Фото: „Нова Македонија“

Денеска Брисел ја претставува својата европска визија за т.н. единствен пазар за одбрана, вклучувајќи ја и Украина

Европа се подготвува за динамично и силно вооружување, вклучувајќи и за Украина! Зарем навистина либерална Европа сака продолжување на војната во Украина? Американскиот претседател деновиве уште еднаш нагласи дека не им верува на своите европски сојузници во нивното тврдење за претстојна „руска агресија на Европа“. И покрај сѐ, сепак, Брисел денеска претставува документ наречен „Бела книга“ за своите претстојни активности за вооружување. Што се случува со „либерална Европа“? Зарем воените хушкачи ги победија миротворците во Европа?
Денес Европската комисија ќе ја објави својата „Бела книга за создавање иден единствен пазар за одбрана“. Имено, „Бела книга“ во терминологијата на ЕУ е документ што содржи предлози за претстојните активности и патоказ за имплементација во одредена тематска област, овој пат тоа е во наменската, воена индустрија. Во документот што треба да биде претставен денес, европската влада (Европската комисија – ЕК, на чело со Фон дер Лајен) идентификува седум области во кои има најголема дисхармонија во европската воена индустрија и во кои земјите од ЕУ треба сами да ги одредат своите приоритети за трошење и имплементација.
Во нацртот на „Белата книга“ што им беше достапна на новинарите, Европската комисија (ЕК) поставува визија за „единствен пазар за одбрана“, вклучувајќи ја Украина, за „да им помогне и да ги охрабри земјите членки да произведуваат и купуваат повеќе едни од други за да ги пополнат моменталните критични празнини во оперативноста и воените капацитети“. Европската комисија во својата „Бела книга“ најпрво ги идентификува клучните недостатоци, потоа препорачува изградба на стратегиски акции, повикува на интеграција на украинската воена индустрија во европската воено-одбранбена индустрија, а исто така ги детализира плановите за поедноставување на деловните правила во овој сектор.

Заедничко набавување одбранбена технологија и воена опрема, а европската влада (ЕК) би имала улога на централен воен трговец и логистичка поддршка

Слично на моделот на снабдување на Европа со вакцини против ковид-19 за време на пандемијата на коронавирусот, европската извршна власт ја застапува идејата за „заеднички одговор на кризата“, вклучувајќи и заедничко набавување одбранбена технологија и воена опрема. Приоритетната цел е да се пополнат многу „критични празнини“ во можностите на земјите како што се: беспилотни летала, орудија и технологија за противвоздушна одбрана и муниција и да се избегне зависност од неевропски доставувачи.
„Само заедно земјите членки ќе можат да направат разлика“, се наведува во нацртот на „Белата книга“, во која имаа увид некои наши колеги, а чија официјална верзија ќе биде претставена денеска. Доколку сѐ оди според планираното, покрај улогата на Генералштабот (бидејќи покрај Воената команда во Брисел, за првпат има и комесар за одбранбени прашања), токму Европската комисија би имала и улога на централен воен трговец и логистика.

Итно и невидено вооружување на Европа заради: одвраќање на Русија, заканите од Кина, оддалечувањето на Африка од Европа и технолошко фаќање чекор со САД

Аналитичарот Зекиријах Смајиќ вели дека воинствената и авторитарна Урсула фон дер Лајен ужива во вакви улоги, па нема сомнеж дека и денеска, при претставувањето на овој стратегиски документ, ќе биде така.
– Особено што во последно време сè повеќе се осврнува на нејзиното долгогодишно министерско искуство на чело на германското министерство за одбрана, со кое не се прослави. Се разбира, во овој моментално работен документ на 20 страници се заговара итно и невидено вооружување пред сѐ заради одвраќање на Русија, но и поради заканите од Кина, оддалечувањето на Африка од Европа и технолошко фаќање чекор со европските ривали, вклучувајќи ги и САД – вели аналитичарот Смајиќ за „Геополитика“.
Според Смајиќ, во „Белата книга“ се наведува дека ЕУ на овој начин ќе може „да се спротивстави на ужасната ремилитаризација на Европа, најголемата и најопасна од времето на нацизмот, со поддршка, зајакнување и промовирање на индустриските капацитети низ ЕУ; преку обезбедување на снабдување со критични инпути и намалување на зависностите; со отстранување на пречките за движењето на постојните одбранбени правила и ублажување на нашите услуги, истражување и развој за поттикнување на иновациите и преку промовирање на иновациите, вештините и експертизата во одбранбениот сектор“.
Во обид да ги убеди земјите членки дека одбранбената политика останува клучна национална надлежност, европската влада (Европската комисија) смета дека „земјите членки ќе останат движечка сила за одбрана, додека улогата на Европската Унија во овој, како и нејзиниот единствен пазар, ќе биде само нова додадена вредност во зајакнувањето на нивните национални воено-индустриски капацитети.
Аналитичарот Смајиќ тврди дека „ова е многу опасна, избрзана дерегулација на европскиот систем на единечен пазар, каков што го знаевме досега, а останува да се види како ќе се одрази понатаму“. Досега, според аналитичарот, големи пакети финансиски средства биле великодушно канализирани во локални заедници, во хуманитарни организации, за земјоделски производи, во проекти за културна соработка, сè до размена на студенти и учење странски јазици.
– На сето ова му дојде крајот – вели тој најавувајќи дека претстои нов период во кој ќе разработи три хипотези. За нив ќе пишуваме во наредниот број на „Нова Македонија“.

П.Р.


Смајиќ: Безумното европско лудило за оружје

Додека сѐ повеќе европски земји ги зголемуваат инвестициите и во сопствените воени индустрии и во одбранбените капацитети на НАТО, Трамп не се откажува од своите барања од првиот мандат дека овие распределби во сите членки на Алијансата „треба и мора да бидат многу поголеми отколку што беа досега“. Тоа го повтори и во четвртокот додека седеше пред неосветлениот камин во Овалната соба со генералниот секретар на НАТО. Со добра причина, затоа што Руте во моментов е најсигурниот европски „суфлер“ на Трамп, кој веднаш по преземањето на функцијата есеноска го зголеми обемот на барања за распределба на сојузничките армии на 3,5 до дури 5 проценти од годишниот буџет – иако ни самите САД не издвојуваат толку годишно. Руте во истата пригода ги повика европските сојузници да ги зголемат инвестициите во воена опрема и персонал „за најмалку 130 отсто“.
Неколку земји што граничат со Русија, како Полска или Литванија, ветија дека ќе трошат повеќе од 5 отсто од својот БДП годишно. Германија предложи фонд за итни случаи и поголема флексибилност во актуелната европска политика за ограничување на годишниот долг за да одговори на променливите позиции на САД. Но Шпанија и многу други земји се двоумат дали да ги зголемат трошоците за одбрана, бидејќи, како Америка, ги тешат географската оддалеченост и океанските бариери меѓу нив и Русија. Бруталното зголемување на трошоците за одбрана е неочекувана и сосема нова ситуација за Европејците откако со децении американските даночни обврзници наместо нив се грижат за нивната одбрана и безбедност.
Одеднаш, Европа ја зафати бесмислена лудост со оружје, лудост од која, како и секаде на друго место, ќе профитираат воено-индустриските картели, а населението ќе стане пропорционално посиромашно. Минатата недела Европската комисија предложи флексибилност во фискалните правила, заеми и други начини за ослободување од 800 милијарди евра, што пркосно ќе го стави на исто ниво со САД, чиј годишен воен буџет е најголем во светот, а исто така беше околу таа големина минатата година.