот „Охридско лето“.
Програмата на 65. „Охридско лето“ од денеска ќе биде објавена на веб-страницата на фестивалот, а билетите наскоро ќе бидат пуштени во продажба на билетарницата на „Охридско лето“, како и електронски на купикарта.мк и рувиво.мк.