Фото: Принтскрин / Илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски очекува морална одговорност од петте члена на Судскиот Совет, на кои вчера им беше изгласана недоверба од страна на Собранието. Мицкоски, како што денеска изјави, очекува тие да ги напуштат позициите, затоа што, како што рече, немаат кредибилитет да бидат на тие места.

– Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места – изјави Мицкоски, кој денеска беше на поставувањето камен – темелник на македонско – грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.

Во врска со изборот на нов јавен обивнител, премиерот додаде дека сѐ уште не се размислувало.

Вчера пратениците за време на собраниска седница изгласаа недоверба на петте члена на Судскиот совет – Тања Чачарова Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева, избрани од Собранието.

Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.