Европскиот парламент деновиве усвои две резолуции за Украина: во едната од нив се залага ЕУ да обезбеди „силни безбедносни гаранции за Украина од руската закана“. Каков извонреден пример за европското лицемерство! Замислете, Брисел дава безбедносни гаранции за онолкава Украина, наспроти Вашингтон и Москва, а во исто време не може да даде гаранција за Македонија за уставните измени и заканите од Софија?! Тотална хипокризија на „старата дама“…
Свето Тоевски
Замислете, деновиве Европскиот парламент (ЕП) усвои две резолуции за Украина: во едната од нив се залага ЕУ да обезбеди „силни безбедносни гаранции за Украина од руската закана“. Од друга страна, ЕУ не сакаше да даде никакви гаранции дека уставните измени ќе бидат последно бугарско барање до Македонија, без оглед што се работи за нејзина земја членка!? Брисел ќе дава гаранции за Украина во процес во кој ниту е чинител ниту може да гарантира за нешто, што е надвор од нејзиниот капацитет. Како ЕУ ќе дава гаранции кога од другата страна се и Америка и Русија? Обезбедувајќи „силни безбедносни гаранции за Украина поради руската закана“, Брисел е само подготвен со умисла да вовлече некого (дел од Европа) во војна, и тоа да го жртвува оној дел од Европа што не одговара на концептот на неолибералната европска влада при претстојното реструктурирање на ЕУ во концептот на т.н. прва и втора европска лига. Тоа е само едно срамно неолиберално алиби на Брисел дека ЕУ се распаднала поради „источната закана“. Токму тоа алиби Брисел би сакал да биде и повод (прикажувајќи се како жртва) за да пронајде заеднички (безбедносен) именител со САД и да се врати на старите текови на соработка со Вашингтон. За САД да ја „бранат“! (читај, да троши пари Америка за безбедносен чадор, а Европа да ги насочува парите за богатење).
Навистина перфидна игра на бриселските либерали и огромно лицемерство кон другите помали држави, како што е Македонија.
Имено, недавањето гаранции за уставните измени за Македонија е уште еден доказ дека ЕУ нема намера да ја прима Македонија, туку само да ја држи на својата најдалечна периферија?! Еве, нели, ЕУ тврдеше дека не може да дава гаранции, а еве во случајот на Украина можела да дава гаранции!
Кога ЕУ сака да гарантира за нешто, или за некого, се потврдува дека може и сака да гарантира, ама за лицемерните еврократи во Брисел, Македонија не е ни малку важна, па да гарантира за нас. Има ли појасен доказ од сево ова дека ЕУ не ја сака Македонија во своите редови, односно нѐ замајува со евроинтеграции, но да се интегрираме во „Европа од вториот ред држави“?! Уште појасно кажано, дека ЕУ всушност сака само да ја држи Македонија на најдлабоката и најдалечна европска периферија, само да ја има под контрола? Не е важно во случајов колку гаранциите се ефикасни, туку самото (не) давање е дволичност!
И од друга страна сѐ погласни се дијагнозите за хипокризијата на „либерален“ Брисел. Лицемерноста на политиката на Европската Унија во процесот на нејзиното проширување со нови земји членки, која се пројавува толку драстично и во случајот со Република Македонија, е причина за многубројни критики, кои се слушаат од различни страни на европскиот континент, од нејзини членки, но и од редовите на академско-експертската заедница, острите критики на унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто за „крајната лицемерност на Брисел и некои земји членки на ЕУ околу проширувањето“. Блог-страницата „За Унгарија“ на 4 март 2025 година ја пренесе изјавата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто дека Брисел е лицемерен по прашањето за проширувањето на ЕУ во блок. „Брисел и неколку земји членки на ЕУ се крајно лицемерни кон проширувањето. Оваа лицемерност може да ги уништи привлечноста и доверливоста на ЕУ во Западниот Балкан. Ние сакаме да се спречи тоа“, беше категоричен шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во изјавата за медиумите на тогашната заедничка прес-конференција со Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи на Република Македонија, одржана во Будимпешта.
Натаму, во анализата со наслов „Дали избледува сонот за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, објавена на 7 февруари 2025 година, информативниот портал „Сина Европа“ ги пренесе критиките за лицемерниот пристап на ЕУ и нејзините институции кон стремежите за евроинтегрирањето на државите од Западен Балкан, кои ги искажа д-р Франческо Трупија, доктор по политичка филозофија и истражувач од Универзитетот „Николаус Коперникус“ од Торун Полска. Се забележуваат двојните стандарди на европските институции, кои оперираат во регионот, и лицемерството на најголемиот број проевропски актери. Ако ЕУ го забрза членството на Украина, а од друга страна ако продолжи да го одложува интегрирањето на државите од Западен Балкан, тоа би можело да ги зајакне перцепциите за двојни стандарди, поттикнувајќи фрустрација и поголема политичка нестабилност во регионот. Уште полошо, продолженото запоставување на Западен Балкан може да поттикне некои балкански држави да бараат алтернативни сојузи, како што веќе се случи во минатото, особено со Турција и Русија. Тоа ќе го поткопа стратегиското влијание на ЕУ. Или, пак, токму тоа Брисел одамна го сака, за да се ослободи од баластот на „Балканците“?!