Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вкупно 11 лица се приведени во вчерашната акција на МВР спроведена во координација со ОЈО за ГОКК. Врз основа на обезбедени наредби од Основен кривичен суд извршени биле претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Битола и Кичево, кај правни и физички лица, во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати.  МВР информира дека едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно лице е со мерка притвор.

– До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила – стои во соопштението.

Од страна на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесена е кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички и едно правно лице и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с.Пласница и правно лице од Скопје.

МВР соопшти дека по насоки на надлежниот јавен обвинител ќе продолжи со преземање на понатамошни полициски активности и дејствија со цел обезбедување на други докази поврзани и со други кривични дела.

По претресите на повеќе локации низ државата поради сомнителни набавки на нафтени деривати, вчера дел од медиумите објавија дека е приведен сопственикот на РКМ и поранешен директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски.