Фото: Европска шаховска унија

Пред почетокот на третото коло, во понеделникот, организаторот на овој настан со едноминутен молк им оддаде почит на жртвите од трагичниот настан во Кочани, пишува Европската шаховска унија. На ЕП 2025 играат 375 шахисти од 40 држави. Боите на Македонија ги бранат Филип Панчевски, Тони Лазов, Емил Ристески и Роберт Велески

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РОМАНИЈА

Во романскиот град Ефорие Норд продолжува 25-то поединечно Европско првенство (ЕП) во шах, на кое учествуваат и четворица македонски претставници. Пред почетокот на третото коло, во понеделникот, организаторот на овој настан со едноминутен молк им оддаде почит на жртвите од трагичниот настан во Кочани, пишува Европската шаховска унија (ЕЦУ). Притоа вицеамбасадорот на Австрија во Романија, Рудол Шац, и генералниот секретар на Романската шаховска федерација, Габриел Греческу, им се обратија на играчите и на гостите, а потоа симболично го одиграа првиот потег во партијата помеѓу велемајсторите Доменик Хорват од Австрија и Данил Јуфа од Шпанија, пишува ЕЦУ.
На ЕП 2025 настапуваат 375 шахисти од 40 држави (100 ВМ, два ЖВМ, 75 ИМ, девет ЖИМ, 72 ФМ, осум ЖФМ), од кои 42 со рејтинг над 2.600 поени, а прворангиран е велемајсторот (ВМ) од Романија Богдан Даниел-Деак (2.692). Предвидени се вкупно 11 кола.
Боите на Македонија на годинашното поединечно континентално шаховско првенство ги бранат интернационалните мајстори (ИМ), Филип Панчевски (2.421, рангиран 152. пред почетокот на ЕП 2025), Тони Лазов (2.400, 167.), Емил Ристески (2.365, 183-ти) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.092, 309-ти).
Во третото коло на шампионатот тие освоија вкупно три поени од можни четири, забележувајќи по две победи и ремија. Цел поен впишаа Панчевски, на дуелот со ИМ од Луксембург Фред Беренд (2.219, рангиран 253-ти) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Велески, на мечот со Белгиецот Роман де Винтер (1.766, рангиран 364-ти). Во третото коло ремизираа Лазов, на средбата со ВМ од Турција, Вахап Санал (2.557, рангиран 60-ти) и Ристески, со ВМ од Норвешка, Елхам Амар (2.533, 80-ти).
По три одиграни кола, Лазов е 74-ти на табелата, Панчевски е 137., Ристески е 150-ти, сите со по два поена, а Велески е 298. со еден поен. Засега во водство се четворица шахисти со по максимални три поени, предводени од чешкиот ВМ Давид Навара (2.663, рангиран седми пред ЕП 2025). Г.И.