Движењето ЗНАМ формира преговарачки тим за соработка со политичките партии и нормално е дека ние во рамките на владиното партнерство веќе ги почнуваме разговорите со нашиот владин партнер ВМРО – ДПМНЕ. Во делот за настапот на локалните избори, партиското раководство размислува за самостоен настап на ниво на советнички листи, а во делот на соработка за избор на кандидати за градоначалници во општините, размислуваме за соработка и заемна поддршка со ВМРО – ДПМНЕ. Меѓутоа, секако, кандидатите на ЗНАМ ќе бидат кандидати самостојни на ЗНАМ, поддржани од ВМРО – ДПМНЕ и нивната коалиција. Ова го истакна денеска на прес-конференција, портпаролот на движењето, Никола Мемов.
Засега било разговарано исклучиво со коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ, „За подобра Македонија“.
На новинарско прашање, дали е можна поддршка и коалиција со некоја друга партија, тој одговори дека, конечниот заклучок и соработка за евентуална таква поддршка на локалните избори, ќе било одлучено од органите и телата на партијата.
Запрашан дали актуелниот министер за здравство Арбен Таравари треба да биде надвор од владиниот кабинет, по превирањата во „Вреди“, рече дека ставот на ЗНАМ е многу јасен, дека тоа е внатрешно прашање на коалицијата „Вреди“, а останувањето на партијата на Таравари зависело од ставот на премиерот.
Мемов, исто така, се осврна и на заклучоците донесени на последната седница на централниот одбор на „ЗНАМ“ – „За наша Македонија“.
– Почнувајќи од утре, во рамки на кампањата „Заедно повеќе знаеме“, во следните 60 дена партиското раководство, сите избрани и именувани функционери од движењето ЗНАМ, ќе ги посетат сите општини во Република Македонија и ќе одржат средби со сите членови, симпатизери, но, исто така и граѓани, со цел директно да се запознаат со проблемите на граѓаните, но и да се слушнат нивните предлози, сугестии и мислења, што ќе послужат за креирање на програмата за претстојните локални избори. Како и секогаш, движењето ЗНАМ, своите политики ги гради на транспарентен начин, демократски и во соработка со граѓаните – рече Мемов.
Во програмата на движењето за локалните избори, главниот фокус ќе бил на решенија за подобар локален живот – урбанистички планови, инфраструктурни проекти и транспарентно управување со општинските буџети.
На средбите, заедно со граѓаните ќе била извршена соодветна анализа, по што ќе следувала и идентификација на квалитетни кадри – кандидати за градоначалници и кандидати за советници, кои можат да направат вистинска разлика на локално ниво.
Во таа насока, формирани биле четири каравани што, како што беше кажано, ќе ги предводат претседателот Максим Димитриевски, генералниот секретар Горан Минчев и двајцата потпретседатели – Весна Бендевска и Павле Арсовски.
– Донесена е одлука за оддржување на втор изборен конгрес на движењето ЗНАМ, каде ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централниот и надзорниот одбор. Конгресот ќе биде оддржан во втората половина на месец јуни. Донесена е одлука за формирање на градската организација на движењето ЗНАМ, а изборната конференција преку соодветна процедура што ќе започне со предлози во скопските општински организации ќе биде одржана кон крајот на мај – истакна тој.
Донесена била одлука за формирање тим за преговори и евентуална соработка со други политички партии за претстојните локални избори. Тимот ќе го предводел Горан Минчев, генералниот секретар на партијата, а во него ќе учествувале потпреседателите Весна Бендевска и Павле Арсовски. За директор на центарот за комуникации и аналитика бил избран досегашниот портпарол на партијата, Никола Мемов.
– Движењето ЗНАМ досега има формирано повеќе од 50 општински организации во Република Македонија. Бројот на членови интензивно се зголемува и тоа е јасен показател и силен индикатор дека граѓаните ги препознаваат политиките на движењето ЗНАМ. Со тоа се докажува дека движењето е најбрзо растечка политичка сила во државата – подвлече Мемов.