Општина Дојран преку ЈПСЈДП „Тауријан“ почна да нуди и да реализира тури за прошетка на гости и посетители што престојуваат или имаат намера да го посетат ова туристичко место. Станува збор за три тури што им се нудат на организирани групи од минимум 10 члена за кои јавното претпријатие овозможува туристички водич и опрема.
Првата тура е по должината на Дојранско Езеро и е наречена езерска. Таа ќе се практикува со електрични велосипеди и посетителите ќе се движат од амфитеатарот до Калдрма по патеката со неколку точки на застанување каде што ќе бидат информирани за езерото, неговиот биодиверзитет, а од стари и искусни рибари ќе дознаат за традиционалниот начин на рибарење во Дојран.
Втората тура е пешачка и е именувана културнo–историска тура. Се почнува од црквата „Св. Илија“ и туристите шетаат по патеките од Калдрма до манастирот „Марија Магдалена“, па од таму до Турската бања, која се реставрираше, па до Саат-кулата, која се подигна, и се завршува кај природно-историскиот музеј каде што посетителите може да видат историски експонати, но и богата флора и фауна од езерото.
Третата тура е целодневна до фронтовата линија од Првата светска војна, за која има интерес од посетители од Англија, Бугарија и од Србија преку туроператори. Оваа тура нуди можност за истражување старите ровови и бункери, како и раскажување за воената тактика што била користена. Посетителите имаат можност да уживаат во прекрасните планински предели и поглед кон езерото од повисоките точки.