Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вечерва дека на протестот одржан во центарот на Белград биле повредени вкупно 56 лица, но дека никој не претрпел повреди опасни по живот.
Вучиќ рече дека 44 лица побарале лекарска помош во Ургентниот центар, 11 во Клиничката болница Звездара и едно лице во Земун, но дека нема потешко повредени. Рече дека 22 лица се уапсени за сторени кривични дела против имотот и за напад врз полицајци и други луѓе за време на протестот.
Вучиќ рече дека се работи за голем протест и оти огромен број луѓе дошле од внатрешноста. Тој изрази задоволство што нема повредени иако бил одржан „голем протест со огромна негативна енергија, гнев и бес кон властите“.
-Горд сум на фактот што 99% од студенттите кои протестираа не сакаа инциденти. Не им мислам добро на оние кои ја прекршуваат уставно загарантираната слобода на движење. Не мислам добро на сите нивни политички дејствија, но задоволен сум затоа што сфатив дека овие млади луѓе, речиси сите, не сакаат да учествуваат во спроведување на мерки на насилство, сила или што било друго. И вечерва по првите инциденти, се разбира по меѓусебните расправии и по расправиите со опозициските активисти кои беа таму, тие го напуштија митингот и рекоа дека ова веќе не е наше, кога сфатија дека немаат контрола врз митингот – рече тој.
Во обраќањето демантираше дека се употребени воздушни топови на протестите.