Фото: Горан Анастасовски

Празник свечен

Откога знам
кога и јас бев дете,
ова е празник свечен.

Со трепет се очекува,
со срце се пречекува.

Дома по скалите:
– Црвените килими,
најубавите!

Сите домови отворени,
честитките повторени:
– Христос воскресна.
Навистина воскресна!

Во кошничките
шарени јајца, исцртани со мерак.
Уметнички дела.

Децата велат:
– Ајде на кршење.
Врвот со врвот!
Па чие јајце ќе се скрши прво!

Сѐ е во сончевина,
мирисливо и занесно.
И овој Велигден,
за децата најрадосно.

Васил Мукаетов

Велигден

Бабооооо, дедооооо!!!
„Ај не стојте здрвени,
дојдете да видите
чудото се случило –
нашите бели кокошки снеле јајца
црвени!“

– Гледам внучко! – баба Ката
го смирува Веле,
„но погледни во ќошето
и зелени снеле!“

– Што е ова?“ – збунет Веле
глава врти, чешка,
се вртеше ваму-таму
и си вели: „Грешка, грешка!“

Но штом зора фрли зраци
и петелот кликна
– „Станувајте, Велигден е!“
баба Ката викна.

И тогаш на внукот Веле
сѐ му стана јасно,
„Значи баба ги вапсала!“
викна Веле гласно.

Стојан Арсиќ

Велигденска
радост

Во градина Витлеем
цвет на надеж никна,
в Ерусалим воскресна,
милна песна бликна.

Велигден е светол ден,
празник – букет китен,
ајде свет да градиме
топол дом за сите.
Се гласат камбаните,
храмот божји сјае,
Христос ни порачува
секој добар да е.

Со радост велигденска
Исус глас ни праќа:
в срце љубов, добрина,
сите да сме браќа.

Блажена мајко Маријо,
светот ти благодари,
роди чедо бесмртно,
Божји син му подари!

Перо Миленкоски

Велигден во гората

Денес уште рано, рано
Пред да пукне зората,
Шумскиот поштар – Зајко,
Разнесе вест низ гората:
Велигден е на прагот
Не заборавај шумски свете!
Не заборавај јајца да вапсаш,
Да набереш здравец – цвете!
Ранобудната Верверичка
Прва веста ја слушна.
Ги разбуди своите дечиња
Ги погали и нежно ги гушна.
Потоа со кошничето в рака
Скокајќи од гранка на гранка
Појде да побара јајца –
Од сосетката Фазанка.
И вредната мајка Зајачица
Китка здравец дома довлече,
Ги избања своите малечки
И во свечена облека ги облече.
Пред мракот Зајакот гласник
На врвот од ридот појде:
Подготвено сѐ е! – викна –
Велигден може да дојде!

Киро Донев

Фото: Маја Јаневска-Илиева